Банки
Гувернерот Славески: Финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни во услови на зголемени ризици и дигитализација
На годишниот состанок на регионалниот проект за техничка помош во областа на финансиската едукација, поддржан од ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, што се одржува во Сараево во организација на Централната банка на Босна и Херцеговина, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за користење на предностите од финансиските услуги и за обезбедување сеопфатен раст.
„Во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост. Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порача гувернерот.
Тој зборуваше на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, на која учествуваа гувенерите на централните банки на Босна и Херцеговина и Молдавија, заменик-гувернерката на Грузија и вицегувернерот на Хрватска. Разговорот беше насочен кон улогата на финансиската едукација во зајакнувањето на економскиот раст, како и во справувањето со новите ризици предизвикани од дигитализацијата на финансиските услуги.
Гувернерот Славески нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство. „Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст“, додаде тој.
Во рамките на зголемувањето на вклученоста, Народната банка ги спроведува и активностите на иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор, заради намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемаштво. Во оваа иницијатива, покрај Народната банка, се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници.
Народната банка со своето учество ја потврди својата заложба за унапредување на финансиската едукација, дигиталната писменост и вклученоста, во услови на брзи економски и технолошки промени.
Банки
Стопанска банка и годинава поддржувач на „Галичка свадба“
Стопанска банка АД – Скопје и годинава е пријател и поддржувач на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, еден од најзначајните културни настани во Македонија.
Манифестацијата ќе се одржи од 10 до 12 јули во Галичник, каде повторно ќе оживеат традиционалните свадбени обичаи, народните носии и звуците на зурлите и тапаните.
Од банката посочуваат дека „Галичка свадба“ претставува симбол на љубовта, заедништвото и богатото македонско културно наследство, чии вредности се пренесуваат од генерација на генерација.

Со поддршката на настанот, Стопанска банка ја продолжува својата заложба за зачувување и промоција на традицијата и културните вредности.
Банки
Комерцијална банка предупредува на измамнички мејлови што содржат вирус
Комерцијална банка АД Скопје предупреди дека е забележана измамничка кампања преку која до граѓаните се испраќаат лажни пораки по електронска пошта.
Испраќачите лажно се претставуваат во име на Комерцијална банка, информираат за наводно извршено плаќање и испраќаат прикачен фајл што содржи вирус.
Од банката предупредуваат дека со отворање на фајлот, примателот се изложува на сериозен ризик, бидејќи може да се овозможи пристап до лозинки и други доверливи информации зачувани на уредот.
Граѓаните се повикуваат да не го отвораат прикачениот фајл и веднаш да ја избришат пораката.

Од Комерцијална банка посочуваат дека лажните пораки најчесто бараат итна реакција и се однесуваат на важни теми, како приливи или одливи на средства, опасност од губење пристап до сметка или слични предупредувања.
Ваквите пораки често содржат граматички и правописни грешки, поради што корисниците треба внимателно да ја прочитаат содржината и задолжително да ги проверат називот и доменот на електронската адреса на испраќачот.
Целта на ваквите измами е прибирање чувствителни податоци или инсталирање злонамерен софтвер на уредите, предупредуваат од банката.
Банки
Девизните резерви на Народната банка во јуни зголемени за два отсто на годишно ниво
Девизните резерви на Народната банка на Република Северна Македонија на крајот на јуни изнесувале 4,15 милијарди евра, што претставува раст од околу два отсто во споредба со истиот месец минатата година, кога изнесувале 4,07 милијарди евра.
Сепак, на месечно ниво е забележано намалување. Во однос на мај, девизните резерви во јуни се намалиле за 4,4 отсто, покажуваат податоците на Народната банка.
Вкупните меѓународни резерви на крајот на јуни изнесувале 4,94 милијарди евра, наспроти 5,21 милијарда евра во мај и 4,70 милијарди евра во јуни минатата година.
Од вкупните девизни резерви, 511,5 милиони евра биле во валути и депозити, додека 3,64 милијарди евра биле вложени во хартии од вредност.
Вредноста на монетарното злато во јуни изнесувала 780,5 милиони евра, што е повеќе во споредба со 620,55 милиони евра во истиот период минатата година, но помалку од 863,44 милиони евра регистрирани во мај.
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
-
Банкипред 1 месецХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 1 месецАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 1 месецКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни

