Uncategorized
Групацијата Иуте ги објавува неревидираните резултати за првата половина од 2023 година
Иуте групацијата со седиште во Талин-Естонија, водечка европска групација за лични финансии, неодамна од Иутекредит се ребрендираше во Иуте, посочувајќи дека отсега па натаму обемот на работа и услуги на пазарот оди надвор од рамките на кредитирање и ќе вклучува услуги за плаќање, банкарство и осигурување.
Сето ова би значело голем исчекор и амбициозни идни планови и за Иуте Македонија, како дел од групацијата.
Иуте, која оваа година одбележа 15 години од своето постоење, изминатата недела ги објави неревидираните резултатите од првото шестмесечие за тековната година.
Групацијата продолжувa со стабилниот раст во првата половина на 2023, фокусирајќи се на квалитет, дигитализација и прогрес.
Со остварени вкупни приходи во износ од 52 милиони евра, Иуте е на одличен пат до крајот на годината да достигне бројка од 100 милиони евра. Вкупната нето добивка од 7 милиони евра е повеќе од силен показател и отворен пат за постигнување на таргетот од 12 милиони евра за крајот на годината.
“Бизнис резултатите се подобри од она што го поставивме како бројка и очекување, и тоа имајќи ја во предвид целокупната макро-економска состојба и пазарни предизвици. Растењето како мултинационална финтек компанија е процес што бара многу време, посветеност и трпение, но од друга страна е исклучително вреден кога ќе ги сумирате резултатите. Актуелната година продолжи да нѝ сервира многу предизвици, но и многу успеси на кои сме исклучително горди” – Тармо Силд, Главен Извршен Директор на Иуте.

Подолу следи сумирање на групациските достигнувања, а целиот извештај е достапен тука.
Стратегиски резултати на групациско ниво
- Бројот на активни корисници достигна бројка од 298 илјади. (12.2022: 293 илјади)
- Вкупниот број на корисници порасна за 4,5%, броејќи 970 илјади (12.2022: 928 илјади)
- Консолидираниот биланс на успех на групата се зголеми за 8.1% изнесувајќи 348,5 милиони евра, а капиталот се зголеми за 16.9%, односно 65,6 милиони евра на 30 јуни 2023 година.
- MyIute апликацијата достигна бројка од 619 илјади симнувања (12.2022:477 илјади симнувања), што е одличен показател за нејзината прифатеност, нивото на дигитална писменост кај корисниците, безбедност и едноставноста на нејзиното користење
- Како најголем исчекор во поглед на еволуција во wallet бизнисот е почетокот со деловни активности на институцијата за електронски пари Иуте Пеј (IutePay) во Албанија, овозможувајќи го моделот на плаќања што досега се спроведуваа преку QR код, да се реализира преку апликацијата MyIute, на многу полесен и поефикасен начин.
Оперативни резултати на групациско ниво
- Процентот на исплата на кредити порасна на 12.3%, односно 133.8 милиони евра (6/2022: 119,1 милиони евра)
- Бројот на потпишани кредити во споредба со минатата година останува стабилен и на исто ниво (6/2022: 169 илјади).
- Бруто портфолиото на кредити порасна за 7.3% изнесувајќи 231,3 милиони евра (31.12.2022: 215,5 милиони евра)
- Нето портфолиото на кредити порасна за 7.3% изнесувајќи 208,0 милиони евра (31.12.2022, 193,9 милиони евра).
Финансиски резултати на групациско ниво
- Приходите од камати и провизии се зголемија за 33%, изнесувајќи 46 милиони евра (6/2022: 34,6 милиони евра)
- Нето приходите од камати и провизии пораснаа за 30.1% изнесувајќи 32,9 милиони евра (6M2022: 25,3 милиони евра)
- Вкупниот приход порасна за 20.9%, изнесувајќи 51,9 милион евра (6/2022: 40,2 милиони евра).
- ЕБИТДА, приспособена за курсни разлики, ревалоризации и еднократни резерви, како приходи од Енергбанк, се зголеми за 48.1%, односно на 23,1 милиони евра (6/2022: 15,6 милиони евра).
- Нето добивката, приспособена заради приходот од Енергбанк се зголеми на 7 милиони евра (6/2022: 3,4 милиони евра).
Иуте групацијата и нејзините подружници изминатово шестмесечие реализираа големи проекти.
“Цврсто веруваме дека Iute QR базираните плаќања се големо достигнување и еволуција во бизнисот на Iute Wallet бизнисот, носејќи дополнителни нишки на приход кон MyIute еко-системот. Оваа алатка и модел значително го подобрува корисничкото искуство и ги намалува оперативните трошоци. Во меѓувреме, продолжуваме со дигитализација на работењето и олеснување на секојдневието на нашите корисници и надминување на нивните очекувања. Исто така, со огромно задоволство им кажуваме добредојде на 55те нови содружници кои се воедно и вработени во Иуте.” – додава Силд.

Др.Горан Василев, Извршниот Директор на Иуте Кредит Македонија додава дека Иуте Кредит Македонија во изминативе 6 години постоење ја имала привилегијата да црпи искуства и знаење од официјално дигитално најнапредната земја членка во ЕУ, Естонија и токму затоа уште од почетокот се инвестирало локално во напредни технологии.
“Ги следиме и ги воведуваме светските трендови на дигиталната трансформација во светот на финансиите, што резултира со исклучително задоволни корисници потврдено преку НПС-алатката (NPS – Net Promoter Score), а резултатот за 2022 изнесува 83,9 (НПС). Воедно, како лидери на пазарот, имаме обврска да ги едуцираме пазарот и корисниците и да им ги доближиме дигиталните алатки кои го олеснуваат животот во сферата на финансиите.
Преку MyIute апликацијата, која е најсовремена алатка за управување со сопствените финансии, едноставно, брзо и дигитално се аплицира за кредит, се потпишува договор, се следи состојбата на одобрените кредити, отплата, добивање нови понуди итн.
Дополнително, паралелно со процесот на дигитализација, ние инвестираме и во отварање на експозитури, каде нашите клиенти кои претпочитаат директен контакт, имаат можност во живо да поразговараат со нашите советници за клиенти, добијат совет и брза услуга.”, вели Василев.

ИутеКредит Македонија воедно е првата и единствена небанкарска финансиска институција лиценцирана за издавање на Mastercard картичките, во Македонија и во регионот. Ова е големо признание за Иуте од аспект на почитување на строгите критериуми кои ги наметнува глобалниот картичен бренд MasterCard.
Исто така, со повеќе од 400 партнери, 650 продажни места, над 5.000 ново-склучени договори, како и 60 отворени е-шопови само годинава, Iute преку иновативниот модел “Купи сега плати подоцна”, станува прв избор на партнерите и купувачите, модел кој сосема го олесни секојдневието и на партнерите и на купувачите.
“Ние разбираме и дека дигитализацијата носи и предизвици од аспект на заштита на податоците на клиентите. И од тој аспект, Иуте Кредит Македонија е лидер на пазарот, и е единствено финансиско друштво со воведена електронска шема за идентификација. Исто така и организациската поставеност на Иуте Кредит Македонија вклучува контролни функции, односно контрола на усогласеност со прописи, управување со ризици и внатрешна ревизија.
Нашата цел е во иднина да продолжиме да бидеме најбрзиот, најкомфорниот, но и најтранспарентниот провајдер на финансиски услуги во делот на микрофинансирање, но исто така и посветени кон заедницата со континуирана поддршка”, додава на крајот Василев.
Успешната приказна продолжува.
Uncategorized
Зелените станбени кредити се пробиваат на Балканот – ЕБОР одвои 4 милиони евра и за НЛБ Банка Скопје
Зеленото кредитирање сè посилно навлегува и во станбениот сектор на Западен Балкан, а последните финансиски аранжмани на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) покажуваат дека банките во регионот постепено отвораат повеќе простор за финансирање енергетски ефикасни домови и други зелени инвестиции.
ЕБОР обезбедува пакет од најмногу 24 милиони евра за Хипотекарна банка во Црна Гора, од кои 20 милиони евра се наменети за станбено кредитирање, а дополнителни 4 милиони евра се обезбедуваат преку програмата Western Balkans Green Economy Financing Facility III, односно GEFF III.
Најмалку 10 проценти од средствата од станбената кредитна линија треба да бидат насочени кон инвестиции што ги исполнуваат критериумите на ЕБОР за зелена економска транзиција, со што ќе се поддржи купување енергетски ефикасни домови и станбени објекти.
Дополнителната кредитна линија од 4 милиони евра е наменета за високоефикасни станбени објекти, мерки за енергетска ефикасност и користење обновливи извори на енергија. Според ЕБОР, целта е да се зголеми понудата на „зелени“ станови, но и да им се овозможи на домаќинствата пониска потрошувачка на енергија и помали трошоци.
Сличен модел веќе се применува и во Северна Македонија.
ЕБОР обезбедува необезбеден кредит од најмногу 4 милиони евра за НЛБ Банка АД Скопје, исто така во рамки на програмата WB GEFF III – REPower. Средствата се наменети за понатамошно кредитирање на резиденцијалниот сектор во земјава и за поттикнување инвестиции во зелената економија.
Проектот на ЕБОР за НЛБ Банка Скопје е регистриран под број 57312 и во моментов е со статус „Disbursing“, односно средствата се во фаза на исплата и реализација.
Развојот на овие кредитни линии покажува дека концептот на зелено станбено финансирање сè повеќе добива место и во понудата на банките во регионот. Наместо станбениот кредит да се гледа само како средство за купување недвижност, новите финансиски модели сè повеќе го поврзуваат кредитирањето со енергетските перформанси на домот и намалувањето на неговата потрошувачка.
Во Црна Гора, ЕБОР директно го комбинира класичното станбено кредитирање со зелено финансирање преку пакетот за Хипотекарна банка. Во Северна Македонија, пак, линијата од 4 милиони евра за НЛБ Банка Скопје треба да овозможи натамошно финансирање зелени инвестиции во резиденцијалниот сектор.
GEFF III е дел од пошироката програма на ЕБОР за декарбонизација на станбениот фонд во земјите од Западен Балкан. За подобните инвестиции во рамки на програмата може да бидат достапни и техничка помош и инвестициски стимулации поддржани од Европската унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и од Владата на Јапонија.
Со тоа, прашањето повеќе не е дали зеленото станбено кредитирање ќе пристигне во регионот, туку колку брзо ваквите кредитни линии ќе се претворат во конкретни и широко достапни банкарски производи за граѓаните.
Uncategorized
Нови правила за лиценци за игри на среќа: Ќе се проверуваат репутацијата, интегритетот и потеклото на парите
Министерството за финансии донесе нов Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, кој произлегува од новиот Закон за игрите на среќа, донесен во јуни годинава.
Со Правилникот детално се утврдува документацијата што треба да ја достават правните и физичките лица кои бараат лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.
Апликантите ќе треба да докажат дека ги исполнуваат условите за репутација и интегритет, меѓу другото преку документи поврзани со евентуално изречени санкции за забрана за вршење професија, забрана за приредување игри на среќа и други околности значајни за нивното учество во оваа дејност.
Со новиот подзаконски акт се воведува и строга контрола на потеклото на средствата во основната главнина. Преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, Министерството за финансии ќе проверува дали постои непрекинат траг на движењето на парите, од нивниот извор до уплатата во друштвото.
Правилникот ги уредува и постапките при промена на сопственичката структура и главнината, како и при именување членови во органите на управување и надзор.
Една од новините во Законот за игри на среќа е оценувањето на репутацијата на содружниците и соработниците на друштвата кои имаат лиценци, како и на членовите на органите на управување и надзор во трговското друштво за приредување игри на среќа во кое државата е единствен акционер.
Од Министерството посочуваат дека ваквите проверки се важен дел од мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Новиот Закон за игри на среќа беше донесен во јуни 2026 година со цел воспоставување посовремена, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.
Uncategorized
НЛБ Фондови со нов инвестициски прашалник за полесен избор на фондови
НЛБ Фондови АД Скопје ги повикува граѓаните да го откријат својот инвестициски профил преку нов онлајн инвестициски прашалник, наменет да им помогне полесно да ги разберат сопствените финансиски цели и односот кон ризикот.
Од компанијата информираат дека прашалникот се состои од пет едноставни прашања, преку кои корисниците можат да добијат подобра слика за тоа колкав ризик се подготвени да преземат при инвестирање и кои видови фондови најмногу одговараат на нивните потреби.
Според НЛБ Фондови, алатката помага да се утврди дали инвеститорот е повеќе насочен кон сигурност или е подготвен да прифати повисок ризик со цел да оствари потенцијално поголем принос. Дополнително, корисниците добиваат насоки за тоа дали за нив се посоодветни акциски, комбинирани, обврзнички или парични фондови.
По завршувањето на прашалникот, достапен е и персонализиран PDF извештај со препорачан инвестициски сооднос.
Од НЛБ Фондови нагласуваат дека прашалникот има исклучиво информативна намена и не претставува инвестициски совет. Како што посочуваат, одлуките за вложување треба да се носат по внимателно разгледување на ризиците и карактеристиките на фондовите.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 4 недели10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот





