Останато
Денеска истекува рокот за поднесување на ДДВ-04 пријави
Рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите од даночните обврзници за периодот јуни 2024 (месечни) и април-јуни 2024 (тримесечни) истекува денеска, соопштија од Управата за јавни приходи (УЈП).
Досега 76 проценти од даночните обврзници ја исполниле оваа обврска и навреме ја поднеле пријавата ДДВ-04, останува уште 24,6 проценти даночни обврзници да ја остварат оваа обврска утре.
„Управата за јавни приходи уште на самиот почеток на овој месец ги објавуваше бројките на поднесените пријави и упатуваше апел кон даночните обврзници за нивно поднесување. Поднесувањето е електронско и може да се поднесе во било кој период од денот, а постојаниот мониторинг на системот на УЈП придонесе поднесувањето на пријавите да се одвива без застој. Неподнесување на ДДВ -04 и неплаќање на ДДВ долгот во законски пропишаниот рок создава последици за даночните обврзници од плаќање глоба”, се наведува во соопштението од УЈП.
Анализи
Целосен поврат на персоналниот данок за вработените мајки и поголема дигитализација на јавните набавки
Целосен поврат на платениот данок на личен доход за вработените мајки, како и нови механизми за професионализација, транспарентност и примена на вештачка интелигенција во јавните набавки, предвидуваат два законски предлога што се разгледуваат на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Со предложените измени на Законот за данокот на личен доход се предвидува вработените мајки да добиваат 100% поврат на платениот персонален данок од плата, при што периодот на користење на мерката ќе зависи од редоследот на раѓање на детето.
Така, за првородено дете се предвидува поврат на данокот во период од 12 месеци, за второродено дете во период од 24 месеци, додека за третородено дете повратот би се користел до полнолетството, односно до наполнување на 18 години.
Според образложението на предлогот, целта е да се обезбеди дополнителна финансиска поддршка за семејствата преку зголемување на расположливиот доход, без воведување нови надоместоци или директни буџетски исплати.
Предлагачот мерката ја поврзува и со пошироките демографски политики, како и со потребата за подобро усогласување на професионалните и семејните обврски и поттикнување на наталитетот.
Истовремено, со предложените измени на Законот за јавните набавки се предвидува модернизација на системот за професионално усовршување на службениците за јавни набавки. Наместо досегашната ресертификација преку повторно полагање испит, се предлага континуирано професионално усовршување.
Дополнително, се прошируваат надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на дигиталните алатки и примената на вештачката интелигенција, со цел унапредување на процесите, подобрување на контролата и намалување на ризиците од корупција.
Предлог-измените предвидуваат и нови механизми за размена на податоци и зголемување на транспарентноста во постапките за јавни набавки.
Двата законски предлога се дел од дневниот ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде што треба да бидат разгледани нивните предложени решенија и образложенија.
Останато
Димитриеска-Кочоска: До крајот на годината без промени во проекциите за растот и буџетскиот дефицит
До крајот на годинава не се очекуваат позначајни промени во проекциите за економскиот раст и буџетскиот дефицит, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неа, економските движења засега се во рамките на проекциите предвидени со Ребалансот на Буџетот, а Министерството за финансии продолжува да ги следи состојбите и на домашен и на глобален план.
„До крајот на годината не очекуваме позначајни промени и остануваме на проекцијата што ја имавме, особено имајќи предвид дека стапката на раст во вториот квартал е 4,3 проценти“, рече Димитриеска-Кочоска во интервју за Македонската телевизија од Њујорк.
Таа посочи дека и буџетскиот дефицит треба да остане во предвидените рамки, независно од тоа дали до крајот на годината ќе има нов ребаланс на Буџетот.
Доколку биде донесена одлука за ребаланс, според министерката, ќе се интервенира и на приходната и на расходната страна. Во спротивно, Министерството очекува дефицитот и задолжувањето да останат во рамките веќе одобрени од Собранието.
Димитриеска-Кочоска информираше дека Министерството неодамна одржало состанок со Управата за јавни приходи и Царинската управа, на кој биле анализирани наплатата на приходите и очекувањата до крајот на годината.
Според неа, полнењето на Буџетот во најголем дел се одвива согласно планираното, додека отстапување има кај приходите од акцизи поради мерките што се применуваат.
Министерката оцени дека глобалната неизвесност и натаму останува еден од главните ризици и дека идните одлуки ќе зависат и од развојот на состојбите на меѓународните пазари.
Таа во Њујорк учествува на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, во рамки на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ на Светскиот економски форум.
Како што посочи Димитриеска-Кочоска, во дискусиите бил нагласен фокусот на долгорочен економски раст базиран на продуктивност, како и потребата од пониски трошоци за енергенси и други влезни параметри за подобрување на конкурентноста на економијата.
Таа додаде дека мерките што досега биле преземени како одговор на кризата имаат влијание врз Буџетот, особено врз приходите од акцизи, но нагласи дека Министерството ќе продолжи да ги приспособува политиките во зависност од глобалните економски движења.
Бизнис
Скопје ја отвора регионалната дискусија за иднината на микрофинансирањето
Останува уште една недела до почетокот на MicroBalkans 2026 – „Lending Reimagined“, регионалната конференција која по Сараево и Дубровник, на 24 и 25 септември ја носи во Скопје дискусијата за иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и новите модели на финансирање.
Како ќе изгледа финансирањето на бизнисите во иднина? Кои можности ги отвораат дигитализацијата, финтек иновациите и алтернативните модели на финансирање? Како да се олесни пристапот до капитал за граѓаните, претприемачите и микро, малите и средните претпријатија, во услови кога сè потешко доаѓаат до средства преку традиционалните извори на финансирање?
Ова се дел од прашањата што ќе бидат во фокусот на MicroBalkans 2026, која ќе обедини над 200 учесници од повеќе од 15 земји и на едно место ќе ги поврзе финансиските институции, инвеститорите, регулаторите, претприемачите и експертите од земјата, регионот и Европа.
Со приближувањето на настанот, MicroBalkans 2026 се најавува како значајна регионална средба и за младите претприемачи, основачите на стартапи, сопствениците на микро, мали и средни претпријатија, како и за професионалците од банкарскиот, небанкарскиот, финтек и ИТ секторот кои сакаат да ги следат најновите трендови и да откријат нови можности за раст и соработка.
На конференцијата свое воведно обраќање ќе има проф. д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.
„Финансискиот сектор има значајна улога во економскиот развој преку насочување на капиталот кон продуктивни инвестиции и претприемништво. Во услови на забрзана дигитализација и технолошки развој, финансискиот систем се трансформира, што бара навремено следење на новите трендови и ризици. MicroBalkans 2026 е значајна можност за размена на искуства за новите модели на финансирање, дигитализацијата и примената на новите технологии, како и за продлабочување на регионалната соработка. За Народната банка, развојот на стабилен, сигурен и ефикасен финансиски систем, усогласен со европските и меѓународните стандарди, останува приоритет“, посочува Славески.
Во официјалниот дел и на церемонијата на отворање, свои обраќања ќе имаат и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, и Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва.
На конференцијата ќе учествуваат домашни, регионални и меѓународни експерти, претставници на финансиски институции, инвестициски и развојни фондови, финтек компании, регулатори и професионални организации од регионот и Европа.
Меѓу најавените говорници и панелисти се Висар Перани од Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Габриеле Џуљети од Банка Етика, Јоргос Пападакис од Европската микрофинансиска мрежа, Амра Омерагиќ од Finance in Motion, Алберто Дидони од Development Guarantee Group, Никола Башановиќ од Централната банка на Црна Гора, Елма Жукиќ од Здружението на микрофинансиски институции во Босна и Херцеговина (AMFI), Арлинда Муја од Kredo и Албанското здружение за микрофинансирање, Милена Ханеш од Microfin, Слободан Раковиќ од Iute Group, Ана Кентера од Alter Modus, Георги Роуков од Credissimo, Теодор Тодоровски од P2P.mk, Бјанка Катру од M Cash и, како и други истакнати претставници на финансискиот и микрофинансискиот сектор од регионот и Европа.
Панелите ќе понудат одговори на клучни прашања: зошто небанкарското финансирање е важно за регионот, кои дигитални модели функционираат на локалните пазари, како да се надмине јазот во микрофинансирањето, од каде доаѓа капиталот за раст и кои регулаторни промени се очекуваат од 2027 година. Дел од дискусиите ќе бидат посветени и на современите модели на наплата, управувањето со ризици и градењето одговорен однос со клиентите.
Настанот ќе отвори простор за директно поврзување со финансиски институции, потенцијални инвеститори, партнери и носители на одлуки, создавајќи основа за нови соработки и деловни можности.
MicroBalkans 2026 ќе обедини над 200 учесници од повеќе од 15 земји, потврдувајќи ја улогата на конференцијата како значајна регионална платформа за размена на знаења, градење партнерства и развој на иновативни решенија за иднината на финансискиот сектор. Конференцијата ќе придонесе кон создавање поинклузивен, подигитализиран и поодржлив финансиски екосистем, со силен фокус на поддршка на претприемништвото и економскиот развој.
Конференцијата ќе се одржи на 24 и 25 септември 2026 година во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје. Организирана од Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија, во партнерство со Алијансата на Западен Балкан (Western Balkans Alliance) и Европската микрофинансиска мрежа (European Microfinance Network), MicroBalkans 2026 се позиционира како водечка регионална платформа за микрофинансирање, финансиска инклузија и дигитална трансформација на финансиските услуги.
Пријавите за учество се сѐ уште отворени, а сите заинтересирани претприемачи, финансиски професионалци, институции, компании и партнери имаат можност во следните неколку дена да се приклучат кон регионалната сцена што во Скопје ќе разговара за иднината на финансирањето.
ПР објава
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје





