Connect with us
no baners

Анализи

Дали светот е на работ на нова нафтена криза?

Објавено

на

Геополитичките тензии меѓу Иран и Израел повторно ја раздвижуваат глобалната економија и предизвикуваат загриженост на светските енергетски пазари. Долготрајната непријателска реторика и конфликтите со посредници во регионот, како Хезболах и Хамас, добиваат нова димензија, при што аналитичарите предупредуваат на потенцијална директна конфронтација меѓу двете држави. Но најголемата закана за глобалната економска стабилност би била евентуалното затворање на клучните поморски теснеци – Хормуз и Баб ал-Мандеб.

Зошто се важни Хормуз и Баб ал-Мандеб?

Теснецот Хормуз лоциран меѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив, е најважниот транспортен коридор за нафта во светот. Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (IEA), секој ден низ овој теснец се пренесуваат околу 17–20 милиони барели нафта, што претставува над 20% од глобалната дневна потрошувачка.

На другата страна на Арапскиот Полуостров се наоѓа теснецот Баб ал-Мандеб, кој ги поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и е клучна врска за нафтениот и трговскиот сообраќај помеѓу Европа, Азија и Источна Африка. Во услови на затворање на овие теснеци, алтернативните поморски рути се значително подолги и поскапи, што веднаш ќе влијае врз цените на транспортот и енергенсите.

Какво би било влијанието врз цената на нафтата?

Затворањето на Хормуз и Баб ал-Мандеб би предизвикало шок на нафтените пазари. Понудата на нафта би се намалила преку ноќ, додека побарувачката останува стабилна или дури зголемена поради неизвесноста. Ова ќе предизвика нагло зголемување на цената на нафтата, со прогнози кои одат над 100 или дури 150 долари по барел, во зависност од должината и сериозноста на блокадата.

Таквиот пораст ќе има директно влијание врз цените на горивата, но и индиректни ефекти врз синџирите на снабдување, транспортот и производствените трошоци во речиси сите индустрии.

Последици за глобалната економија

Инфлациски притисоци: Скапата нафта ќе ги поттикне цените на основните производи, што дополнително ќе ја зголеми инфлацијата, особено во чувствителни економии со слаб монетарен капацитет.

Монетарна политика: Централните банки ќе бидат приморани да задржат повисоки каматни стапки подолго време или дополнително да ги зголемат со цел да ја намалат инфлацијата, а тоа ќе придонесе да се забави кредитната активност и инвестициите и значително ќе се намали економскиот раст.

Развиените и економиите во развој: Развиените економии ќе забават, додека економиите кои зависат од увоз на енергенси и храна ќе се соочат со сериозни структурни предизвици.

Финансиски пазари: Волатилноста ќе се зголеми. Инвеститорите ќе бараат засолниште во “безбедни” средства како злато, американски долар и државни обврзници, додека на удар ќе бидат поризичните инвестиции како акциите, инвестициските фондови, криптовалутите и слично.

Дали светот може да реагира?

Иако големите нафтени резерви во САД, Кина, Русија и земјите на ОПЕК можат краткорочно да го ублажат шокот, затворање на овие теснеци би имало структурни последици ако трае подолго. Воена интервенција за ослободување на теснеците би претставувала уште поголем ризик, со потенцијал за регионален конфликт со глобални импликации.

Според ова може да се заклучи дека ситуацијата помеѓу Иран и Израел повеќе не е само регионален безбедносен предизвик, туку сериозна закана за глобалната економска стабилност. Светот е на работ на нова нафтена криза и прашање е само дали дипломатијата ќе успее да ја спречи следната фаза на ескалација, а со тоа да се спречи и крајно непосакувана Трета светска војна.

Анализи

Злато, недвижности или земјоделско земјиште – каде е најбезбедно да се инвестира во време на криза?

Објавено

на

Во услови на глобална неизвесност и растечки геополитички тензии, прашањето каде е најбезбедно да се вложат пари повторно е во фокус. Додека дел од инвеститорите се насочуваат кон злато, криптовалути или недвижности, економските аналитичари нудат различни пристапи за справување со кризата.

Економскиот аналитичар Горан Ковачевиќ смета дека во актуелните услови најисплатлива инвестиција е купувањето земјоделско земјиште и вложувањето во производство на храна и вода. Според него, војната на Блискиот Исток создава сериозни нарушувања на глобалните пазари, што дополнително ќе ја зголеми цената на храната.

Тој предупредува дека растот на цените на енергенсите директно влијае врз трошоците за транспорт, а со тоа и врз цената на храната, додавајќи дека земјите кои зависат од увоз ќе се соочат со дополнителни предизвици. Според него, токму затоа храната и водата ќе станат клучни ресурси во наредниот период.

Од друга страна, аналитичарот Давор Докиќ повикува на претпазливост. Тој оценува дека во услови на висока нестабилност на пазарите и постојани осцилации на цените, најдобра одлука е одложување на инвестициите сè додека не се стабилизира ситуацијата, особено во контекст на конфликтот во Иран.

Докиќ смета дека ваквата неизвесност го отежнува планирањето и носењето инвестициски одлуки, но истовремено посочува дека кризата може да отвори и нови можности, особено во туризмот. Според него, дел од туристите кои традиционално летуваат во Обединети Арапски Емирати би можеле да се пренасочат кон други дестинации.

Во однос на класичните форми на заштита на капиталот, како што се златото, криптовалутите и акциите, мислењата се поделени. Ковачевиќ оценува дека златото е сигурен начин за зачувување на вредноста, но без значителна заработка. Докиќ додава дека големите инвеститори традиционално се насочуваат кон злато во време на криза, додека криптовалутите остануваат ризична, но потенцијално профитабилна опција.

Интересно е што од почетокот на конфликтот во Иран, златото бележи пад на вредноста, додека Bitcoin е во пораст, а берзите низ светот покажуваат висока волатилност.

Заклучокот на аналитичарите е дека иако секоја криза носи ризици, таа истовремено отвора и нови можности, но изборот на инвестиција во вакви услови бара внимателна проценка и трпение.

Продолжи со читање

Анализи

ЕЦБ предупредува: Зад растот на кредитите се крие сигнал за забавување на економијата

Објавено

на

Најновите податоци на Европска централна банка покажуваат дека кредитната активност во еврозоната почнува да се стабилизира, но истовремено се појавуваат сигнали за можно економско забавување.

Кредитирањето на компаниите во февруари бележи годишен раст од 2,9 проценти, што е благо забрзување во однос на јануарските 2,8 проценти. Иако станува збор за умерен раст, трендот укажува на постепено закрепнување на финансирањето на бизнисите по послабата кредитна активност во втората половина од минатата година.

Од друга страна, задолжувањето кај домаќинствата останува стабилно. Кредитите за населението пораснале за 3,0 проценти во февруари, со исто темпо како и во претходните два месеци. Ова е најдолг континуитет на раст од пролетта 2024 година и укажува на релативна отпорност на потрошувачката, и покрај сè уште рестриктивните финансиски услови.

Сепак, монетарните показатели испраќаат поумерени сигнали. Потесниот агрегат на парична маса М1 пораснал за 4,8 проценти, што е забавување во однос на 5,3 проценти во јануари. По речиси двегодишен пад, кој беше запрен во август 2024 година, сегашниот тренд може да навестува нова фаза во монетарниот циклус.

Слична динамика се забележува и кај поширокиот агрегат М3, кој во февруари пораснал за 3,0 проценти, наспроти 3,3 проценти во јануари, што дополнително укажува на постепено слабеење на растот на ликвидноста во финансискиот систем.

Комбинацијата од овие движења испраќа мешани сигнали, кредитирањето покажува знаци на опоравување, но истовремено се намалува ликвидноста. Овој тренд може да го ограничи идниот економски раст во еврозоната и претставува предизвик за централната банка, која треба внимателно да балансира меѓу инфлацијата и економската активност.

Во наредниот период, клучна улога ќе имаат каматните стапки и побарувачката за кредити, кои ќе го одредат понатамошниот правец на економијата во еврозоната.

Продолжи со читање

Анализи

Нафтениот шок ќе ја погоди економијата и вработеноста: до 10.000 работни места помалку на месечно ниво во САД

Објавено

на

Порастот на цените на нафтата би можел да има негативно влијание врз американскиот пазар на труд, предупредуваат аналитичарите на „Goldman Sachs“. Според нивните проценки, повисоките трошоци за енергија може да резултираат со намалување на новите работни места за околу 10.000 на месечно ниво до крајот на годината во САД.

Иако, во минатото растот на цените на нафтата често резултираше со масовни вработувања во енергетскиот сектор, особено во индустријата за шкрилци, но во моментов ефектот е ограничен. Американските производители на нафта денес работат со повисока автоматизација и поголема ефикасност, што значи дека зголеменото производство не резултира автоматски во нови работни места.

Во меѓувреме, повисоките цени на горивата се прелеваат во пошироката економија, зголемувајќи ги трошоците за транспорт, производство и услуги. Овој притисок ги тера потрошувачите да ја намалат потрошувачката, а компаниите да го одложуваат новото вработување.

Според анализата на банката, американската економија веќе покажуваше знаци на забавување пред последниот раст на цените на нафтата, поттикнат од геополитичките тензии на Блискиот Исток. Во такви услови, енергетските трошоци дополнително го намалуваат економскиот импулс.

Од Федералните резерви засега задржуваат внимателен пристап на следење на економскиот тек, оценувајќи дека инфлациското влијание од конфликтот може да биде привремено. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека инфлацијата предизвикана од енергијата често трае подолго од очекуваното, особено кога станува збор за реални прекини во снабдувањето.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange