Connect with us

Криптовалути

БИТКОИНОТ РУШИ РЕКОРДИ – достигна ново историски највисоко ниво по победата на Трамп

Објавено

на

Најпознатата криптовалута во светот, биткоинот достигна ново историски највисоко ниво во средата, по победата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во претседателската трка во САД. Во текот на ноќта, криптовалутата забележа голем пораст, со зголемен обем на тргување (145 проценти за 24 часа), што се припишува на оптимизмот што инвеститорите го чувствуваат по победата на Трамп, како и на неговото постојано залагање за пофлексибилни регулативи за криптовалутите.

Инвеститорите изгледа ги процениле шансите за поповолна регулаторна клима под претседателство на Трамп, кој изрази поддршка за крипто-секторот на големата конференција за криптовалути во Нешвил и ветуваше да ја направи Америка „крипто центар на светот“, а биткоинот да биде „суперсила“. Неговата администрација се очекува да ги регулира правилата за крипто индустријата, што, според аналитичарите, би можело да ја поттикне дополнителната експанзија на пазарот на криптовалути.

„Со победата на Трамп на претседателските избори, не очекуваме толку многу регулаторни и законодавни главоболки“, вели Адам Блумберг, ко-основач на „Interaxis“, фирма која обезбедува едукација за криптовалути и блокчејн за финансиски советници.

Секако, ова може да се објасни со два аспекта: Прво, Трамп во 2024 година се позиционираше како про-крипто кандидат, а второ, дека победата на Трамп значи помалку регулаторни бариери и помала веројатност за агресивни мерки против крипто-индустријата. Доколку неговата администрација навистина го намали регулирањето на криптовалутите, тоа би можело да поттикне уште поголем раст во индустријата, и во самите цени на криптовалутите, како што е случај со биткоинот.

Новоизбраниот претседател веќе вети дека ќе го отпушти претседателот на Комисијата за хартии од вредност (SEC) Гери Генслер, кој ги предводеше напорите на американската влада за регулирање на крипто индустријата.

Дури и републиканскиот национален комитет вклучи криптовалута во својата официјална партиска платформа пред изборите, тврдејќи дека Трамп ќе го брани правото на рударање на криптовалути и да се погрижи секој Американец да има право на сопствено чување на нивните дигитални средства и да врши трансакции без надзор и конрола од владата.

Ако републиканците ја преземат контролата врз Конгресот на САД како што имаат со Сенатот, донесувањето крипто-пријателски закони станува поверојатно.

„Можеме да претпоставиме дека усвојувањето на крипто-пријателски закони за крипто и стабилни коини во наредните 12 месеци ќе се одвива забрзано“, вели Адам Блумберг.

Лидерите во крипто индустријата се појавија на социјалните мрежи за да ја прослават веста.

„Вечерва крипто-гласачот зборуваше одлучно – преку партиските линии и во клучните трки низ целата земја“, напиша Брајан Армстронг, извршен директор на „Coinbase“, една од најголемите берзи за криптовалути во светот, на социјалната мрежа „X“. „Со нетрпение очекуваме да работиме со новиот Конгрес“, додаде тој.

Криптовалути

Компании се задолжуваа за да купуваат биткоин, сега го продаваат и се враќаат на основниот бизнис

Објавено

на

Компаниите кои во текот на 2024 и 2025 година прибираа капитал за да купуваат биткоин денес вредат десетици милијарди долари помалку, а дел од нив веќе почнаа да ги продаваат криптовалутите и повторно да се насочуваат кон своето основно работење.

Анализата на „Фајненшл тајмс“ опфаќа 50 големи компании кои во последните години ја променија својата стратегија и почнаа да акумулираат биткоин. Нивната заедничка пазарна капитализација паднала од околу 150 милијарди долари во јули минатата година на приближно 67 милијарди долари денес.

Според анализата, акциите на 43 од 50-те компании денес вредат помалку отколку пред објавувањето на нивната биткоин стратегија, а 35 од нив изгубиле најмалку половина од својата вредност.

Овој тренд не бил ограничен само на компании од криптоиндустријата. Во него се вклучиле и синџир на кафулиња од Шпанија, јапонски трговец со облека, американски производител на батерии и други компании чие основно работење претходно речиси и немало врска со биткоинот.

Моделот функционирал така што компаниите издавале нови акции, обврзници или други финансиски инструменти, со собраните средства купувале биткоин, а инвеститорите потоа ги вреднувале нивните акции повисоко од самата вредност на криптовалутите што ги поседувале.

Сè додека цената на биткоинот растела, компаниите можеле повторно да прибираат капитал и да купуваат уште криптовалути. Проблемите започнале кога биткоинот почнал да губи вредност, а инвеститорите повеќе не биле подготвени да плаќаат висока премија за акциите на овие компании.

Биткоинот во последните 12 месеци изгубил околу 30 отсто од вредноста, додека дел од компаниите кои го изградиле својот финансиски модел врз криптовалутата забележале уште поголеми загуби.

Дополнителен проблем е што голем дел од купувањата биле финансирани преку задолжување или издавање нови акции. Обврските остануваат и кога вредноста на биткоинот паѓа, поради што компаниите се под сè поголем притисок.

Според „Фајненшл тајмс“, 50-те најголеми компании со ваква стратегија во јули за првпат заеднички станале нето-продавачи на биткоин. Тие продале околу 2.500 биткоини повеќе отколку што купиле, во вредност од околу 160 милиони долари.

Меѓу нив е и Strategy, поранешна MicroStrategy, која со години беше најпознат корпоративен купувач на биткоин.

Од крајот на јуни до средината на август компанијата продала речиси 7.000 биткоини за околу 430 милиони долари. Дел од средствата биле искористени за исплата на дивиденди и сервисирање на финансиските обврски.

И покрај продажбите, Strategy во средината на август сè уште поседувала 840.447 биткоини, купени за околу 63,4 милијарди долари, со што останува најголемиот корпоративен сопственик на оваа криптовалута.

Падот силно се одразил и врз пазарната вредност на компанијата. Во однос на минатогодишниот врв, нејзината пазарна капитализација е намалена за околу 79 милијарди долари.

Некои помали компании веќе целосно се откажуваат од криптостратегиите, додека други повторно го ставаат фокусот на своето традиционално работење.

Иако биткоинот во последните денови повторно се приближи до нивото од 80.000 долари, тоа засега не го врати главниот механизам врз кој се темелеше овој модел – подготвеноста на инвеститорите да плаќаат значително повисока цена за акциите само затоа што компанијата го претвора собраниот капитал во биткоин.

Продолжи со читање

Криптовалути

Биткоин скокна 23% за една недела: Следната голема цел е 126.000 долари?

Објавено

на

Довербата на крипто-пазарот повторно се засилува откако најпознатата криптовалута – биткоинот, минатата недела порасна за повеќе од 23%, достигнувајќи околу 77.500 долари, а во еден момент ја надмина и границата од 80.000 долари.

Растот е особено значаен бидејќи биткоин за првпат по подолг период се искачи над својот 200-дневен максимум, индикатор што често се користи за процена на долгорочниот тренд. Движењето над ова ниво се смета за позитивен сигнал за пазарот.

Оптимизмот дополнително се зголеми и кај инвеститорите. Според податоците на „Polymarket“, веројатноста биткоин да достигне 90.000 долари до крајот на годината се искачи на околу 48%.

Уште пооптимистичка прогноза има Џеф Кендрик, глобален директор за истражување на дигитални средства во „Standard Chartered“, кој смета дека најголемата криптовалута би можела повторно да го достигне историскиот максимум од 126.000 долари до крајот на годината.

Што стои зад силниот раст?

Дел од неодамнешниот раст е поврзан со затворањето на голем број кратки позиции (short leverage), што предизвика дополнителен притисок за купување. Според податоците на „CoinGlass“, само во еден ден биле ликвидирани околу 2,75 милијарди долари кратки позиции на биткоин.

Во исто време, се забележува и подобрување на приливите во спот ETF-фондовите поврзани со биткоин, што укажува на обновен интерес од инвеститорите.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ликвидацијата на кратки позиции сама по себе не е доказ за долгорочен раст. Присилното затворање на таквите позиции создава моментална побарувачка, но не значи дека инвеститорите долгорочно акумулираат биткоин.

Дополнителен фактор за пазарниот оптимизам се очекувањата за полабави финансиски услови и можен прилив на ликвидност, како и политичките сигнали од Вашингтон во насока на создавање појасна регулаторна рамка за крипто-секторот.

Биткоинот, сепак, останува исклучително волатилно средство, па прогнозата од 126.000 долари треба да се гледа како можно оптимистичко сценарио, а не како гаранција дека криптовалутата ќе го достигне тоа ниво.

Продолжи со читање

Криптовалути

Биткоин и етер силно пораснаа откако Трамп побара од Конгресот да го усвои законот за криптовалути

Објавено

на

Биткоин, етер и другите криптовалути забележаа силен раст откако американскиот претседател Доналд Трамп го повика Конгресот да го усвои законот „Clarity Act“, кој се очекува да создаде поповолна регулаторна рамка за криптоиндустријата.

Позитивното расположение на пазарот дополнително беше поттикнато од изјавите на Трамп за поддршка на секторот, како и од неговите најави поврзани со купување значителни количини биткоин.

Трамп се осврна и на можноста за регулирање на децентрализираната берза Hyperliquid, која станува сè попопуларна меѓу трговците со таканаречени „perpetual futures“. Токенот Hyperliquid по овие изјави порасна за околу 20 отсто во период од 24 часа, според податоците на CoinGecko.

На растот на криптопазарот влијаеше и падот на приносите на американските државни обврзници. Американското Министерство за финансии најави значително зголемување на откупот на 20-годишни и 30-годишни обврзници, што ги намали приносите и ја зголеми привлечноста на поризичните средства, меѓу кои и биткоинот.

Тргувањето со iShares Bitcoin Trust ETF исто така нагло се зголеми и беше повеќе од 4,5 пати над просекот во последните 30 дена.

Според Џефри Кендрик, глобален директор за истражување на дигитални средства во Standard Chartered, инвеститорите сега треба да се подготвуваат за можност биткоинот да достигне 100.000 долари до крајот на 2026 година.

Силните движења на пазарот предизвикаа и масовно затворање на кратките позиции. Според Томас Ли, коосновач и директор за истражување во Fundstrat, станува збор за второто најголемо ликвидирање на „short“ позиции во историјата.

Етер во изминатите седум дена поскапе за околу 19 отсто и достигна цена од 2.251 долар, што го донесе на највисоко ниво во последните три месеци.

Биткоинот претходно околу шест недели се движеше во релативно тесен опсег меѓу 62.000 и 66.000 долари, по период на значително намалена волатилност на криптопазарот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange