Банки
Народната банка објави Преглед на „зелените“ показатели

Народната банка продолжува со активностите за промовирање на зелените финансии, во рамките на своите надлежности. Така, на својата веб-страница, за првпат објави Преглед на „зелените“ показатели, во согласност со предвидените активности во рамките на Среднорочниот план на активности на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Целта е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики.
Прегледот содржи податоци и показатели коишто се групирани во три целини, и тоа: показатели за животната средина и енергетика, показатели за климатските ризици и показатели за зелените финансии. Изворот на податоците се различни институции и со овој преглед се прави обид да се соберат релевантните податоци од различни извори на едно место. Податоците и показателите од Прегледот имаат за цел да послужат како основа за подготовка на анализите поврзани со климатските промени, да придонесат за полесно следење на одржливоста на финансискиот систем и економијата и да помогнат во следењето на трендовите на „зелените“ пазари на капитал. Заедно со Прегледот, е објавен и Методолошки водич со појаснувања и дефиниции на показателите заради полесно разбирање и нивна правилна употреба.
Достапноста на податоците ќе овозможи поблиско следење на климатските ризици и проширување на познавањата за нив. Во изработката на Прегледот особено беа корисни контактите на Народната банка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ со своите искуства на оваа тема.
Прегледот на „зелените“ показатели и Методолошкиот водич се достапни преку следнава врска.
Банки
Ангеловска-Бежоска: Според ЕБРД, Извештајот има прогрес, но и потреба од зајакнување на структурните реформи за повисок животен стандард

Квалитетот на транзиција на нашата земја е над просекот на земјите од Западен Балкан со оценка 5,6 од можни 10, покажува Извештајот за транзиција (2024 – 2025) на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на чијашто презентација се обратија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и шефот наКанцеларијата на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу.
Во своето воведно обраќање, гувернерката истакна дека процесот на спроведување на структурните реформи во нашата земја е обележан и со достигнувања и со предизвици.
„Најновиот Извештај на ЕБОР ни дава јасна слика за тоа каде се наоѓаме на патот кон постигнување одржлива пазарна економија во моментов. Најниските оценки се забележани во делот на конкурентноста, отпорноста и доброто владеење, што укажува, меѓу другото, на потребата од подлабоки реформи за зајакнување на продуктивноста, унапредување на вештините, зголемување на учеството во глобалните синџири на вредности и подобрување на деловното окружување, особено за малите и средните претпријатија. Од друга страна, нашата земја има прилично висока оценка во делот на интеграцијата, што ја одразува високата отвореност за трговија (130% од БДП) и инвестиции и релативно повисоко ниво на ИКТ-инфраструктурата. Во однос на продуктивноста, како клучен столб на долгорочниот раст, јазот сè уште е голем, при што нашата продуктивност е околу половина од просекот на ЕУ“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Таа, исто така, дополни дека структурните реформи се континуиран процес. Како пример за структурни промени кај нас таа го посочи влезот на странските компании во слободните економски зони, коишто одиграа позитивна улога во привлекувањето странски компании, создавањето работни места и зголемувањето на продуктивноста во македонската економија. Компаниите во зоните привлекоа над 1 милијарда евра директни странски инвестиции во последната деценија, што претставува околу 50% од вкупниот извоз и се едни од најпродуктивните компании во земјата. Зголемувањето на продуктивноста бара и поттикнување на дигитализацијата и иновациите. Имено, индексот за дигитализација на ЕБОР покажува дека остварувањето на нашата земја е 59% во делот на дигиталните предуслови и 48% во делот на фактичката употреба на дигиталните технологии, резултати коишто, иако се блиску до регионалниот просек, сè уште се далеку од границата од 100. „Пристапот до финансирање, исто така, е значаен фактор на поддршка, и во овој контекст важно е да се нагласи солидната кредитна поддршка на компаниите, за што придонес имаат и мерките на нашата политика насочени кон зајакнување на отпорноста и стабилноста на банкарскиот систем“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Северна Македонија направи импресивни чекори во својата зелена транзиција, развојот на инфраструктурата и унапредување на пристапот до финансии за деловните субјекти и поединците. Овие достигнувања ја одразуваат силата на нашите партнерства со локалните чинители, донаторите и приватниот сектор. Ново усвоената Стратегија на ЕБОР за земјата за 2025 – 2030 година се темели врз овој напредок, со јасни приоритети околу регионалната интеграција, одржливата инфраструктура и поттикнувањето на поконкурентна и инклузивна економија. Како што е наведено во Извештајот за транзиција на ЕБОР за 2024 -2025 година, „Управување наиндустриската политика“, индустриската политика може да одигра клучна улога во обликувањето на долгорочната конкурентност и отпорност на земјата. Нашето инвестирање во Северна Македонија е насочено кон создавање значајни можности што ќе ги охрабрат граѓаните да ја градат својата иднина дома – поддржувајќи инклузивен раст и помагајќи во справувањето со демографските предизвици. Оптимист сум за патот што претстои и посветен сум на остварување на уште поголемо влијание во наредните години“, истакна Туркменоглу, шефотна Канцеларијата на ЕБОР во земјава.
Банки
Халки Поткаст – простор за развој на родителите и децата

Родителството е еден од најголемите, но и најубавите предизвици во животот. Секој родител се соочува со дилеми, нови ситуации и потреба за постојано учење. Со цел да им помогне на родителите полесно да го следат психолошкиот, емоционалниот и социјалниот развој на своите деца, Халкбанк, преку својот бренд Халки, го најавува новиот “Халки Поткаст”.
Поткастот ќе биде простор каде отворено ќе се зборува не само за свесното родителство, туку и за важноста на среќно и здраво детство, но и за финансиска едукација како дел од современото воспитување. Темите ќе вклучуваат емпатија, комуникација, детски развој и практични совети за тоа како да ги научиме децата на одговорен однос кон финансиите уште од најрана возраст.
Преку разговори со психолози, педагози, родители и познати личности, поткастот ќе понуди инспиративни приказни и корисни совети за сите кои сакаат да бидат подобри во својата родителска улога. Дел од прашањата што ќе се дискутираат се следните:
- Како да изградите силна и здрава врска со вашето дете?
- Кои се најдобрите техники за позитивно воспитување?
- Како да се справите со детските емоции?
- Како да започнете разговор за пари со децата на соодветна возраст?
Водител на Халки Поткаст е Катерина Димова, семеен системски советник.
„Новиот Халки Поткаст е одличен простор за развој на родителите и на децата. Зборуваме на теми поврзани со комуникацијата со децата, емоциите, воспитувањето, но и како да ги научиме децата на животни вештини, вклучувајќи ја и финансиската едукација“, вели Димова.

Првата епизода на Халки Поткаст се емитуваше на 10 мај, а нови епизоди ќе се објавуваат двапати месечно и ќе бидат достапни на платформите YouTube, Spotify и Podcasts.mk.
Затоа што секој родител заслужува поддршка, а секое дете – љубов, разбирање и знаење за животот!
Банки
Кој ќе биде новиот гувернер на Народната банка? – Клучна одлука за монетарната иднина и стабилност на државата

Мандатот на актуелната гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежовска завршува на 22 мај 2025 година, точно седум години по нејзиниот избор од страна на Собранието. Изборот на нов гувернер претставува еден од најважните економски и институционални моменти за земјата, особено во период на континуирана инфлација и раст на трошоците за живот.
Како се избира гувернер на Народната банка?
Процедурата за избор на гувернер е строго дефинирана со Законот за Народната банка и опфаќа неколку важни чекори:
- Предлог од Претседателот на државата: Процесот започнува со предлог на кандидат од страна на Претседателката на државата, во овој случај Гордана Силјановска-Давкова. Без нејзино позитивно мислење, постапката не може да продолжи. Претседателот предлага кандидат за гувернер, кој потоа се доставува до Собранието на Република Северна Македонија.
- Гласање во Собранието: Предложениот кандидат се поднесува на гласање пред Собранието на Република Северна Македонија. За избор е потребно просто мнозинство, односно најмалку 61 глас од вкупно 120 пратеници.
- Мандат: Гувернерот се избира на мандат од седум години, со можност за реизбор.
Кандидатот за гувернер треба да биде државјанин на Република Северна Македонија со соодветна репутација, најмалку високо образование и професионално или академско искуство во областа на економијата, финансиите, банкарството или правото. Дополнително, кандидатот не смее да биде осудуван за кривично дело, да биде должник во стечајна или ликвидациона постапка, ниту да има изречени санкции кои го дисквалификуваат за оваа функција.
Можни кандидати и политичка позадина
Во моментов, во јавноста кружат неколку имиња како можни кандидати за нов гувернер покрај актуелната гувернерка Анита Ангеловска – Бежовска, се и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски, поранешната вицегувернерка и актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Кадиевска Војновиќ, но и Трајко Славевски – универзитетски професор и поранешен министер за финансии, кој веќе подолго време важи за еден од највлијателните економски гласови во партијата.
Во јавноста веќе кружат неколку имиња како можни кандидати за нов гувернер. Покрај актуелната гувернерка Ангеловска-Бежовска, за која се оценува дека успешно раководи со институцијата и има силна поддршка од меѓународни финансиски институции како ММФ, ЕЦБ и ЕБОР, се споменуваат и:
- Зоран Ставрески – поранешен министер за финансии и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Според неофицијални информации, тој е прв на листата од внатрепартиска анкета спроведена од владејачката партија.
- Трајко Славевски – универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии. Тој е еден од еден од највлијателните економски гласови во ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на Советот на Град Скопје.
- Маја Кадиевска Војновиќ – поранешна вицегувернерка на Народната банка, со богато искуство во монетарната политика. Во моментов е членка на надзорните одбори на КИБС и Стопанска банка а.д. Битола.
Анкетата која била спроведена во рамки на владејачката ВМРО-ДПМНЕ имала за цел да ја тестира јавната поддршка и експертската прифатливост на потенцијалните кандидати, што укажува дека изборот се разгледува не само низ институционална, туку и политичка призма.
Зошто е толку многу важен овој избор?
Изборот на нов гувернер доаѓа во критичен економски момент. Народната банка, преку водењето на монетарната политика, контролата на инфлацијата, управувањето со девизните резерви и надзорот над банкарскиот систем, има централна улога во стабилноста и сигурноста на економијата.
Идниот гувернер ќе треба да обезбеди доверба во националната валута, стабилност на банкарскиот сектор, но и да биде партнeр на меѓународните институции во справување со глобалните и локални економски предизвици.
- Банкипред 2 недели
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Банкипред 1 месец
Шпаркасе Банка наскоро започнува со изградба на нова Централа во Скопје
- Интервјуапред 2 месеци
Интервју | ЕМИЛИЈА НАЦЕВСКА: Вклучувањето на Македонија во СЕПА отвора ново поглавје во меѓународните плаќања
- Советипред 1 месец
Водич за станбени кредити – Дел 1: Што треба да знаете пред да аплицирате?
- Банкипред 2 месеци
Промени во Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје
- Бизниспред 2 месеци
Просечната нето плата во Македонија се зголемила за 8,9 проценти и во јануари изнесувала 43.050 денари
- Вработувањепред 2 месеци
Германија ги намалува квотите за работници од Македонија и Балканот
- Колумнипред 2 месеци
Кон дигиталната ера: Електронскиот потпис, норма и неопходност на модерното банкарство