Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска: Родовата еднаквост не само квантитативно, туку и квалитативно ќе го поттикне економскиот раст

Објавено

на

Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените. Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот. „Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.

Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.

Гувернерката посочува дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.

На работилницата во организација на Катедрата по економија, на која и гувернерката одржа предавање, учествуваа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Билјана Ангелова и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), д-р Владанка Трајкоска. Работилницата ја отвори деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Предраг Трпески, а воведни обраќања имаа и професорките д-р Даниела Бојаџиева и д-р Билјана Ташевска.

Банки

Стопанска банка го организира десеттото издание на „Вози право, вози здраво“ на 6 јуни во Скопје

Објавено

на

„Вози право, вози здраво“ по десетти пат – настанот ќе се одржи на 6 јуни во Скопје

Традиционалната велосипедска манифестација „Вози право, вози здраво“ годинава ќе го има своето десетто издание, а организаторите најавуваат дружење, рекреација и можност за освојување вредни награди.

Настанот ќе се одржи на 6 јуни 2026 година со почеток во 17 часот, пред Порта Македонија.

Заинтересираните учесници можат да се регистрираат преку платформата на Стопанска банка АД Скопје, каде е објавен и формуларот за пријавување: Регистрација за „Вози право, вози здраво“

Од банката информираат дека и оваа година ќе донираат за развој на урбаниот велосипедизам, а најавена е изградба на детски велопарк во населбата Карпош 4 во Скопје.

Продолжи со читање

Банки

„Без граници, без препреки“ – виртуелно музејско патување што ги обедини децата од светот во Музејот на Народната банка

Објавено

на

Музејот на Народната банка оваа година го одбележува Меѓународниот ден на музеите ‒ 18 мај, организирајќи големa виртуелна едукативна дружба со деца на училишна возраст од различни делови на светот, обединети во желбата да ги откријат тајните на исклучителната македонска ризница на антички и средновековни пари коишто се чуваат во нашиот музеј, што e отворен за јавноста секој работен ден од 9 до 15 часот.

Музејското патување низ монетарното минато на нашата земја беше насловено „Без граници, без препреки“, во духот на овогодишната тема на Меѓународниот комитет на музеите „Музеите што го обединуваат поделениот свет“.

Кустосите од Музејот на Народната банка одржаа настан за учење и паметење за 80 македонски деца што се ученици во Австрија, Белгија, Норвешка, Хрватска, Австралија, Франција, Италија, Германија, Шведска, Холандија, Велика Британија, Данска, Канада и во земјава, коишто можеа интерактивно да се дружат и да дознаат необични факти за нумизматичкото културно наследство на нашата земја.

Возбудливото враќање во минатото заврши со кратко откривање на некои од тајните на изгледот на денешните македонски пари, а потоа и со прогласување на победниците од интерактивниот квиз.

Продолжи со читање

Банки

Славески од Регионалниот состанок на гувернери: Поврзувањето на системите за инстант плаќања е едно од најпрактичните решенија за побрзи и поевтини прекугранични плаќања

Објавено

на

Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, учествуваше на Регионалниот состанок на гувернери што се одржа во Пула, Република Хрватска, во организација на Хрватската народна банка, каде што во фокусот на дискусиите беа дигиталната трансформација на финансискиот систем, дигиталните средства и иднината на прекуграничните плаќања.

На тркалезната маса на тема „Од експеримент до инфраструктура: дигиталните средства во традиционалниот финансиски свет“, гувернерот Славески посочи дека поврзувањето на системите за инстант плаќања во регионот, преку решенија засновани врз платформата клон на ТИПС, претставува едно од најпрактичните и најодржливите решенија за побрзи, поевтини и потранспарентни прекугранични плаќања во евра. Притоа беше истакнато дека ваквиот пристап овозможува регионална интеграција и подобра поврзаност со европската платежна инфраструктура, без нарушување на монетарниот суверенитет на државите.

Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека технолошките иновации треба да создаваат реална економска вредност, преку поефикасни платни системи, подобра достапност на финансиските услуги и намалување на трансакциските трошоци, а не да бидат водени исклучиво од шпекулативни цели. Тој посочи дека дигиталната трансформација на финансискиот сектор мора да се одвива паралелно со јасна регулаторна рамка, силна киберзаштита и зачувување на довербата во финансискиот систем.

Славески се осврна и на активностите што ги презема Народна банка во областа на финтек-иновациите и модернизацијата на финансискиот сектор, во рамките на Финтек-стратегијата за финансиските регулатори 2023 − 2027 година. Во таа насока, беше посочено дека Народната банка има проактивен пристап кон дигиталната трансформација и активно ги следи светските трендови поврзани со дигиталните валути на централните банки и развојот на дигиталното евро.

Притоа, беше нагласено дека како мала и отворена економија којашто е тесно поврзана со еврозоната, нашата земја внимателно ги анализира можните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз домашниот финансиски систем. Во тој контекст, Народната банка веќе ги разгледува можностите и потенцијалните ефекти од евентуално воведување дигитален денар, особено во делот на модернизацијата на плаќањата, финансиската вклученост и ефикасноста на монетарната политика.

На состанокот беше истакнато и дека домашните банки и небанкарските финансиски институции сѐ повеќе инвестираат во нови технологии, дигитални платформи и автоматизација на процесите, при што дигиталната трансформација веќе се препознава како стратегиски приоритет за натамошен развој и зголемување на ефикасноста на финансискиот сектор.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange