Банки
Народна банка: Банкарскиот систем останува здрав и стабилен, а мерките на Народната банка придонесуваат за дополнително зголемување на неговата отпорност
Советот на Народната банка на истата седница го разгледа и го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2023 година. Во Извештајот се оценува дека банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, при што окружувањето и натаму е неизвесно како резултат на глобалните фактори и проследено со сѐ уште високи, иако намалени, стапки на инфлација и затегнување на финансиските услови.
Заклучно со крајот на првиот квартал од оваа година, депозитите од домаќинствата и корпоративниот сектор на годишна основа забележаа забрзан раст, додека растот на кредитите беше помал. Во услови на задржана доверба во банкарскиот систем, депозитите забележаа забрзан годишен раст до нивото од 7,8%, a oсобено карактеристични се поволните поместувања кај долгорочните депозити, коишто по подолгиот период на намалување, во првиот квартал забележаа раст на годишна основа. При извесно затегнување на финансиските услови, годишниот раст на кредитирањето забави и изнесуваше 6,4%.
Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. Стапката на адекватност на капиталот забележа квартално зголемување за 0,3 п.п., достигнувајќи го највисокото ниво во последните шеснаесетина години, од 18%. Подобрата солвентност најмногу е резултат на реинвестирањето на добивките од минатата година. Безмалку една третина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓа на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни“ над потребното минимално ниво, коишто банките може да ги користат за справување со различни предизвици при надолните движењаи од економските циклуси и во кризни услови. Добивката на домашниот банкарски систем се зголеми, додека периодот на посилен раст на приходите на банките се искористи за јакнење на капацитетот за справување со евентуални идни кредитни загуби.
Показателите за ликвидноста се на задоволително ниво. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем е на значително повисоко ниво од регулаторниот минимум и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем. Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи.
Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа. Вкупните нефункционални кредити продолжија да се намалуваат, со што и нивното учество во вкупните кредити се намали за 0,1 п.п., до ново историски најниско ниво од 2,8%. Сепак, неизвесното окружување, заедно со постепеното затегнување на финансиските услови, наметнува потреба банките и натаму внимателно да го следат кредитниот ризик.
Со цел понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, на својата редовна седница Советот на Народната банка донесе макропрудентна мерка за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на домашните банки за 0,25 процентни поени, од претходно утврдените 0,75% на 1%, со почеток на примена од 1 јули 2024 година. Зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот има за цел да делува превентивно и да води кон натамошно зајакнување на капиталната позиција на банките, земајќи ги предвид тековните макроекономски услови и движењата на пазарот на недвижности. Оваа мерка е во согласност со мерките што се преземаат во поголем број земји во Европската Унија со кои се бара повисока адекватност на капиталот на банките како заштита од можните ризици од окружувањето.
Банки
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот останува 2% и во четвртото тримесечје од 2027 година
Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава да остане на истото ниво од 2%. Одлуката е донесена врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, според податоците заклучно со вториот квартал од 2026 година. Оваа стапка ќе важи од четвртото тримесечје на 2027 година и се оценува дека таа е соодветна на тековните макрофинансиски услови и на состојбите во банкарскиот систем.
Банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови, што го потврдуваат резултатите од стрес-тестовите, а се гледа и преку соодветната капитализираност и ликвидност, ниската стапка на нефункционални кредити и солидната профитабилност.
Одлуката за задржување на истата стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот е поткрепена и со макропрудентните мерки преземени на крајот од минатата година и измените кај задолжителната резерва, во билансите на банките, при што се забележува подобрување на структурата на новоодобрените кредити според висината на ЛТВ и ДСТИ, а кај депозитите на домаќинствата и натаму се бележат поволни поместувања од аспект на рочната и валутната компонента.
Ваквата поставеност на макропрудентните мерки би придонесла за ограничување на системските ризици во следниот период и за натамошно задржување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и редовно, на квартална основа, ќе ја преоценува висината на стапката.
Банки
ТТК Банка ја исплати првата годишна камата на третата емисија корпоративни обврзници
ТТК Банка АД Скопје на 18 септември 2026 година ја исплати првата годишна камата на сопствениците на корпоративни обврзници од третата емисија, со ISIN MKTTKS200038 и шифра TTKO3.
Пресметката на камата е извршена по фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво. Право на исплата на камата имаа сите лица регистрирани во книгата на иматели на корпоративна обврзница – трета емисија во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 17 септември 2026 година.
Третата емисија на корпоративни обврзници ТТК Банка ја реализираше во септември 2025 година од коишто за кратко време се запишаа и уплатија 100% од понудените 1.000 обврзници по номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од шест години, а во вкупна вредност од 1.000.000 евра и фиксна каматна стапка од 5,00% на годишно ниво.
Со исплатата на првата годишна камата, ТТК Банка ја реализира првата каматна обврска кон инвеститорите по основ на оваа емисија корпоративни обврзници.
Банки
Стопанска банка и годинава поддржувач на фестивалот „Браќа Манаки“
Стопанска банка АД – Скопје и годинава ја продолжува својата поддршка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој од 19 до 25 септември ќе се одржува во Битола.
Фестивалот, кој веќе 47 години ја слави филмската уметност, традиционално ги собира врвните кинематографери од целиот свет, претставувајќи ги нивната визија, креативност и придонес во создавањето на филмската магија.
Под мотото „На страната на филмот“, Стопанска банка и оваа година е пријател и поддржувач на престижната културна манифестација.

Од Банката ги повикуваат љубителите на седмата уметност од 19 до 25 септември во Битола заедно да ја споделат магијата на филмот.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





