Connect with us
no baners

Банки

Народна банка: Годишен раст од 8,6% на вкупните депозити и од 6,3% на вкупната кредитна поддршка во април

Објавено

на

Народната банка во април регистрира годишен раст од 8,6 проценти на вкупните депозити и од 6,3 проценти на вкупната кредитна поддршка.

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 8,6 проценти, како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.

Годишниот пораст на кредитите од 6,3 проценти е резултат на повисокото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства, информира Народната банка.

Кредитите на домаќинствата, во април, се повисоки за 0,4 проценти и 6,7 проценти, на месечна и годишна основа, соодветно.

Растот по двете основи, е резултат на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута.

Во април годинава гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст од 0,4 проценти и 0,5 проценти, соодветно, при годишен раст од 6,2 проценти и 11,2 проценти, соодветно.

Автомобилските кредити, во април, се намалени за 1,9 проценти на месечна основа, додека на годишна основа се зголемени за 3 проценти.

Кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен пад од 0,2 проценти, а на годишно ниво се непроменети.

Негативните салда на тековни сметки забележаа месечно зголемување од 0,1 процент, при годишен раст од 1,5 проценти.

Кредитите одобрени врз други основи, во април, се пониски за 2,1 процент и 15,9 проценти на месечна и годишна основа, соодветно.

Вкупните депозити, во април, остварија раст од 1,3% на месечна основа, којшто се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 8,6%, како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.

Во април 2023 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен раст од 2,5%, во поголем дел поради повисоките краткорочни депозити во странска валута и депозитните пари, при помал позитивен придонес на долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на забележан пад на краткорочните депозити во денари. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 12,0%, во поголем дел поради растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при позитивно влијание и на останатите компоненти.

Во април 2023 година, депозитите на домаќинствата забележаа месечно зголемување од 0,8%, во најголем дел поради растот на депозитните пари, како и долгорочните депозити во денари и во странска валута, а во помал дел и поради краткорочните депозити во денари, во услови на забележан пад на краткорочните депозити во странска валута. Во однос на април претходната година, депозитите на домаќинствата остварија раст од 8,3%, којшто во поголем дел се должи на зголемените депозитни пари, при дополнителен позитивен придонес и на долгорочните депозити во странска валута и во денари и на краткорочните депозити во странска валута.

Банки

Стопанска банка го отвори новото седиште

Објавено

на

Стопанска банка свечено го отвори своето ново седиште во Скопје, инвестиција вредна 50 милиони евра, со што банката означи почеток на ново поглавје во својата повеќе од осумдецениска историја.

На гала-церемонијата присуствувале околу 300 гости, а настанот се одржа под мотото „Обележје за иднината. Уметност во создавање на утрешнината“. Свеченоста вклучуваше музика, театар, танц, гастрономија и визуелна уметност, со што беше нагласена долгогодишната поврзаност на банката со уметноста и заедницата.

Стопанска банка е основана во 1944 година како прва банка во земјата. Новото седиште, според раководството, претставува дел од пошироката трансформација на банката и треба да создаде современа работна средина која ќе ги поддржи идниот развој, иновациите и одржливиот раст.

Генералната извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на Стопанска банка, Хрисула Кутуди, истакна дека во реализацијата на проектот се вложени значителна визија, труд и посветеност.

Таа нагласи дека новата деловна зграда не е само современ архитектонски објект, туку простор кој треба да ја поттикнува креативноста, соработката и иновациите, како и да создава дополнителна вредност за клиентите, партнерите, вработените и заедницата.

На свеченоста присуствуваше и највисокото раководство на Националната банка на Грција, што, според банката, го потврдува стратешкото значење на Стопанска банка во рамки на NBG Групацијата.

Претседателот на NBG Групацијата, Гикас Хардувелис, оцени дека новото седиште претставува ново обележје на Скопје и симбол на вредностите што ги споделуваат Стопанска банка и НБГ Групацијата – доверба, банкарство насочено кон клиентите, приспособување кон технолошките промени и поддршка на одржливиот економски раст.

Генералниот извршен директор на NBG Групацијата, Павлос Милонас, пак, посочи дека новото седиште е значајна пресвртница во процесот на трансформација на банката и дека во следниот период се очекуваат нови иновации во банкарството и финансиските услуги.

На отворањето присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која порача дека стабилната и предвидлива регулаторна рамка е еден од клучните предуслови за развојот на финансискиот и банкарскиот сектор.

Според неа, силниот и модерен банкарски систем има важна улога во создавањето услови за економски раст и развој, а институциите треба да продолжат со креирање политики кои ќе обезбедуваат сигурност, доверба и предвидливост за финансиските институции, граѓаните и компаниите.

Седиште на 17.893 квадратни метри

Новото седиште на Стопанска банка се простира на површина од 17.893 квадратни метри и располага со 11 ката современ деловен простор.

Во објектот ќе работат повеќе од 500 вработени, а во неговите рамки се сместени и современ дата-центар, банкарска филијала со целосен опсег на услуги, ATM зона, брокерски услуги, трезорски капацитети, како и конференциски и едукативни простории.

Според податоците на банката, на крајот на 2025 година Стопанска банка управувала со вкупна актива од 157,2 милијарди денари, односно околу 2,6 милијарди евра.

Кредитите кон клиентите изнесувале 108,9 милијарди денари, а депозитите 119,8 милијарди денари. Во текот на 2025 година, кредитното портфолио и депозитите пораснале за 10%, додека вкупната актива забележала раст од 9,1%.

Банката располага со мрежа од 55 филијали и 173 банкомати, а бројот на физички и корпоративни клиенти се приближува до половина милион.

Со отворањето на новото седиште, Стопанска банка го продолжува развојот од нова деловна адреса која, според раководството, треба да стане центар на нејзината идна трансформација и модернизација.

Продолжи со читање

Банки

Претставници на АЛТА банка на одбележувањето на 25 години КИБС

Објавено

на

Претставници на АЛТА банка присуствуваа на свеченото одбележување на 25-годишниот јубилеј на КИБС.

Од банката посочуваат дека настанот бил можност да се истакне значењето на континуираната соработка и партнерските односи во финансискиот сектор.

Присуството на претставниците на АЛТА банка на јубилејното одбележување уште еднаш ја нагласува важноста на институционалната соработка и поврзаноста меѓу учесниците во финансискиот систем.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка ги заострува условите за кредитирање на граѓаните

Објавено

на

Народната банка воведува построги макропрудентни мерки за кредитирањето на физичките лица, со кои се намалува дозволеното ниво на задолженост на граѓаните и се скратува максималниот рок за отплата на дел од кредитите. Новите правила ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.

Според одлуката на Извршниот одбор на Народната банка, максималниот однос меѓу месечните кредитни обврски и приходите на кредитокорисникот, познат како ДСТИ, се намалува за пет процентни поени.

Кај кредитите во денари, максималниот ДСТИ ќе изнесува 45%, наместо досегашните 50%, додека кај кредитите со валутна компонента лимитот се намалува од 45% на 40%. Тоа значи дека банките при одобрувањето кредити ќе треба да водат сметка месечните отплати на клиентите да не го надминуваат утврдениот процент од нивните месечни приходи.

Исклучок остануваат граѓаните кои за првпат купуваат сопствено живеалиште. За нив и натаму ќе важат досегашните лимити од 50% за денарските кредити и 45% за кредитите со валутна компонента.

Промени се предвидени и кај роковите за отплата. Максималниот рок за станбените кредити се скратува од 30 на 25 години, додека кај хипотекарните потрошувачки кредити ќе се намали од 20 на 15 години. За кредитите наменети за прво купување сопствено живеалиште максималниот рок останува 30 години.

Од Народната банка посочуваат дека мерките се носат превентивно, во услови кога банкарскиот систем е здрав и стабилен и нема присутни системски ризици. Истовремено, кредитирањето на населението продолжува да расте.

Во првото полугодие од 2026 година, кредитите на физичките лица бележат годишен раст од 12,2%, во споредба со 11,2% во 2025 година. Најголема динамика има кај станбените кредити, чиј годишен раст достигнал 16,6%.

Народната банка оценува дека ваквата динамика бара навремено ограничување на можните ризици од прекумерно задолжување на домаќинствата, со цел да се зачува одржливоста на кредитирањето и финансиската стабилност.

Макропрудентните ограничувања за кредитирањето на физичките лица првпат беа воведени во јули 2023 година, а дополнително беа зајакнати во декември 2025 година. Според централната банка, досегашната примена на мерките придонела за подобрување на структурата на новото кредитирање и за намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар.

Со новите измени и натаму се задржува поповолниот регулаторен третман за граѓаните кои првпат решаваат станбено прашање.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange