Connect with us

Банки

Мен енд Маунтен заедно со Пивара Скопје и Пакомак продолжува со најголемата акција за чистење и пошумување ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2023

Објавено

на

Продолжува стратешкото партнерство помеѓу Мен Енд Маунтен, Пивара Скопје и Пакомак, поддржано од Шпаркасе Банка и Нула Отпад, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во третата по ред еколошка акција – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД. Акцијата годинава се спроведува во 53 општини и 450 училишта низ државата со повеќе од 16 000 волонтери.

Во рамки на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2023 од 12-ти до 14-ми мај, ќе биде собран отпадот од локациите мапирани од страна на секоја општина засебно.

Волонтерите од Пивара Скопје, заедно со останатите партнери и заинтересирани граѓани, во петок, на 12 мај, ќе го собираат отпадот на локација во атарот на селото Јажинце под општина Јегуновце, во подножјето на Шар Планина.

„Девет месеци континуирано го посветуваме нашето време, ресурси и волонтерските часови на Пиварци во креирање на платформа која ќе ги промени навиките градејќи систем за одржлива животна средина, и ќе создаде партнерства со сите оние со кои ги делиме истите вредности“, изјави Ламбро Патче, директор за корпоративни работи и одржливост на Пивара Скопје.

За собраниот отпад во текот на акцијата ќе се погрижат локалните комунални претпријатија, Пакомак и Нула Отпад со соодветна селекција и рециклирање, а на сите локации ќе има и тимови од Црвен Крст кои ќе се погрижат за безбедноста на волонтерите.

„Да покажеме совесност и одговорност за своето однесување кон природата и да се вклучиме во ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД – акција која ја покажува моќта на заедништвото и ни дава можност отпадот да го претвориме во наша зелена иднина“, изјави Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и јас лично, како еден од првите пет топ приоритети ја имаме ЗЕЛЕНАТА ТРАНЗИЦИЈА, која нашата држава во голема мера ќе ја направи поеколошка и позелена. За секои 10 кг собран отпад садиме по едно дрво и создаваме нов живот со разновиден растителен и животински свет“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

„Шпаркасе Банка интензивно ги поддржува активностите во областа на екологијата и на заштитата на човековата средина, како предуслов за просперитет на сегашните и идните генерации и креирање на одржлив свет“, изјави Катарина Штерјовска-Раца, раководител на маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка АД Скопје.

“ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД инспирира промени, повикува на единство за нешто што е важно и во заеднички интерес на сите нас, а тоа е чист воздух, чиста почва и чиста вода”, изјави Марјанчо Дамески, управител на Нула Отпад.

„Кога целото општеството соработува заедно, можеме да направиме промени: Да се
извалкаме и да исчистиме!“, изјави Гордана Софија од Мен енд Манутен.

Оваа година новина е можноста за споделување на атмосферата од ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД што ќе оди со пренос во живо во Фејсбук групата: https://www.facebook.com/groups/generalka.weekend.

Банки

Народна банка: Каматите на вкупните кредити се намалија, новите заеми поскапеа во август

Објавено

на

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во август 2026 година изнесувала 4,67 проценти, што претставува намалување од 0,01 процентен поен во однос на претходниот месец и од 0,23 процентни поени на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Кај депозитите, просечната каматна стапка останала непроменета во однос на јули и изнесувала 2,18 проценти. На годишно ниво е забележано минимално намалување од 0,01 процентен поен.

Истовремено, податоците покажуваат поинакво движење кај новите банкарски производи. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во август се зголемила за 0,26 процентни поени на месечно и за 0,22 процентни поени на годишно ниво, достигнувајќи 4,70 проценти.

Повисоки камати се забележани и кај новопримените депозити. Нивната просечна каматна стапка изнесувала 2,72 проценти, што е зголемување од 0,30 процентни поени во однос на јули и од 0,66 процентни поени во однос на август минатата година.

Каматите за компаниите благо се намалуваат кај постојните кредити

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити во август се намалила за 0,01 процентен поен и изнесувала 4,33 проценти. На годишно ниво намалувањето изнесува 0,19 процентни поени.

Кај депозитите на компаниите, пак, е забележано зголемување. Просечната каматна стапка изнесувала 2,69 проценти, што е раст од 0,06 процентни поени на месечно и од 0,16 процентни поени на годишно ниво.

Позначителен раст е регистриран кај новоодобрените корпоративни кредити. Нивната просечна каматна стапка достигнала 4,68 проценти, по месечен раст од 0,47 процентни поени. На годишна основа, по неколку месеци на намалување, каматата се зголемила за 0,35 процентни поени.

Кај новопримените депозити на компаниите каматната стапка изнесувала 2,75 проценти, при месечен раст од 0,77 и годишен раст од 0,89 процентни поени.

Каматата на кредитите за населението падна на 5 проценти

Кај домаќинствата продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити. Во август таа изнесувала 5 проценти, што е намалување од 0,02 процентни поени во однос на јули и од 0,27 процентни поени на годишно ниво.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата останала непроменета на месечно ниво и изнесувала 2,11 проценти. Во споредба со август минатата година, таа е пониска за 0,03 процентни поени.

Кај новоодобрените кредити за домаќинствата немало промена во однос на претходниот месец, па просечната каматна стапка останала на 4,73 проценти. На годишно ниво, сепак, таа е повисока за 0,05 процентни поени.

Новопримените депозити на домаќинствата во август носеле просечна камата од 2,72 проценти, што претставува зголемување од 0,07 процентни поени на месечно и од 0,54 процентни поени на годишно ниво.

Податоците на Народната банка покажуваат дека, иако просечните камати на вкупното кредитно портфолио продолжуваат благо да се намалуваат, кај новоодобрените кредити во август е забележан раст на каматните стапки. Од друга страна, повисоките камати на новопримените депозити значат и нешто подобри услови за новото штедење во банките.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја исплати септемвриската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец септември, а средствата веќе им се достапни на пензионерите.

Од Банката посочуваат дека корисниците можат веднаш да располагаат со средствата и ги охрабруваат пензионерите да ги користат достапните дигитални и безготовински канали за плаќање.

„Ве советуваме вашето ценето време да го заштедите преку користење на мрежата на банкомати, поголемо користење на безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство“, наведуваат од НЛБ Банка.

Со ова, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку НЛБ Банка можат да ги користат средствата уште веднаш, без потреба од чекање на шалтер.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange