Connect with us
no baners

Банки

Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика – каматните стапки зголемени за дополнителни 0,25 п.п.

Објавено

на

На 21 март 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,25 п.п. до нивото од 5,50%. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,40% и 3,45%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Со овие промени, Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, со активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.

Поместувањата во изминатиот период во сегментите релевантни за монетарната политика се во согласност со очекувањата, но ризиците и натаму опстојуваат. Годишната стапка на инфлација забавува и во февруари 2023 година, четврти месец последователно. Воедно, анкетните истражувања на Европската комисија, од ноември наваму, покажуваат очекувања на потрошувачите за одредено намалување на инфлацијата во следните дванаесет месеци. Забавување бележи и базичната инфлација, но таа и натаму е на повисоко нивo. Исто така, и покрај надолната патека, очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите и натаму се проследени со голема неизвесност. На девизниот пазар, движењата се стабилни, при забележано подобрување во сите сегменти, вклучително и кај корпоративниот сектор. Сепак, неизвесноста околу идните текови и натаму опстојува, а амбиентот за спроведување на монетарната политика дополнително се усложнува со најновите случувања во САД и Европа поврзани со проблемите во финансиската сфера. Од тие причини, неопходно е претпазливо водење на политиките заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Гледано од аспект на странската каматна стапка, како битен надворешен фактор за спроведувањето на домашната монетарна политика, на состанокот во март, ЕЦБ, според најавата, донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво подолг период од претходно очекуваниот.

Во однос на најновите показатели, растот кај домашните цени и натаму забавува во согласност со очекувањата и во февруари 2023 година се сведе на 16,7% (17,1% во јануари). Забавувањето на годишната стапка на инфлација е условено од забавениот раст на цените кај енергетската и базичната компонента на инфлацијата, при одредено стабилизирање кај прехранбената компонента. Ревизиите во однос на очекуваните движења кај надворешните влезни претпоставки за проекцијата на инфлацијата се во различни насоки, при што ризиците во однос на проектираната стапка на инфлација за 2023 година главно се урамнотежени. Притоа, и понатаму е нагласена високата неизвесност во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, при неизвесни економски ефекти од војната во Украина.

Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на февруари е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на февруари беа претежно стабилни, при што Народната банка само повремено беше присутна на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јануари 2023 година засега е малку понизок од очекувањата за првиот квартал од годината, но периодот на оцена е премногу кус за да се изведат попрецизни заклучоци. Најновите остварувања на менувачкиот пазар, заклучно со февруари, се поволни и засега се во склад со проектираните нето-приливи од приватните трансфери за првиот квартал од 2023 година. Остварувањата кај билансот на плаќања за четвртиот квартал од 2022 година упатуваат на понизок дефицит во тековната сметка во однос на октомвриската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи од очекуваните, што заедно доведе до повисок раст на девизните резерви од проектираниот.

Што се однесува до домашната економска активност, во четвртиот квартал од 2022 година реалниот раст на БДП очекувано забави, со што во просек, за целата 2022 година, економијата бележи реален раст од 2,1%, што е многу блиску до очекувањата од октомвриската проекција. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за јануари покажуваат солиден реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот пад во претходниот квартал, како и поумерени негативни движења кај индустриското производство.

Во однос на монетарните движења, заклучно со февруари 2023 година растот на кредитната активност на годишна основа и натаму забавува сведувајќи се на 7,7%, што главно е во рамките на очекуваното забавување. Притоа, кредитите на населението и натаму забавуваат, при што годишната стапка на раст во февруари изнесуваше 7,2%. Истовремено, растот кај депозитите забрза и достигна 5,9%, што е малку над очекувањата.

Општо земено, неизвесното и променливо надворешно окружување и нагласените ризици налагаат натамошна претпазливост од носителите на макроекономски политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.

Банки

Народната банка: Предлозите за вицегувернери се доставени, изборот е во надлежност на Собранието

Објавено

на

Народната банка ја информира јавноста дека предлозите за вицегувернери се доставени до Собранието по завршување на јавниот повик и во согласност со законските процедури.

Во оваа фаза, постапката за избор е во надлежност на Собранието. Категорично ги отфрламе тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери или дека функционирањето на Народната банка е доведено во прашање.

Согласно член 55, став 3 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Ова обезбедува континуитет во работењето и гарантира стабилност и непречено функционирање на институцијата, што е во согласност и со насоките на Меѓународниот монетарен фонд

Ваква ситуација не е новост и одредени пролонгирања се забележани и во претходни избори на членови на Советот на Народната банка. Потсетуваме дека во 2018 година, кога СДСМ заедно со својот коалициски партнер ДУИ го имаа мнозинството во Собранието, Советот на Народна банка повеќе месеци функционираше во нецелосен состав, што не е случај сега.

Законот и сегашната практика јасно обезбедуваат континуитет и стабилност во работењето на Народната банка до избор на нови носители на функциите.

Народната банка изразува загриженост, што преку неосновани и селективни информации пласирани во јавноста се доведува во прашање работењето на една високопрофесионална и одговорна институција.

Продолжи со читање

Банки

АЛТА Банка го продолжи промотивниот период до 30 јуни 2026 година за најповолниот потрошувачки кредит на македонскиот пазар

Објавено

на

АЛТА Банка го продолжи промотивниот период за својот потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар, кој сега ќе биде достапен до 30 јуни 2026 година. Понудата е дел од стратегијата на Банката за зајакнување на присуството на македонскиот финансиски пазар и обезбедување современи и достапни финансиски решенија за граѓаните.

Со оваа понуда клиентите можат да аплицираат за потрошувачки кредит до 2.500.000 денари, со каматна стапка од 4,5% и рок на отплата до 120 месеци. Дополнителна поволност е што кредитот се одобрува без провизија за исплата, што претставува значајна финансиска заштеда за корисниците.

Како една од најголемите предности, АЛТА Банка ги издвојува едноставните процедури и брзината на одлучување, овозможувајќи навремено одобрување на кредитните барања и поголема флексибилност, фактор кој е од исклучителна важност за клиентите денес.

Со продолжувањето на промотивниот период, АЛТА Банка ја потврдува својата заложба да понуди стабилни, сигурни и конкурентни финансиски решенија и да се позиционира како доверлив партнер на македонските граѓани.

Повеќе информации за условите и потребната документација се достапни на официјалната веб-страница на Банката.

Продолжи со читање

Банки

Утре започнува Конференцијата на високо ниво за централното банкарство во услови на светски промени

Објавено

на

Утре, Народната банка, со поддршка на Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF – The European Money and Finance Forum), ја организира Конференцијата на високо ниво на тема: „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“, којашто ќе се одржи на 24 март во Скопје.

Настанот претставува уникатна можност за продлабочување на меѓународната соработка и размената на знаења, искуства и мислења меѓу гувернерите, претставници на централните банки, меѓународните финансиски институции и академската заедница. Темите ќе ги опфаќаат актуелните предизвици со кои се соочува централното банкарство и улогата на централните банки во обезбедувањето стабилен и отпорен финансиски систем во време на забрзани светски промени.

Конференцијата ќе ја отвори гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, а ќе се обратат и премиерот Христијан Мицкоски и генералниот секретар на СУЕРФ Ернест Ган.

Во рамките на настанот ќе се одржат повеќе панел-дискусии на кои гувернери и високи претставници на централните банки и на меѓународните финансиски институции ќе разговараат за главните предизвици за централното банкарство во услови на зголемена светска неизвесност. Учесниците ќе зборуваат за макроекономските политики, искуствата од справувањето со светските економски шокови и улогата на економските политики во одржувањето на финансиската стабилност.

Посебна панел-дискусија ќе биде посветена на дигитализацијата и иновациите, каде што излагачите ќе ги разгледуваат можностите и предизвиците што ги носат новите технологии за централните банки и за финансискиот систем. Во рамките на панел-дискусијата за финансиската стабилност ќе се зборува за улогата на макропрудентните политики, нивната интеракција со другите економски политики и за ризиците поврзани со пазарот на недвижности. Учесниците ќе ги споделат и своите искуства од примената на инструментите за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.

Конференцијата ќе може да се следи во живо на каналот на Народната банка на „Јутјуб“.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange