Берза
Абази: Домашните инвеститори сè повеќе ги избираат странските пазари, мора да го активираме домашниот капитал
Домашните инвеститори во последно време сè повеќе ги преферираат странските пазари и платформите за тргување, а македонскиот пазар на капитал мора да создаде услови не само да ги задржи постојните инвеститори, туку и да ги врати оние што се насочиле кон странство и да привлече нови.
Ова беше една од клучните пораки на претседателката на Комисијата за хартии од вредност, М-р Бујаре Абази на отворањето на 25. Годишна конференција на Македонската берза АД Скопје, која се одржува од 21 до 23 септември во Охрид.
„Познато е дека перцепцијата е реалност и тоа не треба да го занемаруваме. Познато е и дека домашните инвеститори во последно време повеќе ги преферираат странските пазари и платформите за тргување. Прашањето е како да ја поправиме состојбата?“, порача претседателката на КХВ.
Според неа, еден од најголемите потенцијали за развој на домашниот пазар е активирањето на значителните заштеди на граѓаните и компаниите. КХВ ја нагласува потребата од „будење“ на пасивните милијарди денари и создавање услови дел од нив да бидат насочени кон инвестирање преку пазарот на капитал.
Пазарот на капитал, притоа, не треба да се гледа како конкурент на банкарското кредитирање, туку како негово надополнување, особено при финансирање иновативни и поризични проекти и обезбедување дополнителни извори на капитал за малите и средните претпријатија.
Во фокусот на КХВ е и усогласувањето со европските стандарди. Со поддршка од Министерството за финансии и во соработка со берзанската заедница се подготвени нови преодни одредби за усогласување на овластените учесници со новиот Закон за финансиски инструменти, чија примена започнува следната недела.
„Целта не треба да биде само пазар што функционира. Нашата амбиција мора да биде пазар што расте“, порача Абази, додавајќи дека за тоа е потребно партнерство меѓу регулаторот, државните институции, компаниите, овластените учесници и инвеститорите.
Крајната цел е домашниот пазар да ги претвора заштедите во инвестиции, регулативата во доверба, а довербата во економски развој.
Берза
Штериев: На Македонската берза ѝ требаат нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници, како и регионален ETF со вклучување на неколку акции од нашиот пазар
„Проширувањето на понудата на пазарот на капитал со нови финансиски инструменти, емисии на акции и обврзници е еден од главните предизвици со кои се соочува Македонската берза“, истакна главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, на 25. јубилејна Годишна конференција на Берзата во Охрид, која се одржува по повод 30 години од нејзиното основање.
Штериев посочи дека вкупниот промет на Македонската берза до 15 септември изнесува околу 89,8 милиони евра, што е околу 8% помалку во споредба со истиот период минатата година. Класичното тргување е намалено за 27%, додека блок-трансакциите бележат раст од околу 159%.
Индексот МБИ10 на 15 септември изнесувал 9.151 поен, што претставува пад од 8,9% во однос на крајот на 2025 година.
„На плиток пазар, како нашиот, со мал број активни учесници, и релативно мали промени во расположението можат значајно да се почувствуваат“, истакна Штериев.
Според него, состојбите на домашниот пазар не можат целосно да се објаснат со глобалниот берзански сентимент. Како клучни ограничувања ги посочи тесната понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори, особено во услови кога домашните инвеститори имаат сè поголем избор на странските берзи.

Фокус на нови извори на капитал
Како една од конкретните активности за проширување на понудата, Штериев го посочи проектот со ЕБОР за подготовка на домашните компании за финансирање преку пазарот на капитал.
За 10 места во програмата се пријавиле повеќе од 20 компании, а финалната селекција треба да биде направена наскоро.
Дополнителни можности се очекуваат и од регионалниот проект Junctus, во кој Македонската берза учествува со уште седум берзи од Централна и Југоисточна Европа.
„Прв конкретен резултат што го очекуваме од Junctus проектот е регионален ЕТФ, со вклучување на неколку акции од нашиот пазар и со последователна котација на овој ЕТФ и на Македонската берза“, истакна Штериев.
Планот е регионалниот ЕТФ да биде лансиран во втората половина на 2027 година.
Домашните инвеститори сè повеќе инвестираат во странски хартии од вредност
Штериев посочи и на растечкиот интерес на домашните инвеститори за странски хартии од вредност. Минатата година прометот во странство преку домашните членки надминал 110 милиони евра, додека во првите шест месеци од 2026 година надминал 89 милиони евра.
Во тој контекст, тој оцени дека е време сериозно да се разгледа можноста за воведување на т.н. „македонски инвестициски сметки“, со кои би се поттикнало долгорочното инвестирање и поголемото учество на граѓаните на домашниот пазар на капитал.
Штериев ја нагласи и потребата од започнување на примената на новата законска регулатива усогласена со европските правила, како и од тесна координација со Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.
„Главниот предизвик е да работиме на тоа интензивно, да ја прошириме понудата, да има нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници“, порача Штериев.
Берза
Зголемен промет на Македонската берза, повеќето акции во пад
Тргувањето на Македонската берза во периодот од 14 до 18 септември 2026 година забележа силен раст на активноста, при што вкупниот промет достигна 78,4 милиони денари, односно околу 1,27 милиони евра.
Во однос на претходната недела, прометот е зголемен за 126,21 проценти. Во текот на неделата биле реализирани 501 трансакција, што е за 325 повеќе од претходниот период, а биле истргувани вкупно 12.101 акција и обврзница.
И покрај поголемата активност, движењето на цените главно беше негативно. Од акциите опфатени со неделниот преглед, раст забележаа единствено акциите на Универзална Инвестициона Банка Скопје, чија вредност се зголеми за 3,58 проценти.
Најголем пад во текот на неделата имаа акциите на Комерцијална банка Скопје, кои поевтинија за 2,35 проценти. Следуваат Стопанска банка Скопје со пад од 2,17 проценти и НЛБ Банка со намалување од 1,92 проценти.
Комерцијална банка воедно беше и најтргуваната акција на Берзата, со промет од околу 36 милиони денари. Зад неа се Алкалоид Скопје со 9,2 милиони денари и НЛБ Банка со 7,5 милиони денари промет.
Меѓу поактивните компании беа и Макпетрол со 5,9 милиони денари и Македонски Телеком со 2,8 милиони денари промет.
Според бројот на истргувани акции, најголема активност имало кај Македонски Телеком со 5.673 акции, потоа кај Комерцијална банка со 1.422 акции и РЖ Економика со 1.242 акции.
Во текот на неделата била реализирана и една блок-трансакција со акции на Комерцијална банка, во која биле истргувани 110 акции по цена од 25.450 денари за акција.
Берза
Волстрит порасна по тридневен пад, технолошкиот сектор со најсилен раст
По три последователни дена пад, акциите на Волстрит во четвртокот забележаа раст, предводени од технолошкиот сектор, додека инвеститорите позитивно реагираа и на вториот последователен ден на пониски цени на нафтата.
Индексот Dow Jones порасна за 0,62 проценти, на 51.779 поени, S&P 500 за 1,14 проценти, на 7.637 поени, а Nasdaq забележа раст од 1,69 проценти, на 26.418 поени.
Раст е забележан во девет од 11-те главни сектори во рамки на индексот S&P 500, а најголемо зголемување имаше технолошкиот сектор, кој претходно беше под најсилен притисок.
Американската централна банка, Федералните резерви, претходниот ден ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени, на распон од 3,75 до 4 проценти. Ова е прво зголемување на каматите од 2023 година.
Фед воедно сигнализираше дека се можни дополнителни зголемувања на каматните стапки со цел дополнително да се ограничи инфлацијата. На пазарите се проценува дека шансите за ново зголемување на каматите уште на октомвриската седница се нешто над 50 проценти.
Позитивното расположение се пренесе и на азиските берзи, каде што акциите во петокот пораснаа трет ден по ред, поттикнати од растот на Волстрит и дополнителниот пад на цените на нафтата.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





