Connect with us

Банки

Халкбанк го одбележа доаѓањето на својот 900-ти вработен

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје го одбележа доаѓањето на својот 900-ти вработен, што од банката го оценуваат како уште еден значаен момент во нејзиниот раст и развој.

„900 луѓе зад една банка што секогаш ги става луѓето на прво место“, порачаа од Халкбанк по повод новата бројка на вработени.

Од банката истакнуваат дека зад бројката од 900 вработени стојат исто толку различни приказни, знаења и идеи, обединети со заедничка посветеност.

„Продолжуваме да растеме заедно, затоа што важни се луѓето“, порачаа од Халкбанк.

Банки

ТТК Банка продолжува со традицијата на поддршка на семејствата на своите вработени – нов училишен прибор за првачињата и слободен ден за родителите

Објавено

на

ТТК Банка и оваа година продолжува со поддршката за децата на своите вработени кои за првпат седнуваат во училишните клупи, обезбедувајќи финансиска поддршка за училишен прибор и опрема, како и можност за слободен ден за нивните родители.

Првиот училишен ден претставува значаен момент за секое семејство, а од ТТК Банка посочуваат дека со оваа иницијатива сакаат почетокот на новата учебна година да биде исполнет со радост и позитивна атмосфера.

„Поддршката за првачињата е дел од нашата програма за бенефиции и ЕСГ активностите, со кои ја потврдуваме грижата за вработените и нивните семејства“, истакнуваат од ТТК Банка.

Со ваквите активности, ТТК Банка ја нагласува важноста на создавањето позитивна работна средина и поддршката на вработените во значајните моменти од нивниот приватен и семеен живот.

Среќна нова учебна година, првачиња! Нека ви биде успешна и исполнета со убави моменти.

Продолжи со читање

Банки

ЕБОР со нови правила за тендерите: Цената повеќе не е клучен критериум

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 1 септември почна да применува нов пристап при тендерските постапки, со кој најниската цена повеќе нема да биде пресуден критериум при изборот на понудувач.

Според новите „Политики и правила за набавки“, поголемо значење при изборот ќе имаат квалитетот, одржливоста, управувањето со ризиците и вредноста што се добива за вложените средства.

Новите правила се однесуваат на набавка на стоки, изведување работи и консултантски услуги во проекти што ЕБОР ги финансира во јавниот и приватниот сектор, како и на одредени донаторски средства. Тие ги заменуваат правилата што беа во сила од 2022 година.

Според документот, ЕБОР ќе го поддржува изборот на економски најповолната понуда, која не мора задолжително да биде и најевтина. Покрај цената, ќе се оценуваат квалитетот, рокот за реализација, трошоците за користење и одржување, искуството на персоналот, методологијата, одржливоста и отпорноста на проектот.

Од Банката наведуваат дека целта е да се создаде систем на јавни набавки заснован на фер конкуренција, интегритет, транспарентност и еднакви можности за квалификуваните учесници.

„Понудата што ќе биде оценета како економски најповолна, но не нужно и онаа со најниска цена, ќе биде препорачана за доделување на договорот, под услов да е доставена од прифатлив и квалификуван понудувач“, се наведува во правилата.

Нови критериуми за големите проекти

ЕБОР воведува и систем на бодирање на критериумите, според кој кај поголемите проекти задолжително ќе мора да се земаат предвид и други елементи освен цената.

Ова ќе важи за договори со вредност над 10 милиони евра за стоки, над 35 милиони евра за работи или услуги и над 100.000 евра за консултантски услуги. Кај овие постапки, критериумите различни од цената ќе носат најмалку половина од вкупниот број бодови.

Поголем акцент ќе биде ставен и на подготовката на проектите пред распишувањето на тендерите, со цел евентуалните недостатоци кај инфраструктурните и другите проекти да бидат решени пред почетокот на постапката.

Клиентите ќе треба однапред да ги утврдат целите на проектот, потребните стоки, работи и услуги, проценетите трошоци, изворите на финансирање, роковите, потребните стандарди, видот на договорите и капацитетите потребни за реализација.

За проектите со поголема вредност се предвидува и порано вклучување на пазарот. Тоа ќе се однесува на проекти над 10 милиони евра за стоки, над 35 милиони евра за работи или услуги и над пет милиони евра за консултантски услуги.

ЕБОР нагласува дека еколошките, социјалните и критериумите за одржливост треба да бидат составен дел од тендерските постапки кога тоа е потребно.

Банката отвори и нов Центар за проектни набавки, каде на едно место се достапни ажурираните правила, упатства и ресурси за проектите што ги финансира. Унапреден е и Центарот за добавувачи, преку кој компаниите ќе можат порано да добиваат информации за идните можности за соработка и тендери.

ЕБОР наведува дека новиот пристап треба да овозможи поголем квалитет, одржливост и иновации во проектите, истовремено обезбедувајќи транспарентни, фер и ефикасни постапки за набавки.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерот Величковски од Светскиот форум на АФИ: Модернизација на платниот систем заради унапредување на финансиската вклученост

Објавено

на

„Во изминатите неколку години Народната банка спроведе значајни реформи во областа на платежните услуги и платните системи, со кои ја зголемивме конкуренцијата, ја унапредивме заштитата на потрошувачите и ја зајакнавме сигурноста на плаќањата“, истакна вицегувернерот на Народната банка Игор Величковски на состанокот на Иницијативата за политики за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), одржан во рамките на Светскиот форум за политики на Алијансата за финансиска вклученост (AFI Global Policy Forum), којшто се одржува во Порт Морзби.

„Усогласувањето со европските стандарди и пристапувањето кон Единствената област за плаќања во евра (SEPA) овозможија побрзи и поевтини плаќања во евра“, посочи Величковски, додавајќи дека Народната банка е насочена кон следниот значаен чекор – воспоставување систем за инстант-плаќања заснован на клонот на ТИПС, развиен во рамките на иницијативата на Европската централна банка за земјите од Западен Балкан.

„Овој систем ќе создаде основа за регионално поврзување на платните системи и постепена интеграција со европската платежна инфраструктура, овозможувајќи побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра со земјите од Западен Балкан и Европската Унија“, истакна тој.

Во своето обраќање вицегувернерот се осврна и на финансиската вклученост, посочувајќи дека Народната банка работи на измени на регулативата за платежна сметка со основни функции, со цел да се обезбеди пристап до основните банкарски услуги по фиксен надомест за поширок круг граѓани, вклучително и за социјално ранливите категории, кои често се соочуваат со ограничен пристап до финансиски услуги.

„Минатата година донесовме сет подзаконски акти со кои ја зајакнавме заштитата на потрошувачите, а во соработка со другите финансиски регулатори ја подготвуваме и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија“, додаде Величковски.

„Регулаторите треба да бидат доволно флексибилни за да ги поддржат финансиските реформи, но истовремено мудри и претпазливи за да обезбедат стабилност и вклученост“, истакна Величковски осврнувајќи се на предизвиците што ги носат дигитализацијата и новите технологии. Во тој контекст, тој нагласи дека регулаторите имаат сложена задача да го следат брзиот развој на финансискиот сектор, а истовремено да ги заштитат корисниците и финансиската стабилност.

„Во услови на светски финансиски предизвици и неизвесност, потребата од регионална и меѓународна соработка е од суштинско значење“, порача вицегувернерот, нагласувајќи ја посветеноста на Народната банка на натамошно споделување искуства и зајакнување на соработката со институциите од регионот и пошироко.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange