Бизнис
Промена во Управниот одбор на ВФП Пензиско Друштво АД Скопје
ВФП Пензиско Друштво АД Скопје преку соопштение на Македонска берза извести за промена во составот на Управниот одбор.
„Согласно одредбите од член 166-б став 1 алинеја 4 од Законот за хартиите од вредност, Друштвото за управување со доброволни пензиски фондови ВФП Пензиско Друштво АД Скопје известува дека има промена во органот за управување. Имено, по одлука на Надзорниот одбор на Друштвото и одобрение на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) за член на Управен одбор на местото на Артон Лена, именувана е Натка Самоиловска“, се вели во соопштението на ВФП Пензиско Друштво АД Скопје.
Натка Самоиловска доаѓа на местото на Артон Лена, со што е извршена промена во составот на Управниот одбор на друштвото.
ВФП Пензиско Друштво ја објави информацијата во рамки на законската обврска за навремено известување за промените во органите на управување на субјектите од пазарот на капитал.
Во моментов, Управниот одбор на ВФП Пензиско Друштво го сочинуваат:
- Марио Ѓорѓиев – претседател на Управен одбор
- Натка Самоиловска – член на Управен одбор
Бизнис
Превозниците од регионот најавуваат нови блокади на границите со ЕУ од есен
Превозниците од земјите од Западен Балкан би можеле повторно да ги блокираат граничните премини кон земјите од Шенген зоната доколку до почетокот на септември не биде постигнат напредок во разговорите со Европската унија околу примената на системот EES.
Претседателот на Здружението на превозници на Црна Гора, Ѓорѓије Љешњак, за весникот „Дан“ изјави дека одлуката била донесена на состанок на превозници од регионот одржан во Скопје, на кој учествувале претставници од Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Превозниците поставиле рок до 1 септември за решавање на проблемите со кои се соочуваат професионалните возачи поради правилото за престој во Шенген зоната од најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Љешњак изјави дека превозниците очекуваат покана од Европската комисија за состанок во Брисел по конференцијата на земјите членки на Шенген, на која треба да се разговара за измени на визната стратегија на Европската унија.
„Ако не се случат промени во наша корист, веќе следниот ден по конференцијата за визната политика ќе почнеме да планираме нови протести, односно нови блокади на граничните премини кон земјите од Европската унија“, изјави Љешњак.
Според него, меѓу 150 и 200 црногорски превозници во моментов не можат нормално да ја извршуваат својата работа поради ограничувањата поврзани со Шенген зоната.
Превозниците, сепак, посочуваат дека проблемите не се ограничени само на примената на EES. Тие се жалат и на ненавремен поврат на ДДВ, акцизи за гориво, како и на долготрајни царински и инспекциски контроли на границите.
Љешњак тврди дека не се почитува ниту законскиот рок од 60 дена за поврат на ДДВ, а не било исполнето ниту минатогодишното ветување за продолжување на работното време на фитосанитарните инспекции на граничните премини.
Тој истовремено ги отфрли тврдењата дека Србија ги поттикнува превозниците од Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина да организираат блокади.
Изјавата следува по коментарите на македонскиот министер за транспорт Александар Николоски, кој порача дека домашните превозници не треба да подлегнуваат на, како што рече, пропаганда која главно доаѓа од Србија.
Николоски претходно изјави дека македонската влада има билатерални договори со Романија, Хрватска и Швајцарија за долгорочни шенгенски визи за превозниците, а дека се водат разговори и со Унгарија, Австрија и Германија.
Бизнис
Велика Британија ги продолжи олеснувањата од санкциите за „Лукоил“ и неговите компании во Бугарија
Велика Британија ги продолжи лиценците што овозможуваат продолжување на деловните операции со „Лукоил Интернешнл“, австриската холдинг-компанија преку која рускиот нафтен гигант управува со своите средства во странство, како и со подружниците на „Лукоил“ во Бугарија.
Британската Канцеларија за спроведување финансиски санкции (OFSI) соопшти дека лиценцата за „Лукоил Интернешнл“, која требаше да истече на 25 август, е продолжена до 26 февруари 2027 година.
Истовремено, олеснувањето што се однесува на бугарските компании на „Лукоил“ е продолжено до 29 октомври 2026 година.
Лиценците дозволуваат плаќања и други трансакции со „Лукоил Интернешнл“ и неговите подружници, како и со бугарските компании на групацијата, под определени услови. Меѓу нив се единствената бугарска рафинерија „Лукоил Нефтохим Бургас“, малопродажната мрежа „Лукоил Бугарија“, „Лукоил Авијација Бугарија“ и компанијата за снабдување со бункерско гориво „Лукоил Бугарија Бункер“.
Велика Британија воведе санкции против „Лукоил“ во октомври поради руската војна во Украина.
Во Југоисточна Европа, „Лукоил“ ја поседува и рафинеријата „Петротел“ во Романија, како и мрежи на бензински пумпи во Романија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Молдавија и Северна Македонија, заедно со повеќе складишта за нафтени деривати во регионот.
Санкции против компанијата воведоа и Соединетите Американски Држави, но Вашингтон во меѓувреме ја одложи примената на дел од мерките. Во јули, американската Канцеларија за контрола на странски средства ја продолжи до 22 август лиценцата што им овозможува на потенцијалните купувачи да преговараат за преземање на странските средства на „Лукоил“.
Во јануари, „Лукоил“ соопшти дека се договорил најголем дел од своите средства во странство, чија вредност се проценува на околу 22 милијарди долари, да ги продаде на американската инвестициска компанија „Карлајл“. Оттогаш компанијата нема објавено нови информации за процесот.
Бизнис
Вложуваме во заедницата кога е најпотребно: Flex Credit донираше 10 тони вода за вработените, клиентите и жителите на Гостивар
Како дел од платформата „Повеќе од финансии – поддршка за заедницата“, преку која Flex Credit континуирано ја покажува посветеноста кон општеството надвор од своето основно работење, финансиското друштво организираше хуманитарна акција за донација на питка вода во Гостивар. Оваа иницијатива е уште еден чекор во потврдувањето на принципот дека бизнис успехот има смисла само кога му служи на општеството. Преку оваа иницијатива беа обезбедени и испорачани вкупно 1.110 пакети вода, односно 10 тони питка вода.
Донацијата беше спроведена во две клучни фази, со цел да се опфатат сите категории на граѓани на кои оваа поддршка им беше неопходна:
- 5 тони вода беа распределени директно во филијалите на Flex Credit во Гостивар, наменети за секојдневните потреби на вработените, нивните семејства, клиентите како и сите минувачи на кои им беше потребно освежување во текот на денот.
- Останатите 5 тони вода беа насочени директно кон жителите на Гостивар и беа распределени преку посебно поставени пунктови на неколку фреквентни локации низ градот, овозможувајќи брза и брзо достапна поддршка за сите граѓани.
Оваа активност е дел континуираното вложување на Flex Credit во заедницата и безрезервна поддршка онаму каде што е најпотребно.
„Грижата за заедницата не е кампања, туку наша секојдневна обврска. Кога постои потреба од конкретна поддршка на терен, наша должност како општествено одговорна компанија е да бидеме присутни и да помогнеме. Се надеваме дека со овие 10 тони вода успеавме барем за момент да им го олесниме секојдневието на нашите сограѓани во Гостивар,“ изјавија од раководството на Flex Credit.
ПР објава
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули





