Connect with us
no baners

Банки

Вицегувернерката Митреска на конференцијата на „Џ. П. Морган“ во Виена: За побрз и поодржлив раст се потребни повисока продуктивност, дигитализација и диверзификација на економијата

Објавено

на

Вицегувернерката Ана Митреска учествуваше на конференцијата на „Џ.П. Морган“ во Виена, каде што говореше за економските изгледи на Северна Македонија, инфлацијата, финансиската стабилност и предизвиците со кои се соочуваат малите и отворени економии во услови на зголемена светска неизвесност.

Осврнувајќи се на економските движења, Митреска посочи дека домашната економија покажува значителна отпорност, и покрај серијата светски шокови во изминатите години. Во последните пет години, економскиот раст изнесуваше 3,3%, во просек, што е блиску до проценетиот потенцијален раст од 3,5%. Истовремено, економијата го надмина претпандемичното ниво за околу 12%, а растот беше поддржан од личната потрошувачка, извозот и инвестициите во инфраструктурата.

Сепак, таа нагласи дека за одржување повисоки стапки на раст се потребни структурни реформи насочени кон продуктивноста, иновациите и дигиталната трансформација. „Продуктивноста во земјава и натаму е околу половина од просекот на Европската Унија, а дигитализацијата е на околу 70% од европското ниво. Затоа инвестициите во технологија, иновации и човечки капитал се клучни за забрзување на конвергенцијата кон ЕУ“, истакна Митреска.

Таа посочи дека земјава има солидна основа за понатамошен дигитален развој. Според индексот за подготвеноста за вештачка интелигенција на ММФ, Северна Македонија е на 76 место од 174 земји и се наоѓа над светскиот просек. ИКТ-секторот бележи силен раст, а ИКТ-услугите учествуваат со околу 43% во вкупниот извоз на услуги. Воедно, уделот на дипломирани студенти во ИКТ-областите достигнува 7,9% од вкупниот број дипломирани студенти, што е меѓу највисоките стапки во регионот.

Во однос на надворешното окружување, Митреска нагласи дека македонската економија и натаму е силно интегрирана со Европската Унија, каде што се пласираат 76% од домашниот извоз, додека Германија учествува со околу 40% во вкупниот извоз. Оваа интеграција донесе значителни придобивки преку странските директни инвестиции, трансферот на технологии и повисоката додадена вредност во извозот, но истовремено ја нагласува потребата од понатамошна диверзификација на извозната структура и инвестициските текови.

Осврнувајќи се на инфлацијата, Митреска истакна дека и покрај новите геополитички ризици и притисоците врз цените на енергентите, централните банки денес се во подобра позиција отколку за време на енергетската криза во 2022 година. Таа нагласи дека кредибилитетот на монетарната политика и навремената реакција се од суштинско значење за спречување на прелевањето на привремените ценовни шокови во подолготрајни инфлациски притисоци.

„Искуството од последните неколку години покажа дека со соодветна комбинација на монетарни, макропрудентни и други политики може успешно да се зачуваат ценовната и финансиската стабилност, без притоа да се загрози економскиот раст. Но, за долгорочно повисок раст се неопходни и структурни реформи коишто ќе ги поттикнат продуктивноста, инвестициите и конкурентноста на економијата“, истакна Митреска.

Банки

Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 58. сесија на Клубот на истражувачите

Објавено

на

На 18 јуни 2026 година (четврток), со почеток во 14 часот, во просториите на Народната банка ќе се одржи 58. сесија на Клубот на истражувачите. 

Доколку сакате да презентирате Ваш работен материјал на оваа сесија на Клубот на истражувачите, Ве покануваме да се пријавите со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 10 јуни 2026 година (среда). 

Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.

На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија.

Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер, за што можете да видите подетални информации на веб-страницата на Народната банка www.nbrm.mk, во делот Клуб на истражувачи.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка генерален спонзор на боречкиот турнир „Македонски бисер“ – поддршка за вредности што траат 50 години

Објавено

на

Педесет години традиција што гради успешна спортска приказна се јубилеј што заслужува поддршка и посветеност. Токму затоа, Комерцијална банка со особена чест беше генерален спонзор на јубилејното издание на меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер“.

Како еден од најпрепознатливите и традиционални спортски настани во државата, турнирот „Македонски бисер“, во организација на Боречкиот клуб Бучим, го афирмира борењето, кое е најтрофејниот спорт во Македонија, и претставува платформа за врвни спортски достигнувања и меѓународна промоција на земјата.

Оваа година, турнирот обедини врвни натпреварувачи од над 15 земји, со што уште повеќе се наметна како значаен спортски настан на регионално и светско ниво.

„Комерцијална банка со задоволство го поддржа јубилејното 50-то издание на турнирот ‘Македонски бисер’, кој со децении ја носи Македонија на меѓународната спортска мапа. Со поддршката на вакви врвни настани, вложуваме во спортот како двигател на позитивни вредности, во младите генерации и во континуитетот на традицијата што нѐ поврзува и нè претставува достојно пред светот“, изјави Андреј Јовковски, директор на Самостојната дирекција за маркетинг.

Банката останува посветен партнер на иницијативи што создаваат долгорочна вредност за заедницата и организираат врвни и меѓународно препознати спортски настани.

Продолжи со читање

Банки

УНИБанка донираше современ медицински апарат за Клиниката „Козле“: Поддршка за деца со цистична фиброза и белодробни заболувања

Објавено

на

УНИБанка изврши донација на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје, преку која се набави најсовремен медицински апарат наменет за третман на пациенти со цистична фиброза и други белодробни заболувања.

Со оваа донација се унапредува физикалната респираторна терапија кај деца и возрасни пациенти кои секојдневно се соочуваат со предизвиците на цистична фиброза, бронхиектазии, ХОББ и други заболувања кои предизвикуваат задржување на густ секрет во дишните патишта. Новата опрема ќе овозможи поефикасен и помалку заморен процес на терапија и рехабилитација.

„Веруваме дека вистинските вредности се градат преку грижа, хуманост и поддршка таму каде што се најпотребни. Особено сме горди кога можеме да помогнеме во унапредување на условите за лекување и рехабилитација на најмладите пациенти“, истакна Делчо Крастев, Претседател на Управниот одбор на УНИБанка.

Од Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје посочуваат дека апаратот претставува значајна поддршка во секојдневната терапија и рехабилитација на пациентите, овозможувајќи поефикасна и помалку заморна респираторна физикална терапија, со што ќе се придонесе за подобар квалитет на здравствената грижа за пациентите.

Како општествено одговорна компанија, УНИБанка останува посветена на поддршка на проекти кои придонесуваат за подобар квалитет на живот и поздрави идни генерации.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange