Connect with us
no baners

Анализи

ФАО предупредува: Светот има уште шест месеци за да избегне нова прехранбена криза

Објавено

на

Светот има уште шест месеци за да избегне нова прехранбена криза, предупредува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО, поради растечките тензии на Блискиот Исток и можните последици од затворањето на Ормускиот Теснец.

Според ФАО, евентуален прекин или сериозно нарушување на сообраќајот низ Ормускиот Теснец во следните шест до 12 месеци може да предизвика глобален раст на цените на храната, преку нарушување на синџирите за снабдување со енергенси и ѓубрива.

Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, предупредил дека државите мора итно да работат на зголемување на отпорноста на своите економии за да се намалат последиците од евентуален нов глобален шок.

Ормускиот Теснец е една од најважните светски трговски рути преку која поминува голем дел од глобалната трговија со енергенси и суровини. Секое поголемо нарушување на транспортот веднаш ги зголемува цените на енергијата, а со тоа и трошоците за земјоделско производство.

ФАО предупредува дека кризата би можела да се развива во неколку фази – прво раст на цените на енергијата, потоа поскапување на ѓубривата и семињата, намалени приноси, раст на цените на земјоделските суровини и на крај силна инфлација на храната.

Првите сигнали веќе се видливи. Индексот на цените на храната на ФАО во април пораснал трет месец по ред, најмногу поради повисоките трошоци за енергија и нарушувањата поврзани со конфликтите на Блискиот Исток.

Најголем ризик, според организацијата, им се заканува на посиромашните држави во Азија, Африка и Латинска Америка, кои зависат од увоз на азотни ѓубрива од Блискиот Исток, додека значителен дел од населението и сега најголем дел од приходите ги троши на храна.

Предупредувањето на ФАО доаѓа во момент кога Европска комисија подготвува нова стратегија за ѓубрива и безбедност на снабдувањето со храна. Брисел засега се фокусира на долгорочни мерки, како рециклирање на земјоделски отпад и природни ѓубрива, но избегнува побрзи чекори што веднаш би ги намалиле трошоците за европските земјоделци.

ФАО затоа ги повикува владите итно да обезбедат алтернативни трговски рути, да избегнат забрани за извоз на храна и да ги заштитат хуманитарните синџири на снабдување за да се спречи нова глобална прехранбена криза.

Анализи

Монетарни движења во април: Пад на депозитите, но силен раст на кредитите

Објавено

на

Во април 2026 година паричната маса забележа месечен пад од 1,3%, главно како резултат на намалувањето на краткорочните депозити, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Вкупните депозити на месечно ниво се намалени за 1,4%, при што падот е концентриран кај корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата продолжиле да растат. На годишно ниво, депозитите бележат зголемување од 9,3%.

Во истиот период, вкупните кредити се зголемени за 1% на месечно и за 13,3% на годишно ниво, што укажува на континуирана кредитна активност кај компаниите и домаќинствата.

Кредитирањето на корпоративниот сектор бележи годишен раст од 15%, додека кредитите на домаќинствата се зголемени за 11,9%. Кај граѓаните, најизразен раст и понатаму имаат потрошувачките и станбените кредити. Потрошувачките кредити во април пораснале за 1,2% на месечно и 11,2% на годишно ниво, додека станбените кредити бележат раст од 1,3% месечно и 16,2% на годишна основа.

Од Народната банка посочуваат дека депозитите на домаќинствата во април се зголемени за 1,6% на месечно ниво и за 10,5% на годишно ниво, поттикнати од растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута.

Податоците упатуваат на комбинирани движења во монетарниот сектор – умерено забавување на депозитната динамика во корпоративниот сегмент, при истовремено засилена кредитна активност и стабилен раст кај населението.

Продолжи со читање

Анализи

Економијата на еврозоната во најголем пад во последните две и пол години

Објавено

на

Економската активност во еврозоната во мај се намали со најбрзо темпо во последните две и пол години, покажуваат прелиминарните податоци на S&P Global, додека војната на Блискиот Исток и растот на цените на енергенсите дополнително ја намалуваат побарувачката и ги зголемуваат инфлаторните притисоци.

Композитниот PMI индекс, кој ја мери активноста на приватниот сектор, во мај паднал на 47,5 поени, од 48,8 поени во април. Ова е најниско ниво од октомври 2023 година и полош резултат од очекувањата на аналитичарите.

Вредност под 50 поени укажува на пад на економската активност, а мај е втор месец по ред во кој приватниот сектор во еврозоната бележи намалување.

Главниот економист на S&P Global Market Intelligence, Крис Вилијамсон, изјави дека економијата на еврозоната „плаќа сè повисока цена за војната на Блискиот Исток“.

Според неговите проценки, економијата на еврозоната би можела да се намали за 0,2 проценти во вториот квартал.

Побарувачката нагло ослабела. Новите нарачки во приватниот сектор паднале со најбрзо темпо во последните 18 месеци, додека извозните нарачки го забележале најголемиот пад од јануари 2025 година.

Особено погоден е услужниот сектор, кој е клучен за потрошувачката и претставува најголем дел од економијата на еврозоната. PMI индексот за услуги паднал на 46,4 поени, што е најниско ниво од февруари 2021 година.

– Услужниот сектор е силно погоден од растот на трошоците за живот предизвикан од војната, особено поради високите цени на енергијата кои ја намалуваат побарувачката – изјави Вилијамсон.

Во меѓувреме, инфлаторните притисоци повторно се засилуваат. Трошоците на компаниите се зголемиле со најбрзо темпо во последните три и пол години, додека и цените што фирмите им ги наплатуваат на потрошувачите растат со најбрзо темпо во последните 38 месеци.

S&P Global предупредува дека инфлацијата во наредните месеци би можела повторно да се приближи до четири проценти.

Ова дополнително ја комплицира позицијата на Европската централна банка, која минатиот месец ги задржа каматните стапки непроменети, но веќе разгледува можност за нивно зголемување поради растечката инфлација.

Инфлацијата во еврозоната во април изнесуваше три проценти, што е над целта на ЕЦБ од два проценти.

Негативните трендови се забележуваат и на пазарот на трудот. Компаниите во еврозоната петти месец по ред го намалуваат бројот на вработени, а темпото на губење работни места е најсилно од 2020 година.

Услужните компании првпат од почетокот на 2021 година го намалиле бројот на вработени, додека падот на вработеноста во индустријата продолжува.

Деловната доверба паднала на најниско ниво во последните 32 месеци, а најпесимистички се токму компаниите од услужниот сектор.

Аналитичарите оценуваат дека еврозоната повторно се соочува со комбинација од слаб економски раст и висока инфлација, што претставува еден од најтешките предизвици за европската економија.

Продолжи со читање

Анализи

Анализа: Вештачката интелигенција носи нова економија, но човечкиот труд нема да исчезне

Објавено

на

Масовната примена на вештачката интелигенција може длабоко да го промени капитализмот, но не нужно и да го уништи, оценува економистот Бранко Милановиќ во анализа за иднината на трудот и профитот во ерата на AI.

Тој посочува дека од марксистичка перспектива, вештачката интелигенција носи високо автоматизирано производство со минимално учество на човечки труд. Според теоријата на Карл Маркс, токму трудот создава вишок вредност и профит, па доколку машините целосно го заменат човекот, стапката на профит би можела да падне речиси на нула.

Но, Милановиќ смета дека економијата нема целосно да стане автоматизирана. Наместо тоа, ќе се развијат нови сектори во кои човечкиот труд ќе остане незаменлив и уште повреден.

Како примери ги наведува образованието, медицината, спортот, грижата за луѓе, креативното пишување, гастрономијата и други професии каде човечките способности и креативност ќе имаат предност пред машините.

Според анализата, додека еден дел од економијата ќе биде речиси целосно автоматизиран, друг дел ќе стане уште поинтензивен во користење квалификуван човечки труд.

Авторот наведува дека и од неокласична перспектива, економија без работници би создала проблем, бидејќи без плати и приходи би се намалила побарувачката за производите што ги создава AI.

– Економија составена само од високо автоматизиран сектор не е компатибилна со одржување на капитализмот – оценува Милановиќ.

Тој заклучува дека иднината на работата нема да биде целосно мрачна, бидејќи професиите кои AI не може лесно да ги замени би можеле дополнително да добијат на вредност и значење.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange