Connect with us
no baners

Банки

Халкбанк со нова докапитализација од 40 милиони евра, силен сигнал за раст и стабилност

Објавено

на

no baners

Халкбанк АД Скопје ја зацврстува својата позиција на еден од клучните столбови на македонскиот финансиски систем со нова докапитализација во износ од 40 милиони евра, обезбедени директно од матичната банка, гигантот Халкбанкаси АШ Туркије.

Со оваа стратешка инвестиција, вкупната актива на Халкбанк АД Скопје достигнува 2,15 милијарди евра. Она што дополнително влева сигурност кај депонентите и инвеститорите е нивото на вкупен капитал на банката, кој сега изнесува 412 милиони евра. Овие бројки ја позиционираат Халкбанк како една од најсилно капитализираните банки во регионот.

Најновата докапитализација е продолжение на континуираната поддршка што Халкбанк ја добива од својата матична банка, која и во изминатите години повеќепати инвестираше во зголемување на капиталот и развојот на Банката во Македонија. Таквата конзистентна поддршка претставува силен сигнал за доверба во домашниот пазар, но и во капацитетот на Халкбанк да испорачува одржлив раст и иновативни банкарски решенија.

Зголемувањето на капиталот не е само финансиски показател, туку стратешка одлука која овозможува зголемен кредитен потенцијал, поголема поддршка за македонското стопанство и граѓаните преку поволни кредитни линии и продолжување на инвестициите во најсовремени финтек и дигитални решенија. Во услови на глобални економски предизвици, ваквите потези значат дополнителна сигурност за клиентите и партнерите на Банката, бидејќи обезбедува највисоко ниво на капитална адекватност, што е гаранција за сигурноста на сите заштеди и вложувања.

„Оваа докапитализација е потврда дека Халкбанк не е само финансиска институција, туку долгорочен партнер на македонската економија. Со поддршка од нашиот силен сопственик, продолжуваме да градиме банка која е синоним за доверба и напредок“, велат од банката.

Со засилен капитал и стабилна актива, Халкбанк е подготвена уште поинтензивно да ја поддржува економијата, да финансира развојни проекти и да биде двигател на позитивни промени во општеството. Истовремено, оваа докапитализација ја потврдува стратешката определба на Банката за долгорочно присуство и раст на македонскиот пазар.

Халкбанк останува посветена на создавање вредност, за луѓето, своите клиенти, за економијата и за заедницата во целина.

no baners
no baners

Банки

Лагард не исклучува предвремено заминување од ЕЦБ поради француската политика

Објавено

на

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, не ја исклучи можноста предвреме да ја напушти функцијата, во период кога во Франција се засилуваат политичките подготовки за претседателските избори во 2027 година.

Лагард, чиј мандат на чело на ЕЦБ завршува во октомври 2027 година, во интервју за францускиот весник „Les Echos“ изјави дека предвремено заминување е „можно“. Нејзините коментари доаѓаат во пресрет на претседателската трка во Франција, во која актуелниот претседател Емануел Макрон нема право повторно да се кандидира.

„Сметам дека европски глас мора да се слушне во француската претседателска дебата“, изјави Лагард. Таа додаде дека, доколку во кампањата се појави перспектива што би ја намалила улогата на Франција во Европа, ќе биде потребно да се објасни зошто таквиот пат би бил болен за земјата и за нејзините граѓани.

На прашањето дали би размислила лично да се вклучи во претседателската кампања, со поддршка за некој кандидат или со сопствена кандидатура, Лагард одговори дека ќе си „постави некои прашања“.

Според анкетите, лидерот на крајнодесничарската партија Национален собир, Жордан Бардела, во моментов е фаворит за наследник на Макрон. Бардела најавува преиспитување на позицијата на Франција во Европската Унија и тврди дека Европската комисија и ЕУ треба повторно да бидат „во служба на нациите“.

Првиот круг од претседателските избори во Франција треба да се одржи во април 2027 година, а доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 проценти од гласовите, ќе следува втор круг меѓу двајцата најдобро пласирани кандидати.

Лагард, сепак, нагласи дека на краток рок останува посветена на својата функција во Европската централна банка. „Мојот мандат завршува во октомври 2027 година. Мојата мисија е да ја одржам ценовната стабилност. Бидејќи повторно сме во период на турбуленции, сметам дека капетанот на бродот на ЕЦБ мора да остане на бродот“, изјави таа.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерот Величковски: Монетарната политика и платните системи се двата столба на современото централно банкарство

Објавено

на

„Ефикасноста на монетарната политика е тесно поврзана со развиеноста на финансиските пазари, поради што реформите коишто континуирано ги спроведува Народната банка претставуваат важна основа за зачувување на стабилноста и поттикнување одржлив развој на финансискиот систем“, пишува вицегувернерот Игор Величковски во своето обраќање во билтенот на Македонската банкарска асоцијација (МБА), во коешто се осврнува на клучните активности што ги презеде Народната банка во изминатиот период со цел зајакнување на преносните механизми на монетарната политика, како и на новините во платниот систем, кој претставува клучен сегмент од современата финансиска инфраструктура.

„Со измените во оперативната монетарна рамка, усвоени кон крајот на минатата година се забележлува подобрување на функционирањето на меѓубанкарскиот пазар на пари, каде што пократката рочност на основниот монетарен инструмент придонесе за подинамично управување со ликвидноста и формирање на пазарните каматни стапки блиску до нивото на референтната стапка на Народната банка. Ова дополнително ја зајакнува ефикасноста на монетарната политика, особено во услови на зголемена неизвесност“, истакнува Величковски.

Тој во своето обраќање нагласува дека изминатите неколку години претставуваат период на суштински реформи во областа на платежните услуги и платните системи. Народната банка спроведе реформи што ја зголемија конкуренцијата, ја подобрија заштитата на корисниците и ја зајакнаа безбедноста на плаќањата. Со усогласувањето со европските стандарди и пристапувањето кон СЕПА, се овозможија побрзи и поевтини плаќања во евра, а во моментов Народната банка е насочена кон воспоставување на новиот систем за инстант плаќања заснован врз клонот на ТИПС, кој се развива во рамките на иницијативата на Европската централна банка за земјите од Западен Балкан.

„Овој систем ќе овозможи извршување на плаќањата во денари во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, поставувајќи нови стандарди за брзина, достапност и корисничко искуство. Истовремено, тој ќе создаде основа за регионално поврзување на платните системи и постепена интеграција со европската платежна инфраструктура, овозможувајќи така побрзи и поефикасни прекугранични плаќања во евра со земјите од Западен Балкан и Европската Унија“, нагласува вицегувернерот Величковски, посочувајќи дека новата инфраструктура ќе поттикне и развој на иновативни решенија за поедноставно иницирање на плаќањата преку мобилни апликации, што ќе овозможи поекономично прифаќање на плаќањата на продажните места, како и побрзо располагање со средствата од страна на трговците.

Вицегувернерот Величковски потенцира дека постигнатите резултати се засноваат врз заедничките напори на Народната банка и Министерството за финансии како регулатори, на банките, останатите даватели на платежни услуги и другите релевантни институции, како и на континуираната координација меѓу сите засегнати страни. Партнерскиот пристап претставува силна основа врз која се надградуваат тековните реформи и развојните проекти, коишто и во наредниот период ќе бидат насочени кон понатамошна модернизација, европска интеграција и унапредување на платежните услуги во интерес на граѓаните и компаниите.

Продолжи со читање

Банки

Најголемите централни банки во светот ја диктираат ликвидноста на глобалните пазари

Објавено

на

Билансите на централните банки остануваат еден од најважните показатели за глобалната економија, бидејќи нивната големина директно влијае врз каматните стапки, ликвидноста на пазарите, стабилноста на валутите и условите под кои државите се задолжуваат.

Централните банки не се само институции задолжени за монетарната политика, туку и едни од најмоќните финансиски институции во светот. Нивната актива опфаќа државни обврзници, девизни резерви, злато, инструменти за ликвидност и портфолија поврзани со монетарната политика.

За инвеститорите, големината на билансот на една централна банка е важен сигнал. Таа покажува колку длабоко монетарната политика е вградена во финансиските пазари. Голем биланс може да биде резултат на долгогодишно квантитативно олеснување, акумулација на резерви, интервенции на валутните пазари или обезбедување ликвидност како одговор на економски кризи.

Сепак, рангирањето на најголемите централни банки треба внимателно да се толкува. Кај дел од податоците се прави разлика меѓу девизните резерви и вкупната актива на централните банки, што е суштински важно. Девизните резерви главно служат за поддршка на стабилноста на валутата и за обезбедување надворешна ликвидност, додека вкупната актива ги опфаќа и домашните хартии од вредност, кредитните операции, портфолијата на монетарната политика и други ставки од билансот.

Поради тоа, институции како Федералните резерви на САД, Банката на Јапонија, Народната банка на Кина и европските национални централни банки се вбројуваат меѓу најголемите, но од различни структурни причини.

Економистите оценуваат дека билансите на централните банки ќе останат стратешки макроекономски индикатор. Тие влијаат врз приносите на обврзниците, циклусите на ликвидност, валутната нестабилност, инфлациските очекувања и вреднувањето на ризичните средства.

Кога билансите се зголемуваат, пазарите често добиваат поддршка преку дополнителна ликвидност. Кога се намалуваат, финансиските услови може да се заострат. За инвеститорите, тоа има директно влијание врз ризикот кај обврзниците, изложеноста на валути, вложувањата во злато, капиталните текови кон пазарите во развој и движењата на берзите.

Во услови кога светот постепено се оддалечува од периодот на исклучително лабава монетарна политика и се движи кон селективно олеснување, анализата на билансите станува речиси исто толку важна колку и следењето на каматните стапки.

Следниот пазарен циклус, според аналитичарите, нема да зависи само од насоката на каматните стапки, туку и од тоа како централните банки ќе управуваат со ликвидноста, резервите и нормализацијата на своите биланси.

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange