Бизнис
Трамп: Кина ќе купува американска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина се согласила да купува нафта од САД, во однапред снимено интервју за Fox News емитувано во четвртокот вечерта.
Изјавата доаѓа во време кога Вашингтон и Пекинг се обидуваат да постигнат конкретни трговски и економски договори за време на билатералниот самит што се одржува во Кина.
„Се согласија дека сакаат да купуваат нафта од Соединетите Американски Држави. Ќе одат во Тексас, ќе почнеме да испраќаме кинески бродови во Тексас, Луизијана и Алјаска“, изјавил Трамп по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг.
Трамп додал и дека Кина се согласила да помогне во преговорите со Иран и да не испорачува воена опрема за Техеран. Според него, кинескиот лидер сакал да го види Ормускиот Теснец отворен и без наплата за поминување.
Кина е најголемиот купувач на иранска нафта и купува околу 90 проценти од иранскиот извоз на сурова нафта. Според податоците на американската влада, Кина во текот на 2025 година увезувала околу 1,4 милиони барели иранска нафта дневно.
Во исто време, извозот на американска сурова нафта и нафтени деривати во Кина бележи пад втора година по ред. Минатата година извозот бил намален за 25 проценти на годишно ниво и достигнал 237,8 милиони барели.
Особено голем пад е регистриран кај извозот на сурова нафта, кој во 2025 година се намалил за 95 проценти во споредба со 2023 година, на околу 8,4 милиони барели.
Кинеското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека двајцата лидери постигнале „низа нови консензуси“ за време на средбата, вклучително и договор за изградба на „конструктивна и стратешка стабилност“ во билатералните односи во следните три години и понатаму.
Во однос на конфликтот со Иран, Пекинг повикал на што побрзо повторно отворање на бродските рути и ги повикал завојуваните страни да работат на „сеопфатен и траен прекин на огнот“, со цел стабилизација на Блискиот Исток и регионот на Заливот.
Трамп и Си Џинпинг треба повторно да се сретнат и денеска за да го заокружат дводневниот самит, кој привлече големо внимание во јавноста, но и отвори можности за нови договори, вклучително и пристап на американски компании до кинескиот пазар и купување американски производи.
Пекинг воедно предупредил дека погрешното решавање на прашањето за Тајван би можело сериозно да ги наруши односите меѓу двете земји.
Посетата на Трамп е прва посета на актуелен американски претседател на Кина по речиси девет години. Според најавите, двајцата лидери ќе одржат работен ручек пред американската делегација да отпатува за Вашингтон.
Берза
Македонска берза, ЕБОР и PwC со програма за компании што сакаат да привлечат инвеститори
Македонска берза, во соработка со ЕБОР и PwC, ги поканува домашните компании со потенцијал за раст да се приклучат на специјално креирана програма за проценка на нивната подготвеност за прибирање капитал преку пазарот на капитал.
Проектот е наменет за амбициозни и успешни компании кои планираат нов инвестициски циклус, размислуваат за долгорочна стратегија и генерациски континуитет, сакаат независна проценка на вредноста и потенцијалот на својот бизнис или не ја исклучуваат можноста во иднина да прибираат капитал преку издавање акции или обврзници.
Компаниите што ќе учествуваат во проектот ќе добијат пристап до ексклузивна лидерска академија, индивидуална проценка на подготвеноста за излегување на пазарот на капитал, како и професионален извештај со препораки за понатамошен развој.
Од Македонска берза посочуваат дека ова е можност компаниите да добијат независна експертска проценка за тоа каде се наоѓаат денес и како во иднина можат да привлечат инвеститори.
До 70 проценти од трошоците за учество ќе бидат покриени преку грант обезбеден од ЕБОР. Рокот за пријавување е 1 септември 2026 година, а повеќе детали за учество и начинот на аплицирање се достапни на веб-страницата на Македонска берза.
Бизнис
Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат за половина денар
Од полноќ ќе важат нови цени на горивата, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 0,27 проценти во однос на претходната пресметка.
Според новата одлука, од 30 јуни 2026 година, од 00:01 часот, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимална цена од 84,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 86,50 денари за литар. Двата бензина поскапуваат за 0,50 денари.
Дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ БС поевтинува за 0,50 денари и неговата нова максимална цена ќе изнесува 80 денари за литар.
Цената на Екстра лесното масло за домаќинство не се менува и останува 79,50 денари за литар. Мазутот М-1 НС поевтинува за 0,796 денари за килограм и ќе се продава по цена од 41,495 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека при пресметката се земени предвид движењата на референтните цени на светските берзи, каде што е забележано намалување кај бензините, дизелот, екстра лесното масло и мазутот. Истовремено, курсот на денарот во однос на доларот бил повисок за 1,5132 проценти во споредба со претходната пресметка.
Регулаторната комисија нагласува дека утврдените цени се максимални. Трговците на големо и мало имаат можност горивата да ги продаваат и по пониски цени од највисоките дозволени.
Бизнис
„Фолксваген“ пред историска реорганизација: можни се до 100.000 откази и затворање фабрики во Германија
Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ се соочува со една од најтешките одлуки во својата историја. Компанијата, која со децении важи за симбол на германската индустриска моќ, подготвува длабока реорганизација што би можела да донесе масовно намалување на бројот на вработени, затворање производствени погони и нова корпоративна структура.
Според информациите што ги објавија германскиот „Manager Magazin“ и агенцијата „Ројтерс“, раководството на групацијата разгледува план со кој би можеле да бидат укинати до 100.000 работни места. Тоа би било двојно повеќе од претходно договорената програма со синдикатите од крајот на 2024 година, кога беше предвидено до 2030 година да се намалат околу 50.000 позиции.
Плановите, според извештаите, веќе биле претставени од извршниот директор Оливер Блуме пред највисокото раководство, а за нив треба да расправа и Надзорниот одбор на состанок закажан за 9 јули. Од „Фолксваген“ не ги коментираат доверливите документи, но признаваат дека групацијата мора да помине низ сериозни промени.
Една од најдраматичните мерки што се разгледува е затворање на четири фабрики во Германија. Според информациите, производството постепено би можело да запре во погоните на „Фолксваген“ во Хановер, Цвикау и Емден, како и во фабриката на „Ауди“ во Некарсулм. Со тоа би биле директно погодени повеќе од 45.000 работни места.
Производството во овие фабрики, според планот, би престанало откако актуелните модели ќе го завршат својот животен циклус, без да бидат заменети со нови. Сепак, спроведувањето на ваков план нема да биде лесно, бидејќи „Фолксваген“ има договор со синдикатите за заштита на работните места до крајот на 2030 година, додека кај „Ауди“ таквата гаранција важи до 2033 година.
Работничкиот совет и моќниот синдикат IG Metall веќе најавуваат силно противење на можни затворања фабрики и масовни отпуштања.
Реорганизацијата не се однесува само на намалување на трошоците. Според објавените информации, раководството размислува основниот бренд „Фолксваген“ и бизнисот со автомобилски компоненти да ги издвои во посебни компании. Таквата структура би можела во иднина да ѝ овозможи на групацијата полесно да привлекува капитал или одделни делови од бизнисот да ги листира на берза.
Покрај тоа, се планира и кратење на инвестициите за околу 15 проценти во следните пет години, на нешто повеќе од 130 милијарди евра.
Причините за ваквите радикални чекори се поврзани со сè поголемиот притисок врз компанијата. Во првиот квартал од годинава нето-добивката на групацијата се намалила за 28 проценти, на 1,56 милијарди евра, додека приходите паднале за два проценти, на 75,7 милијарди евра.
Дополнителен проблем се американските царини, кои според проценките на компанијата создаваат околу четири милијарди евра дополнителни годишни трошоци. Истовремено, „Фолксваген“ се соочува со сè посилна конкуренција на кинескиот пазар, каде што веќе ја загуби долгогодишната лидерска позиција. Во 2024 година беше престигнат од BYD, а во 2025 година падна и зад Geely. Само во првиот квартал продажбата на групацијата во Кина се намалила за околу 20 проценти.
Скапата транзиција кон електрични возила, конкуренцијата од кинеските производители, царините во САД и падот на профитабилноста го ставаат „Фолксваген“ пред одлуки кои до неодамна изгледаа незамисливо.
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Бизниспред 2 месеци„МЕПСО“ ја обжали одлуката во спорот со „Енергоинвест“, уверени се во победа на арбитражa
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Останатопред 2 месеци
УЈП испрати над 860.000 даночни пријави, граѓаните имаат рок до 31 мај за потврда


