Анализи
Од кои земји најмногу се купува од домашните е-трговци?
Согласно објавените податоци од НБРСМ, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2025 година потрошиле 52 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од 40,4%. Вредноста која странските онлајн купувачи ја направиле кон домашните е-трговци е остварена во 2,3 милиони трансакции што е за 39,4% повеќе во однос на 2024 година. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2025 година 52,6% припаѓаат на иматели на платежни картички од 9 земји.
7,3 милиони евра или 14% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 5 милиони евра од Швајцарија и 3,6 милиони евра од Германија. Потоа следат Турција со 3.4 мил. евра Ирска со 2,5 милиони евра, Бугарија 1,3 милиони евра, Обединетото Кралство со 1,2 милиони евра и Србија со 1,1 милиони евра. Најголем пораст на вредноста на трансакциите е остварен од турските иматели на платежни картички од 94,4%, а потоа 55% на германските иматели на платежни картички во однос на минатата година.

Најголем број односно 252,6 илјади е-трансакции направиле странските иматели на платежни картички од САД купувајќи од македонски е-продавници, а потоа 144,3 илјади од Србија, додека најголем пораст на бројот на е трансакциите во 2025 година спрема минатата година е забележан од турските иматели на платежни картички од 115,7%.
Што се однесува до просечната вредност која странските иметели на платежни картички ја направиле кон домашните е-трговци се движи од 44,5 евра направени од Бугарија до 8,1 евра од Србија. Од САД, Турција, Ирска и Бугарија просечната трансакција е намлена во однос на 2024 година.

„Податоците покажуваат дека македонската е-трговија станува сè поатрактивна и за странските купувачи, со значителен раст и во вредноста и во бројот на трансакции. Во 2025 година, странските иматели на платежни картички потрошиле 52 милиони евра кон македонските е-трговци, што претставува раст од 40.4%, додека бројот на трансакции достигна 2.3 милиони, со пораст од 39.4%. Ова укажува на стабилен и паралелен раст, што значи дека зголемувањето не се должи само на поголеми износи, туку и на зголемена активност на странските купувачи. Географската структура покажува дека најголем дел од вредноста доаѓа од неколку клучни пазари, при што САД се издвојуваат со најголемо учество, следени од Швајцарија и Германија, додека значајно учество имаат и Турција, Ирска, Бугарија, Обединетото Кралство и Србија. Особено е значаен растот кај Турција и Германија, што укажува на продлабочување на трговските врски и зголемена видливост на македонските е-продавници на овие пазари. Истовремено, структурата на трансакциите покажува разлики во однесувањето на купувачите по земји. Додека купувачите од САД генерираат најголем број трансакции, кај одредени пазари како Србија се забележува понизок просечен износ по трансакција, што укажува на почести, но помали купувања. Од друга страна, намалувањето на просечната вредност кај дел од пазарите како САД, Турција и Ирска укажува на зголемена фреквенција на купувања и поширока достапност на поевтини производи и услуги. Генерално, овие трендови покажуваат дека македонската е-трговија постепено се интегрира во меѓународните текови, привлекувајќи купувачи од различни пазари, но и дека постои потенцијал за понатамошен раст преку подобрување на конкурентноста, видливоста и довербата во домашните е-продавници“, додаде преседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска Станков.
Географската распределба на странските трансакции кон македонските е-продавници не секогаш директно го одразува профилот на крајните купувачи, туку често е поврзана со миграциски текови, дијаспора и локацијата на издавање на платежните картички. Земјите како САД, Швајцарија и Германија, кои учествуваат со значителен дел од вредноста на трансакциите, во голема мера се поврзуваат со македонската дијаспора. Овие трансакции најчесто се интерпретираат како купувања направени од иселеници за свои блиски во Македонија, особено за категории како подароци, потрошни производи, услуги или резервации. Кај Ирска, ситуацијата е понијансирана. Иако постои македонска дијаспора, значајниот обем на трансакции може делумно да се објасни и со тоа што голем број меѓународни дигитални платформи и финтек компании имаат седишта токму во Ирска. Тоа значи дека дел од трансакциите може да се процесираат преку ирски платежни институции, иако крајниот купувач не е физички лоциран таму. Дополнително, можно е и учество на странски корисници (не само Македонци) кои купуваат специфични услуги од македонски компании, особено во дигиталниот сектор. Кај Турција, растот на трансакциите и вредноста упатува на комбинација од фактори: зголемена економска поврзаност, географска близина, како и можен интерес за специфични услуги или производи што ги нудат македонските е-трговци. Дополнително, дел од трансакциите може да се поврзат и со бизнис-релации или прекугранични услуги.
Генерално, може да се заклучи дека кај дел од земјите доминира дијаспората како двигател на онлајн купувањата, додека кај други, како Ирска, значајна улога имаат структурните фактори поврзани со глобалната распределба на дигиталните платформи и платежната инфраструктура, што влијае врз географската распределба на трансакциите.
Асоцијацијата за е-трговија останува посветена на континуирано информирање и едукација на пазарот, преку подготовка на релевантни анализи и организирање на настани кои го поттикнуваат развојот на е-трговијата во регионот. Во таа насока, годишната регионална анализа за состојбата на е-трговијата претставува значаен извор на податоци за сите засегнати страни, додека 9-тата регионална конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, ќе понуди нови можности за едукација, размена на искуства и вмрежување. Повеќе информации за конференцијата се достапни на следниот линк:
https://ecommerceconference.mk/ .
Анализи
НБРСМ: Бруто надворешниот долг достигна 12,94 милијарди евра во првиот квартал
Бруто надворешниот долг на Северна Македонија на крајот на првиот квартал од 2026 година изнесува 12,943 милијарди евра, што претставува 70,5 отсто од проектираниот БДП, соопшти Народната банка.
Според податоците, во однос на претходниот квартал, бруто надворешниот долг е зголемен за 742 милиона евра, односно за 6,1 отсто. Доколку се изземе влијанието на специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, зголемувањето изнесува 743 милиони евра.

Кварталниот раст, според Народната банка, е резултат на зголемениот јавен долг за 463 милиони евра и приватниот долг за 280 милиони евра. Кај јавниот надворешен долг, растот главно произлегува од зголемувањето на долгот на секторот „држава“ за 498 милиони евра, поради издавањето нова емисија на еврообврзници.
Бруто надворешните побарувања на крајот на првиот квартал изнесуваат 8,139 милијарди евра, или 44,3 отсто од проектираниот БДП, и се зголемени за 523 милиони евра, односно за 6,9 отсто.

Поради поголемото зголемување на обврските во однос на побарувањата, нето надворешниот долг се зголемил за 218 милиони евра и на крајот на март изнесува 4,804 милијарди евра, или 26,2 отсто од проектираниот БДП.
Народната банка наведува дека приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг, со 68 отсто.
Негативната нето меѓународна инвестициска позиција на крајот на март 2026 година изнесува 9,009 милијарди евра, или 49,1 отсто од проектираниот БДП. Во текот на првиот квартал таа е зголемена за 259 милиони евра, како резултат на поголемото зголемување на обврските во однос на средствата.
Анализи
Волстрит под притисок: Nasdaq потона, Micron најголем губитник на денот
S&P 500 и Nasdaq Composite во вторникот завршија во минус, откако распродажбата на технолошките акции, започната во претходната сесија, дополнително се засили. Притисокот се прелеа и на азиските пазари, каде инвеститорите реагираа на падот на акциите поврзани со мемориски чипови.
Поширокиот пазарен индекс S&P 500 се намали за 1,44 отсто, на 7.365,46 поени, додека технолошкиот Nasdaq загуби 2,21 отсто и затвори на 25.587,04 поени. Dow Jones Industrial Average го заврши денот со пад од 45,87 поени, односно 0,09 отсто, на 51.666,84 поени.
Главните индекси сепак успеаја делумно да се опорават од најниските нивоа во текот на денот. Раст забележаа дел од технолошките акции надвор од секторот на производители на чипови, како Microsoft и Amazon, но и дефанзивните компании Walmart, Procter & Gamble и Johnson & Johnson. Акциите на International Business Machines пораснаа за 5 отсто, откако JPMorgan го зголеми рејтингот на компанијата на „overweight“, додека добивки забележаа и Sherwin-Williams и Merck.
Nasdaq во понеделникот веќе падна за 1,3 отсто, најмногу под влијание на акциите на Alphabet. Потоа распродажбата се прошири и на глобалните пазари, при што јужнокорејскиот индекс Kospi ги предводеше загубите во регионот. Акциите на SK Hynix, водечки производител на мемориски чипови и една од компаниите што ја поттикнуваа инвестициската еуфорија поврзана со вештачката интелигенција во Јужна Кореја, паднаа за повеќе од 12 отсто.
Јужнокорејскиот референтен индекс, кој годинава бележеше раст од 95 отсто, се намали за речиси 10 отсто, додека јапонскиот Nikkei 225 загуби 3,55 отсто, со што беше прекината серијата од осум последователни сесии на раст.
Во САД, силен пад во вторникот забележаа и акциите на Micron Technology. Производителот на мемориски чипови загуби 13 отсто и беше меѓу најголемите губитници на денот. Sandisk исто така падна за 13 отсто, додека Seagate Technology ослабе за повеќе од 5 отсто. Intel се намали за 6 отсто, а Advanced Micro Devices и Qualcomm загубија речиси 6, односно 8 отсто.
State Street Technology Select Sector SPDR ETF (XLK) падна за 4 отсто, додека VanEck Semiconductor ETF (SMH) загуби 7 отсто. Во меѓувреме, SpaceX забележа раст од околу 1 отсто.
Alphabet продолжи да бележи загуби, со пад од 1 отсто. Акциите на компанијата во понеделникот се намалија за 5 отсто поради загриженоста околу заминувањето на истакнати експерти за вештачка интелигенција од компанијата.
„Акциите на компаниите што профитираа од бранот на вештачката интелигенција сега се под притисок на распродажба. Не мислам дека се скапи, но тргувањето со нив стана премногу пренатрупано“, изјави Andrew Slimmon, висок портфолио менаџер во Morgan Stanley Investment Management, во емисијата „Squawk Box“ на CNBC.
Според него, ваквата ситуација го привлекла вниманието на momentum трговците, што доведува до остри распродажби како сегашната.
„Би рекол дека ова е здраво“, додаде Slimmon, пренесува Seebiz.eu.
Анализи
Европскиот парламент го поддржа дигиталното евро за да ја намали зависноста од американските платежни системи
Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент го одобри долгоочекуваното дигитално евро, како дел од напорите на Европската Унија да ја намали зависноста од платежни системи контролирани од САД.
Дигиталната валута, која се очекува да биде воведена до 2029 година, треба да ја зајакне европската автономија во плаќањата и да претставува дигитална форма на пари издадени и гарантирани од Европската централна банка. Таа нема да ја замени готовината, туку ќе ја надополни, заедно со постојните банкарски услуги.
Според податоците на Европската централна банка, американските платежни гиганти Visa и Mastercard учествуваат со 61 отсто во картичните плаќања во еврозоната и речиси целосно доминираат кај прекуграничните картични трансакции.
Предлогот предвидува граѓаните да можат да чуваат дигитални евра во посебен дигитален паричник, со ограничување на износот што ќе може да се поседува, а кое допрва треба да биде утврдено. Системот би овозможувал онлајн и офлајн плаќања и, според најавите, би обезбедувал високо ниво на приватност, без Европската централна банка директно да ги идентификува корисниците преку нивните платежни податоци.
Основната инфраструктура би ја обезбедила ЕЦБ, додека комерцијалните банки и давателите на платежни услуги би им ги нуделе услугите на клиентите. Финансиските институции се очекува да добијат надомест за учество во системот, додека трговците би плаќале пониски провизии од сегашните картични трансакции.
Европската централна банка го поздрави гласањето, наведувајќи дека позицијата на парламентарниот комитет истовремено ја штити готовината како законско средство за плаќање и го обликува дигиталното евро.
Италијанскиот европратеник Пасквале Тридико, кој го водеше досието во име на Левицата, ја оцени одлуката како „историска“ и како голема победа за граѓаните и малите бизниси.
Европската Унија не е единствена во развојот на јавна дигитална валута. Кина веќе го воведе дигиталниот јуан, а Русија најави дека дигиталната рубља ќе стане оперативна во септември 2026 година. САД, пак, имаат поинаков пристап, откако претседателот Доналд Трамп се откажа од плановите за дигитална валута издадена од Федералните резерви и ја поддржа употребата на стабилни криптовалути.
Европскиот парламент треба формално да ја потврди позицијата на комитетот на пленарна седница во Стразбур на почетокот на јули, по што ќе започнат преговори со 27-те земји членки. Законодавците се надеваат дека конечен договор ќе биде постигнат до крајот на годината.
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Банкипред 2 месециНова финансиска инјекција во НЛБ Леасе & Го Скопје
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 1 месецДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари


