Connect with us

Банки

Советот на Народната банка ги усвои Годишниот извештај и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за 2025 година

Објавено

на

Советот на Народната банка, на редовната седница, ги усвои Годишниот извештај за 2025 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2025 година, при што беше оценето дека централната банка успешно ги остварувала своите цели во текот на годината, придонесувајќи за одржување на ценовната и финансиската стабилност.

Во Годишниот извештај се истакнува дека 2025-тата година беше обележана со сложено и неизвесно надворешно окружување, додека сè уште постојат геополитички ризици и ценовни притисоци. Оттука, Народната банка водеше претпазлива и конзистентна монетарна политика, со што се придонесе за стабилизирање на инфлацијата и зачувување на довербата во домашната валута. По умереното нормализирање на монетарната политика, на самиот почеток на 2025 година, основната каматна стапка беше непроменета во ефективна смисла до крајот на годината. Претпазливата монетарна поставеност беше дополнително поддржана и со промените кај задолжителната резерва, како и со затегнувањето во делот на макропрудентните инструменти. Кон крајот на 2025 година, Народната банка премина и кон нова оперативна монетарна рамка, заради поголема усогласеност со меѓународните практики и подобро испраќање на сигналите на монетарната политика, без притоа да се промени поставеноста на монетарната политика. Ваквата поставеност на политиката, односно нивото на каматните стапки, заедно со промените кај другите инструменти, придонесуваат за стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за ценовна стабилност на среден рок.

Како значаен стратегиски исчекор во текот на годината се издвојува приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и започнувањето на подготовките за воведување инстант плаќања, со што дополнително се унапредува платежната инфраструктура и се зајакнува финансиската интеграција со Европската Унија.

Во рамките на Годишниот извештај е даден осврт на извршувањето на Програмата за работа на Народната банка, при што е оценето дека во текот на 2025 година успешно се остварени програмските активности. Покрај редовните процеси, се остварија и повеќе развојни проекти коишто овозможуваат воведување промени во работењето, со што е постигнат баланс помеѓу стабилноста, модернизацијата и интеграцијата. 

Советот заклучи дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен. Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, во 2025 година, беше остварен солиден раст на банкарските активности, при засилена кредитна поддршка на економијата и стабилна депозитна база.

Показателите за стабилноста на банкарскиот систем се поволни – капиталната позиција е дополнително зајакната, ликвидноста е на задоволително ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е подобрен, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2%.

Истовремено, стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет на банкарскиот систем за справување со потенцијални шокови, што ја потврдува неговата отпорност и стабилност.

И покрај позитивните движења, во Извештајот се наведува дека ризиците од надворешното окружување и натаму постојат, особено во услови на изразени геополитички тензии и неизвесност на светските пазари, при што се нагласува потребата од внимателно следење на состојбите и водење претпазливи политики за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

На седницата, Советот донесе измена на Одлуката за задолжителна резерва, со којашто од обврската за задолжителна резерва се исклучуваат новодоговорените обврски на банките кон нерезидентите во странска валута со договорна рочност над две години. Мерката има привремен карактер, со важност од две години, а е насочена кон поттикнување влез на долгорочен капитал од странство, како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на светска неизвесност.

На седницата, Советот разгледа и други материјали поврзани со тековното работење на Народната банка.

Банки

Банкарска мега зделка на повидок: UniCredit чекор поблиску до Commerzbank

Објавено

на

Германскиот банкарски гигант „Commerzbank“ за првпат јавно изрази подготвеност да започне преговори со италијанската „UniCredit“ за евентуално преземање, што претставува значаен пресврт по повеќемесечното противење на ваквата трансакција.

Претседателот на Надзорниот одбор на „Commerzbank“, Јенс Вајдман, изјави дека по промените во сопственичката структура се создадени услови за конструктивен дијалог, со цел да се дефинираат услови кои ќе ги заштитат интересите на вработените, клиентите и акционерите. Тој призна дека банката посакувала поинаков развој на настаните, но дека актуелниот однос на силите меѓу акционерите наметнува нов пристап.

Промената во ставот доаѓа откако „UniCredit“ го зголеми својот удел на речиси 48% од капиталот и близу 50% од гласачките права во „Commerzbank“, со што стана убедливо најголем поединечен акционер. Финализирањето на трансакцијата сè уште зависи од регулаторните одобренија, кои се очекуваат до крајот на годината.

Можната аквизиција предизвикува силен интерес во германската јавност и политичкиот врв. Иако германската влада претходно се спротивставуваше на преземањето, канцеларот Фридрих Мерц неодамна порача дека државата нема да ја блокира трансакцијата, иако остануваат одредени резерви околу начинот на кој „UniCredit““ го зголеми својот сопственички удел.

Според аналитичарите, евентуалното спојување на „UniCredit“ и „Commerzbank“ би претставувало една од најзначајните прекугранични банкарски трансакции во Европа и би можело суштински да го промени балансот на силите во европскиот банкарски сектор.

Продолжи со читање

Банки

АЛТА банка АД Белград купи нови акции и го зацврсти контролниот пакет во АЛТА банка АД Битола

Објавено

на

Акционерот АЛТА банка АД Белград го зголеми својот сопственички удел во АЛТА банка АД Битола, откако се стекна со дополнителни девет обични акции на банката.

Според известувањето објавено преку Македонската берза, по оваа трансакција АЛТА банка АД Белград поседува вкупно 372.123 обични акции, што претставува 95,1777% од вкупниот број издадени обични акции на АЛТА банка АД Битола.

Објавата е направена согласно Правилата за котација на Македонската берза, кои предвидуваат навремено информирање за промени во сопственичката структура на акционери со значителен удел.

Со најновото зголемување на сопственоста, АЛТА банка АД Белград дополнително ја зацврстува својата позиција како доминантен акционер во АЛТА банка АД Битола.

Продолжи со читање

Банки

Тони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат

Објавено

на

Народната банка на Република Северна Македонија издаде Решение со кое е издава претходна согласност г-дин Тони Стојановски повторно да биде именуван за претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје.

Согласно решението издадено на 27 јули 2026 година, Стојановски ќе добие нов четиригодишен мандат, кој започнува на 4 септември 2026 година. Тони Стојановски ја презема функцијата претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје од 3 септември 2024 година.

Со оваа одлука се обезбедува континуитет во раководењето со една од најголемите банки во земјата. Стојановски и во претстојниот период ќе продолжи да ја предводи НЛБ Банка во реализацијата на нејзините стратешки цели, дигиталната трансформација, унапредувањето на банкарските услуги и зајакнувањето на пазарната позиција.

НЛБ Банка е дел од НЛБ Групацијата, една од водечките банкарски групации во Југоисточна Европа, со значајно присуство на регионалните пазари и фокус на иновации, одржлив раст и поддршка на клиентите и бизнис-заедницата.

Повторното именување на Стојановски претставува потврда на довербата во неговото досегашно раководење и визијата за понатамошен развој на Банката во услови на динамични промени во банкарскиот сектор.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange