Connect with us
no baners

Анализи

Родовиот јаз во пристапот до кредити: состојба и предизвици во Северна Македонија

Објавено

на

Во земја во која жените претставуваат половина од економскиот потенцијал, само 7,8% од вкупните кредити завршува кај компании во нивна сопственост. Пристапот до финансии е една од клучните основи за економска независност, развој на претприемништвото и унапредување на родовата еднаквост. Кога жените имаат еднаков пристап до капитал како и мажите, економијата добива поширока база на активни учесници, повеќе разновидни бизнис идеи и поголема отпорност на економски шокови. Меѓународните истражувања доследно покажуваат дека намалувањето на родовиот јаз во финансирањето носи директни економски придобивки и забрзан раст.

Оттука, анализата на родовата структура во кредитирањето не е само статистичка вежба, туку еден од суштинските индикатори за тоа колку економскиот систем обезбедува еднакви можности. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка во март 2024 година помеѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Народната банка на Република Северна Македонија, се приклучивме на околу 30 земји што ја применуваат глобалната рамка за унапредување на финансирањето на женските бизниси. Преку Народната банка, која е лидер и национален координатор на активностите поврзани со Кодексот, нашата земја се приклучи кон иницијативата We-Finance Code, која се спроведува во соработка со ЕБОР и техничка поддршка на Франкфуртската Школа за финансии и управување.

Оваа рамка поставува заеднички принципи ибара заложби од регулаторите, банките, давателите на финансиски услуги, јавните институции и релевантните организации да делуваат во три клучни области: лидерство, податоци и конкретни мерки. Со вкрстување на податоците од Централниот регистар и Кредитниот регистар на Народната банка, за првпат во земјата се обезбедија детални полово-раздвоени податоци за пристапот до кредити кај микро, мали, средни и големи претпријатија во претежна сопственост на жени. Податоците се однесуваат на состојбата заклучно со март 2025 година.

Сепак, сликата сè уште не е целосна. Во моментов нема информации за причините за одбивање на поднесените апликации по пол, ниту за депозитите на компаниите кои се во сопственост на жени, на што ќе се работи во следните фази на проектот. Затоа не може прецизно да се утврди дали пониското учество на жените во кредитирањето или природата на нивното работење (помалку ризично и насочено кон штедење и користење на сопствени средства) произлегува од помал број барања или од структурни бариери во процесот на одобрување. Ова ја нагласува потребата од систематско следење на целиот кредитен процес преку полово-поделени податоци.

Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) активно учествува во процесот како еден од чинителите, со цел создавање системски решенија за намалување на родовиот јаз во пристапот до капитал. За таа цел, Алијансата ги анализираше достапните податоци, според кои, со состојба на крајот на март 2025 година во земјата се активни 32.469 кредити со вкупна бруто-вредност од околу 4,09 милијарди евра. По број на кредити, 86,22% се доделени на компании во претежна сопственост на мажи, а 13,78% на компании во сопственост на жени. Разликата е уште поизразена кај вредноста на кредитите: женските компании учествуваат со само 7,83% од вкупниот износ, додека над 92% од средствата се пласирани кај машки компании. Просечната вредност на кредитот изнесува околу 68,9 илјади евра кај женските компании, наспроти 135,1 илјади евра кај машките.

Ова се должи и на големината на компаниите. Имено, жените најчесто се сопственички на активни микро и мали компании, кои имаат и помал апсорпциски капацитет. Најголемото нивно учество, и по број и по износ, е токму кај малите претпријатија, што укажува дека овој сегмент е клучен за женското претприемништво. Во сегментите на средни и големи компании, учеството на жените е значително пониско, што упатува на ограничени можности за раст и развој. Дополнително, структурата на кредитите покажува дека компаниите во сопственост на жени почесто користат краткорочни и среднорочни кредити, најчесто за ликвидност и тековно работење. Долгорочните кредити – кои се клучни за инвестиции, проширување и технолошки развој – во поголема мера ги користат компании во сопственост на мажи. Иако распределбата по каматни стапки покажува дека компаниите во сопственост на жени и мажи најчесто користат кредити во средните каматни категории, родовата нерамнотежа останува присутна.

“Кредитната нееднаквост не е само родово прашање, туку економски предизвик што ја ограничува продуктивноста, иновациите и растот. Организацијата, заедно со сите други вклучени чинители, ќе продолжи да го следи спроведувањето на We-Finance Code, да ги анализира податоците и да предлага мерки за намалување на родовиот јаз, со цел создавање фер и инклузивен економски систем. Инвестирањето во жените и женските бизниси претставува инвестиција во побрз и поодржлив економски развој.” велат од GEA.

Паралелно со ова, Алијансата реализира низа активности за унапредување на родовата еднаквост на работното место. Централна платформа е годишната конференција EqualXChange, која петта година по ред собира над 25 говорници и повеќе од 150 учесници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, со поддршка од меѓународни партнери. Оваа година конференцијата ќе се оддржи под мотото EqualXchange: Money, Mind, Influence на 19 мај во хотел DoubleTree by Hilton, во своето петто јубилејно издание.Покрај конференцијата, реализирани се и специјализирани работилници насочени кон економско зајакнување на жените – од подготовка за пристап до
инвестиции, до поттикнување на жените да станат бизнис ангели. Дополнително, преку јавни кампањи, организацијата активно работи на намалување на родовите стереотипи и предрасуди, со цел создавање работна средина во која родот не претставува бариера, туку еднаква можност за успех.

Инаку, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија која е посветена на создавање инклузивна работна култура и промовирање еднакви можности за сите. Алијансата се залага за три главни столба: еднаква застапеност на мажи и жени на сите нивоа и позиции, еднаква плата за иста работа и еднакви можности за напредок. Работата на GEA ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, Сава Пензиско Друштво, и CosLoveMetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се и Сава Осигурување, Евроинс Осигурување, Publicis Groupe, Aristocrat, Avenga Academy, IdeaLab и EOS Мatrix. Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за родова еднаквост на работното место се достапни на: https://genderequalityalliance.org.

Анализи

Златото порасна втор ден по ред, но е на пат кон месечен пад

Објавено

на

Цената на златото во петокот порасна втор ден по ред и достигна 4.580 долари за унца, откако се појавија информации дека САД и Иран би можеле да го продолжат примирјето, што донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари.

И покрај растот, благородниот метал е на пат да ја заврши месечната трговија со пад од околу 0,8 проценти. Врз цената и натаму влијаат загриженоста поради инфлацијата и очекувањата дека каматните стапки ќе останат повисоки подолг временски период.

Преговорите за завршување на тримесечниот конфликт продолжуваат, а според медиумските извештаи се разгледува можност за продолжување на примирјето за уште 60 дена за да се создадат услови за формални разговори меѓу двете страни. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не дал конечна согласност за предложениот договор.

Пазарите остануваат претпазливи бидејќи евентуалните нарушувања во транспортот и енергетската инфраструктура би можеле да ги задржат високите цени на нафтата, што дополнително го комплицира патот кон намалување на инфлацијата.

Најновите податоци покажаа дека инфлацијата во САД во април забележала најбрз раст во последните три години, што ги зацврсти очекувањата дека Федералните резерви ќе ги задржат каматните стапки непроменети подолг период.

Во меѓувреме, побарувачката за злато во Индија останува слаба поради високите цени и увозните давачки, додека во Кина, најголемиот светски потрошувач на благородниот метал, премиите се намалуваат поради внимателното расположение на пазарот.

Продолжи со читање

Анализи

Европската индустрија троши сè помалку енергија, но прехранбениот сектор бележи раст

Објавено

на

Индустриските капацитети низ Европската Унија продолжуваат да ја намалуваат потрошувачката на енергија, покажуваат најновите податоци на Евростат. Во 2024 година, европската индустрија потрошила 8.835 петџули енергија, што претставува намалување од 8,1 отсто во споредба со пред десет години и продолжување на долгорочниот тренд на пад кој трае од 1990 година.

Електричната енергија и натаму има најголем удел во индустриската потрошувачка со 33,3 проценти, додека природниот гас учествува со 31,9 проценти. Обновливите извори на енергија и биогоривата се на третото место со удел од 11,3 проценти, надминувајќи ја нафтата и нафтените деривати.

Особено е забележливо намалувањето на употребата на јаглен и други цврсти фосилни горива, чија потрошувачка е намалена за речиси 35 проценти во однос на 2014 година. Во исто време, користењето на обновливи извори на енергија е зголемено за повеќе од 24 проценти, што укажува на забрзана енергетска транзиција во европската индустрија.

Сепак, не сите индустриски гранки го следат истиот тренд. Производството на храна, пијалаци и тутун бележи пораст на потрошувачката на енергија од 4,7 проценти во последната деценија и сега учествува со 12,8 проценти во вкупната индустриска потрошувачка на енергија во ЕУ.

Овој сектор најмногу се потпира на природниот гас, кој покрива 46,3 проценти од неговите енергетски потреби, додека електричната енергија учествува со 35,3 проценти. Истовремено, токму во прехранбената индустрија е забележан и значителен раст на користењето обновливи извори на енергија и биогорива, за дури 68,4 проценти во споредба со 2014 година.

Податоците покажуваат дека европската индустрија станува поенергетски ефикасна и сè помалку зависна од фосилните горива, но и дека растот на производството на храна носи поголеми енергетски потреби. Тоа укажува дека зелената транзиција во Европската Унија не се одвива со исто темпо во сите сектори.

Во рамки на напорите за постигнување климатска неутралност до 2050 година, Европската комисија во 2021 година го претстави пакетот мерки „Fit for 55“, чија цел е до 2030 година емисиите на стакленички гасови во ЕУ да се намалат за најмалку 55 проценти во однос на нивото од 1990 година.

Продолжи со читање

Анализи

Буџетскиот дефицит на Македонија достигна 25,6 милијарди денари во првите четири месеци од годината

Објавено

на

Буџетскиот дефицит на Северна Македонија во периодот јануари–април 2026 година изнесува 25,6 милијарди денари (околу 415 милиони евра), што претставува значително зголемување во споредба со истиот период минатата година, кога дефицитот изнесувал 14,7 милијарди денари.

Според податоците на Министерството за финансии, вкупните приходи во консолидираниот буџет во првите четири месеци од годинава достигнале 113,6 милијарди денари, што е повеќе од 107 милијарди денари регистрирани во истиот период во 2025 година.

Во исто време, буџетските расходи пораснале уште побрзо и достигнале 139,2 милијарди денари, наспроти 121,7 милијарди денари во првите четири месеци од минатата година.

Само во април, буџетот забележал дефицит од 380 милиони денари, додека во април 2025 година дефицитот изнесувал само 5,8 милиони денари.

На крајот од 2025 година, буџетскиот дефицит на државата изнесуваше 41,8 милијарди денари, што беше малку пониско во однос на 41,9 милијарди денари една година претходно.

Податоците покажуваат дека и покрај растот на буџетските приходи, значителното зголемување на расходите придонело за продлабочување на буџетскиот јаз во првите четири месеци од 2026 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange