Connect with us

Анализи

Блокадата на Ормускиот теснец не е само прашање на нафта – од него зависат 100 милиони луѓе

Објавено

на

Блокадата на Ормускиот теснец не претставува само енергетски проблем, туку сериозна закана за снабдувањето со храна во регионот на Персискиот Залив. Преку овој клучен поморски коридор поминуваат околу 20 проценти од светските залихи на нафта и природен гас, но за земјите од регионот тој е и витална врска за опстанок на повеќе од 100 милиони луѓе.

Ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран дополнително го загрозува овој теснец, со што се нарушуваат и синџирите на снабдување со храна. Поради екстремните температури, кои во лето достигнуваат и над 50 степени Целзиусови, како и поради ограниченото обработливо земјиште, државите од Заливот се силно зависни од увоз на храна, додека питката вода најчесто ја добиваат преку десалинизација на морска вода.

Саудиска Арабија увезува повеќе од 80 проценти од храната, Обединетите Арапски Емирати околу 90 проценти, а Катар дури 98 проценти. Голем дел од увозот во Ирак, и покрај реките Еуфрат и Тигар, исто така поминува низ Ормускиот теснец. Повеќето пратки со храна за регионот се транспортираат токму преку оваа рута, која сега е речиси блокирана поради напади врз комерцијални бродови.

Поради тоа, превозниците се принудени да бараат алтернативни, поскапи и логистички посложени рути. Дури и Иран, и покрај конфликтот, зависи од овој теснец за значителен дел од својата трговија.

Последиците веќе се чувствуваат на глобално ниво. Контејнери со храна, првично наменети за Дубаи, се пренасочуваат кон Индија или Шри Ланка. Светската програма за храна предупредува дека глобалните синџири на снабдување се соочуваат со можеби најголеми нарушувања од пандемијата на Ковид-19 и почетокот на војната во Украина.

Трошоците за транспорт нагло растат. Компаниите за испорака наметнуваат дополнителни трошоци од околу 4.000 долари по контејнер за Блискиот Исток, додека копнениот транспорт може да чини и до 9.000 долари по контејнер. Дел од овие трошоци неминовно ќе се префрлат врз потрошувачите.

Компаниите веќе најавуваат зголемување на цените на одредени производи, особено млечните и свежите намирници, и до 20 проценти. Сепак, некои трговци уверуваат дека нема да дојде до недостиг на храна, иако признаваат дека ситуацијата е сериозно нарушена.

Како алтернатива, се разгледуваат копнени транспортни рути од Европа преку Турција кон земјите од Заливот, што и покрај подолгото времетраење, се покажува како поевтина опција од воздушниот транспорт.

И покрај тоа што непосредна криза со глад засега не се очекува, блокадата на Ормускиот теснец јасно покажува колку е кревка глобалната мрежа за снабдување со храна и колку е регионот зависен од еден единствен поморски коридор.

Анализи

Берзанските индекси на Волстрит без поголеми промени, Nasdaq повторно во плус

Објавено

на

Берзанските индекси на Волстрит во четвртокот завршија со мали промени, додека инвеститорите останаа внимателни поради растот на цените на нафтата и приносите на американските државни обврзници.

Dow Jones ослабе за 0,3 проценти, на 51.349,98 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет на 7.704,13 поени. Nasdaq Composite, исто така, заврши речиси без промена, на 26.939,37 поени.

Притисок врз пазарите создадоа повисоките приноси на обврзниците и поскапувањето на нафтата, кои повторно ги засилија стравувањата од подолготрајни инфлаторни притисоци и построга монетарна политика на американската централна банка. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници се искачи на околу 5,22 проценти.

Тргувањето во Азија во петокот исто така беше претпазливо, по мешаната сесија на Волстрит и продолжената неизвесност околу движењето на енергентите и каматните стапки.

Продолжи со читање

Анализи

Албанија подготвува станбен кредити со 0% камата и 100% финансирање

Објавено

на

Албанија подготвува нов модел за поддршка при купување стан, кој предвидува станбени кредити со субвенционирана камата, а за одредени категории и можност за целосно банкарско финансирање на вредноста на недвижноста.

Според најавите на албанската министерка за економија и иновации Делина Ибрахимај, една од предложените шеми предвидува купувачите на станови во вредност до 60.000 евра да можат да добијат кредит со каматна стапка од 0%. За станови поскапи од 60.000 евра, корисникот би плаќал камата до 3%, а државата би го субвенционирала делот над ова ниво.

За недвижностите над 60.000 евра се разгледува и можност банките да финансираат до 100% од вредноста на станот, односно купувачот да не мора да обезбеди сопствено учество. Максималната вредност на недвижностите што би биле опфатени со оваа мерка сè уште се разгледува, а како ориентир се споменува износ од околу 200.000 евра. Програмата треба да биде насочена кон млади лица на почетокот на кариерата, млади двојки и семејства.

Новите мерки сè уште се во подготовка. Албанските власти работат на законската рамка, а дел од новите шеми би можеле да започнат уште во ноември. Планирана е и поддршка за изнајмување станови, при што државата би покривала половина од киријата до одреден лимит.

Албанија веќе спроведува и конкретни програми со нулта камата. Во август беше отворен повик за 300 станбени кредити со 0% камата за вработени во јавната администрација кои ги исполнуваат условите за програмата.

Може ли ваков модел и во Македонија?

Албанскиот пример го отвора прашањето дали слична шема би можела да се примени и во Македонија, особено во услови на растечка побарувачка за станбени кредити.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во август станбените кредити во Македонија биле за 16,2% повисоки во споредба со истиот месец минатата година, додека на месечно ниво пораснале за 0,6%.

Сепак, евентуалното субвенционирање на станбените кредити отвора и друго важно прашање – дали дополнителното поттикнување на побарувачката, доколку понудата на нови станови не расте со исто темпо, би можело дополнително да влијае врз цените на недвижностите.

Во поширок економски контекст, S&P Global Ratings во септември го потврди суверениот кредитен рејтинг на Албанија на „BB“ со стабилен изглед. Агенцијата очекува раст на албанската економија од 3,4% во 2026 година и просечно околу 3% годишно во периодот 2027–2029.

За споредба, Северна Македонија кај S&P има рејтинг „BB-“ со стабилен изглед, односно едно ниво под Албанија.

Продолжи со читање

Анализи

Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари

Објавено

на

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули годинава изнесувала 48.499 денари, што претставува раст од 7,1 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, позначителен раст на платите е забележан во финансиските дејности и осигурувањето, каде зголемувањето изнесува 10,7 отсто. Кај снабдувањето со вода, управувањето со отпад и санацијата на околината растот е 10,4 отсто, додека кај дејностите со недвижен имот платите се зголемиле за 9,6 отсто.

Во споредба со јуни, просечната нето-плата во јули е повисока за 0,2 отсто. Најголемо месечно зголемување е забележано кај стручните, научните и техничките дејности од 4,3 отсто, потоа во трговијата и поправката на моторни возила од 3,2 отсто и во градежништвото од 2,3 отсто.

Највисока просечна нето-плата во јули е исплатена во секторот информации и комуникации и изнесувала 89.532 денари.

Следуваат финансиските дејности и осигурувањето со просечна плата од 69.191 денар, додека во рударството и вадењето камен просечната нето-плата изнесувала 59.258 денари.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange