Connect with us

Кариера

Ана Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, до Собранието доставил предлози за избор на двајца нови вицегувернери: актуелната вицегувернерка Ана Митреска и директорот на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, Игор Величковски.

Митреска е предложена за втор мандат, откако првпат беше избрана на функцијата во октомври 2018 година со седумгодишен мандат. Таа е доктор по монетарна економија и долгогодишен експерт во Народната банка, каде што од 2011 година ја предводи Дирекцијата за монетарна политика и истражување, а претходно била заменик-директор и истражувач во истата институција.

Во својата кариера има клучна улога во подготовката на макроекономските проекции и анализи, како и во формулирањето на предлозите за монетарната политика, преку учество во Комитетот за оперативна монетарна политика. Активно учествува во соработката со меѓународните финансиски институции и рејтинг-агенции, а зад себе има и бројни научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.

Митреска дипломирала и магистрирала на Економскиот факултет во Скопје, со фокус на монетарната економија. Во својата професионална кариера има учество на бројни меѓународни семинари и конференции организирани од институции како Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и други централни банки, што дополнително ја зајакнува нејзината експертиза.

Вториот кандидат Игор Величковски е доктор по монетарна економија на Универзитет во Стафордшир во Велика Британија и долгогодишен експерт во областа на платните системи и финансиските пазари.

Во Народната банка се приклучува во 2012 година, а од 2013 година ја извршува функцијата директор на Дирекцијата за платни системи. Оваа функција ја извршува до октомври 2024 година, кога по институционална реорганизација е назначен за директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи.

Од 2012 година е вклучен во истражувачкиот проект на CERGE-EI и Global Development Network (GDN), на тема: „Дали европската интеграција го забрзува процесот на економска конвергенција на земјите во транзиција? Шокантна перспектива“. Во 2019 година ги објавува и научните трудови „Пренос на каматните стапки во три земји-кандидатки за ЕУ: Случајот на Албанија, Северна Македонија и Србија“ и „Големина, конкурентност и странски директни инвестиции: Мала или проклетство на земја во транзиција?“.

Величковски има значаен придонес во модернизацијата на регулативата за плаќања, вклучително и во подготовката на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и донесувањето на бројни подзаконски акти што ја унапредија конкуренцијата, иновациите и заштитата на потрошувачите. Тој беше директно вклучен и во приклучувањето на земјата кон Single Euro Payments Area (SEPA) во октомври 2025 година.

Покрај својата работа во централното банкарство, од 2019 до 2024 година беше и професор на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.

Неговото долгогодишно искуство и придонес во развојот на платните системи резултираа со предлог да биде избран за нов вицегувернер на Народната банка.

Кариера

НЛБ Групацијата вработува ИТ професионалец – Специјалист за ИТ за независна валидација

Објавено

на

НЛБ Групацијата бара ИТ професионалец кој ќе се приклучи на Групациската функција Group Independent Validation Function — независна функција од втората линија на одбрана, која ја поддржува усогласеноста со Базелските принципи BCBS 239.

Позицијата нуди можност за работа на ниво на Групацијата и директен увид во податочната архитектура, системите, протокот на податоци, контролите и процесите за известување во различни членки и функции на НЛБ Групацијата.

Оваа улога е наменета за професионалци кои сакаат да разберат како функционираат сложените податочни и ИТ средини, да идентификуваат слабости и да формираат независно мислење засновано на факти и докази.

Локација: Скопје, со можност за работа од далечина или хибриден модел, во зависност од деловните потреби и локацијата на кандидатот.

Клучни одговорности

  • Оценување на податочната архитектура, ИТ инфраструктурата, системските зависности и протокот на податоци што ги известувањата од областа на ризици и регулаторното известување;
  • Проверка на целосниот тек на податоците и следливоста на критичните податоци;
  • Оценување на техничките контроли за квалитет на податоците, усогласувањата, интерфејсите и процесите за управување со исклучоци;
  • Идентификување контролни слабости, рачни активности и области на оперативен или технолошки ризик;
  • Спроведување независни тестирања на трансформации на податоци, системски резултати и процеси за известување;
  • Подготовка на јасни наоди, заклучоци и препораки;
  • Следење на реализацијата на корективните активности и оценување дали утврдените слабости се соодветно отстранети;
  • Соработка со колеги од ИТ, Ризици, Финансии, Управување со податоци, Усогласеност и Внатрешна ревизија;
  • Учество во теренски активности во рамки на независна валидација на членките на НЛБ Групацијата.

Профил на кандидатот:

  • Високо образование од областа на информатички технологии, компјутерски науки, информациски системи, инженерство, data science или сродна област;
  • Најмалку пет години релевантно професионално искуство во една или повеќе од следните области:
  • o    Податочна архитектура или data engineering
  • o    Бази на податоци, SQL и анализа на податоци
  • o    Управување со податоци или квалитет на податоци
  • o    ИТ ризици или ИТ ревизија
  • o    Business intelligence или регулаторно известување
  • Добро познавање на протокот на податоци, интерфејси, ETL процеси, системски зависности и технички контроли;
  • Силни аналитички способности и вештини за решавање проблеми;
  • Способност за јасно објаснување на технички прашања;
  • Способност за самостојна работа и формирање објективно, независно мислење;
  • Одлично познавање на англискиот јазик, писмено и усно;
  • Подготвеност за повремени службени патувања во рамки на НЛБ Групацијата.

Ќе се смета за предност:

  • Искуство во банкарство или финансиски услуги
  • Познавање на BCBS 239 или други Базелски регулаторни рамки
  • Искуство со data lineage и управување со метаподатоци
  • Искуство во внатрешна ревизија или независна валидација
  • Познавање на data warehouse технологии, платформи за известување или современи податочни средини

Мотив да се придружите на НЛБ тимот:

  • Позиција на ниво на Групацијата со пристап кон различни членки на НЛБ Групацијата
  • Можност за развој на специјализирана експертиза во BCBS 239
  • Соработка со искусни професионалци од Ризици, Финансии, ИТ и Управување со податоци
  • Работа на комплексни активности од висока важност и реално значење за Групацијата
  • Високо ниво на професионална независност и одговорност
  • Флексибилен модел на работа
  • Теренска работа и патувања во рамки на регионот на НЛБ Групацијата

Заинтересираните кандидати своите кратки биографии можат да ги достават во делот кариера на www.nlb.mk или на: [email protected], со назнака “Специјалист за ИТ” најдоцна до 31.08.2026 година.

Само кандидатите кои ги исполнуваат основните критериуми ќе бидат контактирани за интервју.

Продолжи со читање

Кариера

Народната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари

Објавено

на

Народната банка на Република Северна Македонија објави оглас за вработување на седум лица, од кои две на неопределено и пет на определено време во траење од една година.

На неопределено време се бара еден „советник експерт“ во Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки и еден „организатор II степен“ во Отсекот за техничко одржување.

За позицијата советник експерт е предвидена основна нето-плата од 91.385 денари, додека за организатор II степен основната нето-плата изнесува 72.271 денари. За двете позиции се бара високо образование и соодветно работно искуство.

Народната банка бара и двајца пожарникари и тројца чувари, кои ќе бидат вработени на определено време од една година. За овие позиции се бара завршено средно образование, а кандидатите може да бидат со или без работен стаж. Основната нето-плата изнесува 35.051 денар.

Тројцата чувари ќе работат во Велес, а пред почетокот на работата ќе поминат обука во траење од три до шест месеци во седиштето на Народната банка во Скопје.

Кандидатите треба да достават пријава, биографија, доказ за државјанство, диплома или уверение за завршено образование, како и други документи наведени во огласот. Рокот за доставување на документацијата е седум работни дена, сметано од наредниот ден по објавувањето на огласот.

Документите се доставуваат до Архивата на Народната банка на булевар „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1 во Скопје.

Продолжи со читање

Кариера

Оглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје

Објавено

на

Централна кооперативна банка АД Скопје вработува кандидат за работнo местo: Стручен соработник – проценител.

Локација: Скопје

Работниот однос е на определено време, со можност за продолжување на неопределено време.

Дневно работно време: од 08:00 до 16:00 часот

Неделно работно време: понеделник – петок

Работното место ги опфаќа следните работни активности:

  • изготвување на нови процени на недвижен имот;
  • вршење на повторни процени на имот;
  • ревизија и контрола на постојни процени на имот согласно потребите на Банката;
  • увид на имот на терен;
  • подготовка на извештаи, анализи и придружна документација;
  • следење на пазарните движења и релевантната регулатива од областа на проценувањето;
  • извршување на други сродни работни задачи согласно потребите на Банката.

Кандидатите треба да располагаат со следните квалификации и познавања:

  • завршено високо образование;
  • важечка лиценца за овластен проценител;
  • работно искуство во областа на проценување на недвижен имот ќе се смета за предност;
  • солидно познавање на англиски јазик;
  • одлично познавање на MS Office пакетот и работа со компјутери;
  • возачка дозвола „Б“ категорија и активно возачко искуство.

Избраниот кандидат треба да ги поседува следните компетенции и вештини:

  • самостојност, одговорност и самоиницијативност;
  • способност за тимска работа во динамично работно окружување;
  • добри комуникациски и организациски способности;
  • професионален позитивен однос кон работата;
  • висок степен на прецизност;
  • способност за почитување на рокови и утврдени процедури
  • доверливост и професионален интегритет.

За работно место е предвидена основна нето плата, чија висина ќе биде утврдена во зависност од квалификациите и професионалното искуството на кандидатот.

Банката нуди професионална и стабилна работна средина, можност за стручно усовршување,професионaлен развој и напредување во кариерата, работа во искусен тим. Доколку сакате да станете дел од успешниот тим на Централна кооперативна банка, испратете го Вашето CV на: [email protected]. Вашата апликација задолжително треба да го содржи работното место за кое аплицирате.

Огласот ќе биде активен заклучно со 26.08.2026 година.

Ненавремените и некомплетни апликации нема да бидат предмет на разгледување.  Само кандидатите со уредни и навремени апликации, а кои одговараат на условите наведени во огласот, ќе бидат поканети на тестирање, односно интервју кое претставува дел од процесот на селекција на кандидати за вработување во Банката.

Рокот за избор на кандидати е од 45 до 120 дена по истекот на рокот за пријавување во зависност од бројот на пријавени кандидати.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange