Банки
Народна банка одбележува 80 години, потврдувајќи ја својата клучна улога во макроекономската стабилност и финансискиот развој на државата
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Со почит кон патеката трасирана од претходните генерации и со одговорност и визија за иднината, Народната банка го одбележува овој значаен јубилеј, уверена дека стабилноста, професионалноста и довербата ќе останат нејзини трајни вредности и во децениите што доаѓаат.
Анализи
Кредитите растат двојно побрзо од депозитите: Што покажуваат монетарните податоци за јули?
Кредитната активност во Македонија продолжи да расте во јули 2026 година, при истовремено зголемување на депозитите на домаќинствата. Според најновите податоци на Народната банка, вкупните кредити на месечно ниво се зголемиле за 0,8%, а на годишно ниво за 13,3%.
Паричната маса во јули забележала минимален месечен раст од 0,1%, додека на годишно ниво е зголемена за 8,3%.
Депозитите на домаќинствата растат, корпоративните се намалуваат
Вкупните депозити во јули се намалиле за 0,4% на месечно ниво, што целосно се должи на падот на депозитите на корпоративниот сектор. Од друга страна, депозитите на домаќинствата продолжиле да растат.
На годишно ниво, вкупните депозити се повисоки за 8,8%, пред сè поради зголемените заштеди на домаќинствата.
Депозитите на домаќинствата во јули пораснале за 1,6% месечно, а на годишно ниво бележат значителен раст од 11,1%.
Кај корпоративниот сектор, пак, депозитите се намалиле за 4,6% во однос на јуни, иако на годишна основа се повисоки за 2,9%.
Кредитирањето продолжува со силен раст
Кредитите на корпоративниот сектор во јули пораснале за 0,7% месечно, додека на годишно ниво растот достигнува 14,5%. Растот е предводен од кредитите во денари.
Кај домаќинствата, кредитите се зголемиле за 0,9% во однос на претходниот месец, а на годишно ниво се повисоки за 12,2%.
Особено силен годишен раст бележат станбените кредити, кои се зголемиле за 16,6%, додека потрошувачките кредити пораснале за 12,1%.
Автомобилските кредити во јули се намалиле за 0,3% на месечно ниво, но на годишна основа се повисоки за 5,6%.
Од друга страна, кредитите преку кредитни картички се намалиле за 4% на годишно ниво, додека негативните салда на тековните сметки бележат пад од 5,4%.
Податоците покажуваат продолжување на кредитниот циклус во македонската економија, со особено изразена активност кај корпоративното и станбеното кредитирање, додека домаќинствата истовремено продолжуваат да ги зголемуваат своите депозити.
Банки
НОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
Нови можности за сигурно и исплатливо вложување на заштедите нуди Комерцијална банка со новите орочени денарски и девизни депозити и детско штедење „Верверичка“ на 25 и на 40 месеци.
Покрај, стабилен принос, предвидливост и долгорочна финансиска сигурност, новите депозити нудат и фиксни каматни стапки.
Со новите орочени депозити, клиентите можат да изберат рок кој најдобро одговара на нивните финансиски планови, а притоа да уживаат во гарантиран принос во текот на целиот период на штедење. Дополнителна предност е што можат да изберат исплата каматата да се исплаќа месечно или по истекот на рокот на орочување, со што добиваат поголема флексибилност и прилагодување на личните потреби.
Минималниот износ за орочување е 100.000 денари за денарските депозити и 5.000 евра за девизните депозити.
„Веруваме дека доброто штедење треба да биде едноставно, сигурно и исплатливо. Новите орочени депозити на 25 и на 40 месеци се наш одговор на потребите на клиентите за долгорочно вложување со атрактивен и гарантиран принос и со целосна предвидливост и сигурност гарантирана од банка со над 70 годишно постоење“, вели Габриела Миленковиќ, директор на Секторот за работа со население во Комерцијална банка.
Новитетот е дел од континуираните заложби на Комерцијална банка за развој на современи финансиски решенија кои ги следат потребите на клиентите и им помагаат поефикасно да ги планираат личните и семејните финансии.
Повеќе информации за новите орочени депозити се достапни на веб-страницата kb.mk, како и во сите филијали и експозитури на Банката.
Банки
Промена во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка, именуван нов член
ПроКредит Банка АД Скопје ја извести Македонската берза за промени во составот на својот Надзорен одбор, откако Народната банка дала претходна согласност за именување нов член.
Според известувањето, со решение на Народната банка од 24 јули 2026 година е дадена претходна согласност Кристоф Вилхелм Хајнрих Бек да биде именуван за член на Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје со мандат од четири години.
Истовремено, од тековниот состав на Надзорниот одбор е избришан досегашниот член Ермола Биболи, поради поднесена оставка.
По промените, Надзорниот одбор на банката брои шест членови: Јованка Јолеска Поповска, Кристијан Едгардо Дагроса, Елена Наумовска како независен член, Нор Дрис, Маида Захировиќ Салом како независен член и Кристоф Вилхелм Хајнрих Бек.
Известувањето за промените е доставено до Македонската берза во согласност со обврските за објавување податоци поврзани со органите на управување и раководење на банката.
-
Продуктипред 2 месециИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување во секторот за организација и ИТ
-
Банкипред 2 месециЈунските пензии достапни за пензионерите корисници на Халкбанк





