Connect with us

Банки

МБА – од 1 март 2026 година започнува примена на засилена автентикација при електронски плаќања

Објавено

на

Македонската банкарска асоцијација ја информира јавноста дека согласно Законот за платежни услуги и платни системи, со кој во националното законодавство е транспонирана Директивата (ЕУ) 2015/2366 за платежни услуги на внатрешниот пазар (PSD2), од 1 март 2026 година започнува примената на засилена автентикација на корисниците (Strong Customer Authentication – SCA) при извршување одредени платежни трансакции.

Засилената автентикација ќе се применува кај платежни трансакции иницирани на далечина, и тоа:

  • плаќања со платежни картички при електронска трговија, како и
  • кредитни трансфери иницирани преку интернет-банкарство или мобилни апликации на банките.

Воведувањето на засилената автентикација има за цел подигнување на нивото на безбедност на електронските плаќања, намалување на ризикот од неовластени трансакции и подобра заштита на корисниците на платежни услуги, при што електронските и дигиталните плаќања ќе продолжат да се извршуваат непречено, со дополнителен безбедносен чекор.

Засилената автентикација се заснова на користење на најмалку два од следните три меѓусебно независни елементи:

  1. Елемент на знаење – нешто што го знае корисникот (на пример лозинка или ПИН),
  2. Елемент на поседување – нешто што го поседува корисникот (на пример мобилен уред, токен или платежна картичка),
  3. Елемент на својство – нешто што е својствено за корисникот (биометриски податоци, како отпечаток од прст или препознавање лице).

Во таа насока, досегашните начини на потврда на трансакции, како што се еднократни кодови доставени преку СМС или електронска пошта, кои се користат во рамки на постојните 3-D Secure решенија, ќе бидат заменети или надградени со посовремени и побезбедни механизми, во согласност со барањата на засилената автентикација.

Секоја банка, согласно законската рамка и сопствените технички и организациски можности, самостојно ќе го дефинира моделот на засилена автентикација, односно комбинацијата на елементи што ќе ги применува, поради што начинот на автентикација и корисничкото искуство може да се разликуваат од банка до банка.

Во рамки на процесот на воведување на засилената автентикација, банките ќе пристапат кон информирање и едукација на своите клиенти за применуваните решенија, постапките за автентикација и практичните чекори при извршување на платежни трансакции, преку сопствените комуникациски канали.

Примената на засилената автентикација претставува значаен чекор во усогласувањето на платниот систем со европската регулаторна рамка, придонесувајќи кон зголемена сигурност, доверба и заштита на корисниците при користење на современите електронски платежни услуги.

Македонската банкарска асоцијација, заедно со банките-членки, останува посветена на унапредување на безбедноста и стабилноста на платниот промет, како и на поддршка на процесите на дигитализација и модернизација на платежните услуги.

Банки

НОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки

Објавено

на

Нови можности за сигурно и исплатливо вложување на заштедите нуди Комерцијална банка со новите орочени денарски и девизни депозити и детско штедење „Верверичка“ на 25 и на 40 месеци.

Покрај, стабилен принос, предвидливост и долгорочна финансиска сигурност, новите депозити нудат и фиксни каматни стапки.  

Со новите орочени депозити, клиентите можат да изберат рок кој најдобро одговара на нивните финансиски планови, а притоа да уживаат во гарантиран принос во текот на целиот период на штедење. Дополнителна предност е што можат да изберат исплата каматата да се исплаќа месечно или по истекот на рокот на орочување, со што добиваат поголема флексибилност и прилагодување на личните потреби.

Минималниот износ за орочување е 100.000 денари за денарските депозити и 5.000 евра за девизните депозити.

„Веруваме дека доброто штедење треба да биде едноставно, сигурно и исплатливо. Новите орочени депозити на 25 и на 40 месеци се наш одговор на потребите на клиентите за долгорочно вложување со атрактивен и гарантиран принос и со целосна предвидливост и сигурност гарантирана од банка со над 70 годишно постоење“, вели Габриела Миленковиќ, директор на Секторот за работа со население во Комерцијална банка.

Новитетот е дел од континуираните заложби на Комерцијална банка за развој на современи финансиски решенија кои ги следат потребите на клиентите и им помагаат поефикасно да ги планираат личните и семејните финансии.

Повеќе информации за новите орочени депозити се достапни на веб-страницата kb.mk, како и во сите филијали и експозитури на Банката.

Продолжи со читање

Банки

Промена во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка, именуван нов член

Објавено

на

ПроКредит Банка АД Скопје ја извести Македонската берза за промени во составот на својот Надзорен одбор, откако Народната банка дала претходна согласност за именување нов член.

Според известувањето, со решение на Народната банка од 24 јули 2026 година е дадена претходна согласност Кристоф Вилхелм Хајнрих Бек да биде именуван за член на Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје со мандат од четири години.

Истовремено, од тековниот состав на Надзорниот одбор е избришан досегашниот член Ермола Биболи, поради поднесена оставка.

По промените, Надзорниот одбор на банката брои шест членови: Јованка Јолеска Поповска, Кристијан Едгардо Дагроса, Елена Наумовска како независен член, Нор Дрис, Маида Захировиќ Салом како независен член и Кристоф Вилхелм Хајнрих Бек.

Известувањето за промените е доставено до Македонската берза во согласност со обврските за објавување податоци поврзани со органите на управување и раководење на банката.

Продолжи со читање

Банки

АЛТА банка се шири во регионот: По Северна Македонија, во фокус БиХ и Црна Гора

Објавено

на

АЛТА банка го забрзува регионалното ширење, откако во изминатиот период влезе на пазарот во Северна Македонија преку преземањето на Стопанска банка АД Битола и осигурителната компанија ЗОИЛ Македонија. Следни потенцијални пазари за експанзија на групацијата се Босна и Херцеговина и Црна Гора.

АЛТА го презеде мнозинскиот удел во Стопанска банка АД Битола, а на почетокот на 2026 година го зголеми сопственичкиот удел на повеќе од 95 отсто. Банката денес работи под името АЛТА банка АД Битола.

Групацијата истовремено ги презеде и сите акции на ЗОИЛ Македонија АД Битола, со што влезе и во осигурителниот сектор. По завршувањето на регулаторните процедури, компанијата треба да работи под името АЛТА осигурување АД Скопје. Во понудата се предвидени различни видови неживотно осигурување, меѓу кои автомобилско, имотно, патничко и осигурување за домаќинства и компании.

Со тоа, АЛТА го проширува својот деловен модел надвор од класичното банкарство, поврзувајќи банкарски, платежни, лизинг и осигурителни услуги во рамките на една финансиска групација.

Според плановите за понатамошен развој, меѓу следните пазари за потенцијално ширење се Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде што се разгледуваат можности за аквизиции. Реализацијата ќе зависи и од добивањето на потребните регулаторни одобренија.

Во Црна Гора, АЛТА Група веќе е присутна преку платежната институција АЛТА pay, која од 2024 година работи на повеќе од 200 локации.

Паралелно со регионалната експанзија, банката бележи и раст на бројот на клиенти во Србија. Според PwC benchmarking анализа, нето-растот на клиентската база изнесувал 29,1 отсто во сегментот на физички лица и 18,8 отсто во корпоративниот сегмент. Стапката на одлив на клиенти изнесувала 2,6, односно 0,3 отсто.

АЛТА воедно инвестира во дигитализација, подобрување на деловните процеси и развој на платежни услуги, вклучително и примена на SEPA стандардите, со цел да изгради поширок финансиски систем на повеќе пазари во регионот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange