Connect with us
no baners

Интервјуа

На затворена карабина квадратот е поскап“ – вели Митровски во FinSight

Објавено

на

Слободан Митровски од Агенцијата за недвижнини „Асторија“ зборува за тоа како се формира и како се движи цената на становите – уште од самиот почеток на градбата.

Според него, процесот започнува со амбициозна почетна цел од страна на инвеститорот.

„Инвеститорот си поставува цел да продава по 3.150 евра за метар квадратен“, вели Митровски.

Но, во моментот кога градбата сè уште не е стигната ни до прва плоча, интересот веќе постои. Пазарот реагира уште во најраната фаза.

„Градбата не е стигната ниту до прва плоча, а веќе пристигнуваат понуди за купување. Можеби не по 3.150 евра, но околу 2.750 евра за квадрат“, објаснува тој.

Во таа фаза, ваквата цена за инвеститорот може да биде прифатлива, бидејќи носи сигурност и ликвидност уште на стартот од проектот.

Како што градбата напредува, расте и цената. Со секоја следна фаза, од конструкција до затворена карабина квадратот станува поскап.

„На затворена карабина цената е веќе повисока. Колку повеќе напредува градбата, толку повеќе расте и вредноста“, посочува Митровски.

На крајот, кога проектот ќе се приближи до финалната фаза, пазарната цена достигнува нивоа кои на почетокот изгледале амбициозни.

„Така доаѓаме до 3.150 евра за метар квадратен – цена која на крајот станува реалност, иако на почетокот делувала висока“, заклучува тој.

Како се гради цената паралелно со градбата? И дали купувањето во рана фаза е вистинска предност? Целата анализа на YouTube каналот на Банкарство.

no baners
no baners

Интервјуа

Интервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution

Објавено

на

Во време кога дигитализацијата забрзано го менува начинот на кој брендовите комуницираат со публиката, маркетингот станува сè поважен дел од деловната стратегија. Но, поголемата брзина, бројот на канали и достапноста на новите технологии носат и нови предизвици, од одржување на квалитетот на комуникацијата до градење и зачувување на довербата.

За современите трендови во маркетингот, влијанието на дигитализацијата, значењето на практичното знаење и ризикот од површен пристап во маркетингот и комуникацијата, разговараме со Самоил Крстевски, сопственик на маркетинг агенцијата „Media Lab Solution“, кој има долгогодишно искуство во маркетингот, високото образование и работењето со компании, особено од финансискиот и осигурителниот сектор.

Банкарство: Вашиот професионален пат опфаќа искуство во високото образование, работа како маркетинг менаџер во неколку компании од осигурителниот сектор, а денес управувате со маркетинг агенција која работи на брендирање и позиционирање на сериозни компании, особено од финансискиот сектор. Како сите овие различни професионални искуства го обликуваа вашиот пристап кон бизнисот и градењето доверба со клиентите?

Самоил Крстевски: Работата во различни професионални сфери ми овозможи оформување на поширок и посуштински поглед кон пазарот, човечкиот фактор и вредноста на стратешки поставениот деловен пристап.

Многу често зборувам за тоа дека работата со студентите носи посебно задоволство и енергија. Искуството во високото образование ми овозможи континуирано и одблизу да следам многу генерации млади луѓе, да го разберам нивниот начин на размислување, нивните очекувања, амбиции и поглед кон иднината, но и да бидам во тек со промените што ги носи секоја нова генерација. Таа поврзаност со младите продолжува и денес. Дел од мојот тим го сочинуваат млади луѓе кои со своите идеи, енергија и поинаков поглед кон работата внесуваат свежина во секојдневието. Верувам дека токму спојот на искуството и новата енергија создава средина во која и едните и другите постојано учиме, се надградуваме и се движиме напред.

Осигурителниот сектор, од друга страна, претставува сериозна индустрија што гради силно чувство за одговорност кон клиентите и бара прецизна и јасна комуникација.

Денес, како сопственик на маркетинг агенција, овие искуства се спојуваат и маркетингот не се гледа само како промоција, туку како сериозна деловна функција што директно влијае врз кредибилитетот, репутацијата и долгорочната позиција на брендот.

Банкарство: Колку образованието денес има значење во создавањето професионалци што можат да одговорат на современиот пазар?

Самоил Крстевски: Образованието и понатаму има исклучително важна улога затоа што ги поставува темелите на знаењето, аналитичкото размислување и професионалната зрелост.

Но, денес не е доволно да се поседува само формално образование, најголема вредност има кога по завршеното образование се надградувате со добро практично професионално искуство. Неформалното образование, за жал, кај нас се уште е на многу ниско ниво и најчесто е сведено на обуки и школувања од некомпетентни предавачи. Така, често се случува и кај нас да пристигне навидум одлично “CV” од кандидати кои аплицираат за работа, а суштински се слаби познавачи на индустријата, алатките за работа и немаат чувство за оваа проблематика. Не е доволно да се наведе само дали е посетен некој курс или академија кога реалноста е поинаква и тој кандидат не е подготвен за работа на реални проекти.

Банкарство: Управувате со маркетинг агенција која соработува со реномирани домашни и странски компании. Како тоа го менува пристапот кон маркетингот?

Самоил Крстевски: Работата со различни компании, а особено оние од финансискиот сектор, наметнува многу повисоко ниво на одговорност. Во таков контекст, маркетингот не се сведува само на комуникација и видливост, туку станува дел од пошироката
деловна стратегија. Секоја порака мора да биде внимателно поставена, секој канал внимателно избран, а секоја кампања усогласена со законските прописи, регулативите, вредностите и репутацијата на клиентот. Тоа покажува дека во маркетинг комуницирањето мора да бидеме одмерени, аналитички поткрепени и суштински поврзани со деловните цели и очекувања.

Денешниот маркетинг свет се движи многу побрзо, а воедно е покомплексен и поконкурентен од кога било досега. Компаниите имаат на располагање повеќе канали, повеќе формати и повеќе алатки, но истовремено се соочуваат со многу поголем притисок да бидат релевантни, прецизни и доследни. Пазарот повеќе не наградува само присуство. Се повеќе се вреднува способноста да се изгради порака што има тежина, комуникација што создава доверба и стратегија што носи реална деловна вредност. Еден од најголемите предизвици е да се задржи квалитетот и сериозноста на комуникацијата во средина што постојано бара брзина и видливост.

Вториот предизвик е засилената конкуренција затоа што многумина имаат пристап до истите платформи и формати, а третиот и најважен е довербата. Денешната публика многу брзо препознава кога комуникацијата е неавтентична, пренагласена или без вистинска содржина. Токму затоа, брендовите мора да градат позрел, попрецизен и поодговорен однос со публиката.

Банкарство: Каква улога има дигитализацијата во современиот маркетинг?

Самоил Крстевски: Дигитализацијата денес има суштинска улога и веќе не се гледа како дополнување, туку како основа на современиот маркетинг. Таа овозможува попрецизно таргетирање, подобра сегментација, анализа на однесувањето на публиката, управување со кампањи во реално време и поефикасна дистрибуција на содржината.

Практично, дигитализацијата му овозможува на маркетингот да биде побрз, “попаметен” и многу поприлагоден на конкретниот корисник.

Генерално, сметам дека дигитализацијата и кај нас е навлезена на завидно ниво и не заостануваме многу од светските трендови, иако се уште се зборува дека треба да се воведе и дека се уште не е доволно застапена кај нас, па се организираат форуми, панел-дискусии на кој се зборува за недостатоците и проблемите, но никогаш не слушаме кое е всушност решението, како да се подигне свеста или да слушнеме некое практично искуство од имплементација на дигитализацијата.

Банкарство: На кој начин дигитализацијата најмногу ќе се користи во маркетингот во периодот што следи?

Самоил Крстевски: Моја лична проценка е дека најголема примена ќе има во прилагодениот пристап, автоматизацијата и аналитиката. Тоа значи дека брендовите се повеќе ќе се насочуваат кон комуникација што е приспособена на интересите, навиките и однесувањето на конкретниот корисник. Технологијата ќе зазема се поголема улога, но нема да го замени човечкиот фактор. Таа може да ја зголеми ефикасноста, да помогне во анализата и да го забрза извршувањето, но не може да ја замени проценката, интуицијата, стратешкото размислување и чувството за контекст. Маркетингот и понатаму ќе зависи од знаењето, зрелоста и способноста на луѓето да донесат правилни одлуки и да изградат вистинска врска со публиката.

Банкарство: Дали постои ризик дигитализацијата да доведе до премногу површен маркетинг?

Самоил Крстевски: Да, тој ризик е реален. Кога комуникацијата се сведува само на брзина, формат и постојано присуство, постои опасност да се изгуби тежината на пораката. Во обидот да бидат модерни и видливи, дел од брендовите стануваат премногу лесни во тонот и недоволно внимателни кон сопствениот идентитет.

Банкарство: Што денес бараат компаниите од една маркетинг агенција?

Самоил Крстевски: Тие бараат повеќе од креативно решение. Бараат партнер што пред се ја разбира индустријата, деловниот контекст, пазарот и специфичните цели на клиентот. Ние кои сме дел од оваа индустрија, често сме сведоци на лоши стратегии и погрешно комуницирање при презентација на одреден производ или услуга.

Секоја индустрија има свои правила и зборови што се користат за одредена публика. Мора да се внимава кога ќе се помине прагот и наместо одлична промоција ќе се создаде несакан ефект.

Современиот маркетинг не е прашање на видливост по секоја цена, туку на стратешко, одговорно и доследно градење доверба, репутација и долгорочна вредност.

Продолжи со читање

Интервјуа

Дигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight

Објавено

на

Македонскиот банкарски сектор во изминатите години поминува низ значајна трансформација, поттикната од дигитализацијата, променетите навики на клиентите и растечкиот интерес за нови форми на инвестирање. Во такви услови, банките сè повеќе се позиционираат како финансиски партнери кои, покрај традиционалните услуги, нудат пристап до современи инвестициски решенија и дигитални финансиски алатки.

Во најновото издание на емисијата FinSight, гостин е Беркан Имери, член на Управниот одбор на Халк Банка, една од најбрзорастечките банки на македонскиот пазар во последните години.

Во интервјуто, Имери говори за развојниот пат на банката, промените во финансиското однесување на граѓаните и компаниите, како и за предизвиците и можностите што ги носи новата економска реалност.

Посебен акцент е ставен на сè поголемиот интерес на домашните инвеститори за вложување во хартии од вредност на меѓународните пазари, тема која добива на значење во услови на глобализирани финансиски текови и потреба од диверзификација на инвестициите.

Во разговорот се анализираат и актуелните движења на каматните стапки на депозитите и кредитите, побарувачката за станбени кредити, како и најчестите причини поради кои граѓаните се задолжуваат.

Дополнително, Имери зборува за искористеноста на средствата од унгарската кредитна линија од страна на македонските компании, улогата на банките во поддршката на бизнис-секторот и можностите за понатамошен економски развој.

Во време кога дигиталните услуги стануваат стандард, интервјуто отвора и важни прашања поврзани со сајбер безбедноста, заштитата од финансиски измами и иднината на безготовинските плаќања. Дали мобилниот телефон ќе стане главна алатка за плаќање и дали класичните платежни картички постепено ќе ја губат својата улога се дел од темите на кои Имери дава свој осврт.

На крајот од разговорот, тој ги открива и стратешките приоритети на Халк Банка за следните пет години, визијата за понатамошен раст и позиционирање на банката во сè поконкурентна финансиска средина.

Целото интервју со Беркан Имери во FinSight можете да го проследите во продолжение.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?

Објавено

на

Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?

На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.

Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.

Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.

Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.

Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?

Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.

Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.

Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange