Connect with us

Останато

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Асоцијацијата за е-трговија и Министерството за дигитална трансформација

Објавено

на

Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) и Министерството за дигитална трансформација потпишаа Меморандум за соработка, со кој Министерството официјално пристапува како почесен член на Асоцијацијата.

Меморандумот воспоставува рамка за институционална соработка во областите на е-трговијата, дигитализацијата, вештачката интелигенција, дигиталните вештини и иновациите, со цел забрзување на дигиталната трансформација и развојот на дигиталната економија во земјата.

На состанокот беше истакната важноста на е-трговијата како интегрален дел од дигиталната економија и како клучен двигател на конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија. АЕТСМ ја нагласи својата улога во поддршка на бизнис-секторот преку развој на нови онлајн продажни канали, едукација, истражувања и иницијативи за унапредување на пазарот.

Во рамки на соработката, страните ќе разменуваат информации, анализи и експертиза, ќе учествуваат на заеднички настани и обуки, ќе развиваат едукативни и развојни програми и ќе разгледуваат можности за заедничка подготовка и реализација на проекти на национално и меѓународно ниво.

Поттикнување на дигитализацијата на бизнис секторот е еднакво важна како и дигитализацијата на државната управа. Таа нуди нови можности за раст на бизнисите, поголеми приходи, рационализација на расходи и простор за иновации. Оттука, партнерството со Асоцијацијата за е-трговија сметаме дека ќе придонесе кон поголема мобилизација на бизнис секторот во насока на откривање на можностите кои ги нудат новите алатки.” – истакна г-дин Андоновски

Асоцијацијата изрази подготвеност да придонесе во имплементацијата на Стратегијата за дигитализација „Смарт МК 2030“, особено во делот на дигитализација на ММСП, развој на дигитални вештини и поттикнување на безготовинските плаќања.

Е-трговијата не е само уште еден канал на продажба – таа е инфраструктура на модерната економија. Преку оваа соработка со Министерството за дигитална трансформација, правиме чекор кон системско позиционирање на е-трговијата како двигател на дигиталната економија и конкурентноста на македонските компании.” – истакна Ангеловска-Станков, Претседателка на АЕТСМ.

Дополнително, на средбата се разговараше за важноста од стимулирање на безготовинските плаќања и можните заеднички иницијативи во таа насока, кои во наредниот период ќе бидат дополнително разгледувани и разработувани.

Останато

Дигиталното евро чекор поблиску до усвојување

Објавено

на

По повеќемесечни политички несогласувања во рамки на Европскиот парламент, законодавната рамка за дигиталното евро влегува во завршна фаза на преговори. Последните случувања покажуваат дека европратениците успеале да ги приближат ставовите околу клучните прашања, со што проектот е значително поблиску до формално усвојување.

Ова произлегува од нацрт-законскиот текст за дигиталното евро, во кој увид имал Euronews.

Дигиталното евро е замислено како електронска форма на готовина што би ја издавала Европската централна банка. Тоа би функционирало паралелно со постојните форми на пари, готовината и дигиталните услуги на комерцијалните банки.

Според актуелниот предлог, корисниците би користеле дигитален паричник што ќе овозможува плаќања преку интернет, но и офлајн трансакции, дури и без пристап до мрежа. Овој модел има за цел да ја комбинира практичноста на дигиталните решенија со достапноста на готовината.

Сепак, проектот се соочува со сериозни предизвици. Најголемите дилеми се поврзани со приватноста и финансиската стабилност. Иако предлогот предвидува трансакциите да не бидат следливи, дел од јавноста и натаму изразува загриженост за заштитата на податоците.

Од друга страна, комерцијалните банки предупредуваат на можни системски ризици, стравувајќи дека граѓаните би можеле да ги пренасочат средствата во дигитално евро, што би ја намалило депозитната база и способноста за кредитирање.

Дел од европратениците, пак, го доведуваат во прашање и самиот концепт, укажувајќи на развојот на европски платни решенија како Wero.

Во меѓувреме, геополитичките тензии дополнително ја зголемуваат важноста на проектот. Европската унија настојува да ја намали зависноста од американските платни системи како Visa и Mastercard, со што би го зајакнала својот монетарен суверенитет.

Значаен напредок во преговорите е постигнат откако главниот известувач Фернандо Наварете го ублажи својот претходен став дигиталното евро да биде ограничено само на офлајн употреба. Со постигнатиот компромис, отворен е простор за поширока примена што ги вклучува и онлајн трансакциите.

Лидерите на земјите членки на ЕУ поставија амбициозна цел, усвојување на законодавната рамка до крајот на годината, а почеток на примена на дигиталното евро се планира за 2029 година.

Сепак, пред конечната одлука остануваат да се усогласат уште две клучни прашања: максималниот износ што корисниците ќе можат да го чуваат во дигиталниот паричник и моделот на компензација за комерцијалните банки што ќе учествуваат во системот.

Како што истакна Пасквале Тридико, известувач за дигиталното евро во групата Левица, политичкиот застој е надминат и проектот повторно добива на интензитет.

Дигиталното евро сè повеќе се профилира како стратешки проект на Европската унија, кој оди подалеку од техничките аспекти на плаќањата и има за цел да ја зајакне финансиската автономија и да го модернизира монетарниот систем.

Доколку биде усвоен според планот, Европа до крајот на деценијата би можела да добие сопствена дигитална валута, со значајни импликации за банкарскиот сектор, потрошувачите и глобалниот финансиски систем.

Продолжи со читање

Бизнис

Во Скопје ќе се одржи еднодневна обука за јаглеродниот механизам на ЕУ и неговото влијание врз македонската индустрија

Објавено

на

На 16 април 2026 година, на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје ќе се одржи еднодневна обука посветена на „Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (ЦБАМ) и македонската индустрија: регулаторни обврски, финансиски импликации и стратегии за декарбонизација“.

Настанот, кој ќе се реализира во периодот од 10:00 до 12:30 часот во салата за состаноци на факултетот, има за цел да ги доближи клучните аспекти на европскиот механизам за јаглеродно прилагодување и неговото влијание врз домашната економија и индустрија.

Во рамки на обуката ќе бидат обработени регулаторните и финансиските аспекти на ЦБАМ, предизвиците со кои се соочува индустријата, како и стратегиите за декарбонизација. Посебен акцент ќе биде ставен и на улогата на банките во финансирањето на зелената транзиција, како и на интерактивна студентска активност преку користење на CO₂ калкулатор.

Како говорници се најавени Златко Ветеровски, експерт за царинска политика од Царинската управа, Марија Дуковска-Павловска, генерален директор на Макстил, како и Добринка Стефанова, директор на одделот за одржлив развој во ПроКредит банка Скопје. Модератор на настанот ќе биде проф. д-р Елена Макревска Дисоска од Економскиот факултет – Скопје.

Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да се регистрираат за учество преку онлајн формулар.

Продолжи со читање

Останато

Македонија и Словачка со нов чекор кон продлабочена економска соработка

Објавено

на

Во Братислава на 26 и 27 март се одржа првата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на која двете земји ја потврдија подготвеноста за унапредување на билатералните економски односи.

Седницата ја водеа заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, и заменик министерот за економија на Словачка, Владимир Шимоњак.

Во обраќањето, Димитровски истакна дека институциите се насочени кон проширување на економската соработка преку отворање нови пазари и поттикнување инвестиции, особено во секторите енергетика, индустрија и технолошки развој.

Претставниците на двете држави оценија дека постои значителен потенцијал за зголемување на трговската размена, како и за продлабочување на соработката во повеќе области, меѓу кои земјоделството, туризмот, културата и транспортот. Посебен акцент беше ставен на улогата на приватниот сектор и директните деловни контакти, како продолжение на бизнис форумот што се одржа во Скопје во февруари годинава.

Во рамки на состанокот беше потпишан и Протокол со кој се потврдува заедничката определба за натамошно интензивирање на економската соработка.

Димитровски се заблагодари за континуираната поддршка од Словачка за европската интеграција на Северна Македонија, оценувајќи ја како важен партнер во процесот.

Во македонската делегација учествуваа претставници од повеќе институции, меѓу кои државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски и државната секретарка во Министерството за култура и туризам Марија Станчевска-Ѓоргова, кои ги презентираа приоритетите во своите ресори, со фокус на промоција на домашните производи и јакнење на културната и туристичката размена.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange