Банки
Народна банка ја задржува каматната стапка на 4% – внимателен пристап во монетарната политика за стабилен курс и инфлација
На 10 февруари 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Во согласност со тековните економски движења и оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 4%. Воедно, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 11 февруари, понудата ќе изнесува 54 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии. Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици.
Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента. Остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка.
На крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.600,5 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП забрза и изнесува 3,8% на годишна основа, што е малку над оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2025 година засега упатуваат на понатамошен раст на економската активност, којшто благо би забрзал според последните проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти се едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за депозитите и кредитите на банките за јануари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките, но и на динамична кредитна активност, чиишто годишни стапки на раст засега се над очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, којшто е усогласен со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка е подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.
Банки
Народната банка објави конкурс за најдобро видео: награда од 60.000 денари
По повод одбележувањето на 80 години централно банкарство во земјава, Народната банка објави конкурс за избор на најдобар видеоматеријал на социјалните мрежи на тема „Што значи за мене Народната банка?“.
За авторот на најдобриот видеоматеријал е предвидена нето-награда од 60.000 денари.
Целта на конкурсот е учесниците на креативен и разбирлив начин да прикажат како работењето на централната банка е поврзано со секојдневниот живот на граѓаните – од парите, заштедите и плаќањата, до пошироките финансиски одлуки.
Како можни теми за обработка, Народната банка ги посочува стабилноста на денарот и цените, инфлацијата и куповната моќ, стабилноста на девизниот курс, сигурноста на банкарскиот систем, плаќањата и платниот систем, девизните резерви, како и економската статистика и транспарентноста.
Сепак, овие теми се дадени само како насока, а учесниците имаат слобода сами да го изберат пристапот и начинот на кој ќе ја раскажат својата приказна. Видеото може да биде во форма на анимација, интервју, скеч, документарен запис или друг креативен формат.
Конкурсот е отворен во периодот од 1 до 31 октомври 2026 година.
За учество, видеото треба да биде објавено на личен профил на Facebook или Instagram, при што објавата задолжително треба да биде јавно достапна. Потребно е да се користи хаштагот #МојатаНБ, како и да биде означен официјалниот профил на Народната банка.
На Facebook официјалниот профил е @narodnatabanka, а на Instagram @narodnabanka.mkd.
Видеоматеријалот треба да биде оригинално авторско дело со времетраење до три минути, изработено на македонски или албански јазик.
Право на учество имаат сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија.
Со конкурсот, Народната банка настојува да го доближи значењето на централното банкарство до пошироката јавност и да поттикне поголемо разбирање за тоа како монетарната и финансиската стабилност влијаат врз секојдневието на граѓаните.
Банки
НЛБ Банка нуди потрошувачки кредит до 2,5 милиони денари
НЛБ Банка Скопје ја промовира својата понуда за потрошувачки кредит наменет за граѓаните кои планираат реновирање на домот, уредување или реализација на други лични планови.
Според информациите објавени од Банката, максималниот износ на кредитот достигнува до 2.500.000 денари, а една од главните карактеристики на понудата е можноста за брзо одобрување на кредитот, кое, како што посочуваат од НЛБ Банка, може да се реализира за само неколку минути.
Понудата е насочена кон клиентите на кои им е потребно дополнително финансирање за различни потрошувачки цели, меѓу кои реновирање и уредување на домот, како и други планирани трошоци.
Од НЛБ Банка ги повикуваат заинтересираните граѓани детално да се информираат за условите на промотивниот потрошувачки кредит преку официјалната интернет-страница на Банката.

При носење одлука за кредитно задолжување, покрај максималниот достапен износ и брзината на одобрување, значајно е да се земат предвид и каматната стапка, рокот на отплата, висината на месечната рата, провизиите и вкупниот износ што клиентот ќе го отплати во текот на целиот кредитен период.
Банки
Централна кооперативна банка: Започна исплатата на септемвриските пензии
Централна кооперативна банка АД Скопје ги информира своите клиенти – пензионери дека од денес (01.10.2026 година) средствата по основ на пензии за месец септември 2026 година се префрлени на сметките на корисниците.
Пензионерите кои располагаат со дебитни картички можат да ги подигнат средствата на банкоматите на ЦКБ или да ги користат за безготовински плаќања во трговијата, почнувајќи од денес (1 октомври 2026 година).
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 1 месец10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот

