Банки
Финансиски земјотрес во Франција: Заминува гувернерот на централната банка – што значи тоа за пазарите!?
Гувернерот на Француската централна банка Франсоа Вилероа де Гало неочекувано најави дека ќе поднесе предвремена оставка, која ќе стапи на сила во јуни 2026 година, отворајќи му простор на претседателот Емануел Макрон да го избере неговиот наследник во чувствителен политички и економски момент.
Вилероа де Гало заминува околу 18 месеци пред истекот на вториот мандат, кој формално требаше да заврши во октомври 2027 година. Со оваа одлука, изборот на нов гувернер ќе го направи актуелниот претседател, наместо неговиот наследник по изборите во 2027 година, кога според анкетите е можно јакнење на кандидатите од крајната десница.
Како официјална причина за оставката се наведуваат лични мотиви поточно преземање на раководството на хуманитарната фондација „Fondation Apprentis d’Auteuil“, која работи со ранливи млади категории. Сепак, аналитичарите оценуваат дека одлуката има и јасна политичко-стратегиска димензија, со цел да се обезбеди континуитет во економската и монетарната политика на Франција.
„Сметам дека го исполнив клучниот дел од мојата мисија“, соопшти Вилероа де Гало, кој повеќе од една деценија беше на чело на централната банкана Франција.
Оставката доаѓа во период на релативна финансиска стабилизација, откако Франција успеа да го усвои буџетот за 2026 година и да ја намали неизвесноста на пазарите. Со ваквиот тајминг, Вилероа де Гало настојува да избегне дополнителни пазарни турбуленции, а на претседателот Макрон му се овозможува избор на наследник усогласен со неговата проевропска и центристичка економска визија.
Фото: france24.com
Банки
ОПШТЕСТВЕНАТА ОДГОВОРНОСТ НА НЛБ БАНКА НА ДЕЛО – Банката донираше современа опрема за новороденчиња
НЛБ Банка обезбеди медицински апарат за затоплување на новороденчиња во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, со цел да се обезбеди топла и контролирана микро средина за најмалите пациенти, особено за предвремено родените бебиња и оние со здравствени потешкотии, помагајќи им да ја регулираат телесната температура во најчувствителните први денови од животот.
Донацијата е дел од новогодишната кампања на НЛБ Банка, која има за цел подобрување на условите во родилните сали и Клиниката за гинекологија, обезбедувајќи современа опрема и грижа за новороденчињата и нивните семејства.

Со ова, НЛБ ја потврдува својата општествена одговорност, вложувајќи во здрава и сигурна иднина за новите генерации. Грижата за децата е темел на просперитетно општество, а мисијата на Банката е да прави позитивна разлика таму каде што е најпотребно.
Банки
Народна банка ја задржува каматната стапка на 4% – внимателен пристап во монетарната политика за стабилен курс и инфлација
На 10 февруари 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Во согласност со тековните економски движења и оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 4%. Воедно, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 11 февруари, понудата ќе изнесува 54 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии. Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици.
Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента. Остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка.
На крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.600,5 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП забрза и изнесува 3,8% на годишна основа, што е малку над оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2025 година засега упатуваат на понатамошен раст на економската активност, којшто благо би забрзал според последните проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти се едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за депозитите и кредитите на банките за јануари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките, но и на динамична кредитна активност, чиишто годишни стапки на раст засега се над очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, којшто е усогласен со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка е подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.
Банки
ALTA Банка овозможи SEPA кредитни трансфери
Од денес, 10 февруари 2026 година, АЛТА Банка АД Битола официјално овозможи извршување и прием на SEPA кредитни трансфери, со што на своите клиенти им нуди побрзи, поекономични и стандардизирани плаќања во евра кон и од земјите членки на Единствената област за плаќања во евра (SEPA).
Со приклучувањето кон SEPA, АЛТА Банка се интегрира во европските платни шеми, овозможувајќи прекуграничните плаќања во евра да се извршуваат под исти услови како и домашните плаќања во рамките на SEPA зоната.
SEPA кредитните трансфери се карактеризираат со значително пониски трошоци во споредба со традиционалните меѓународни плаќања, побрза обработка – најдоцна до следниот работен ден, како и транспарентна структура на трошоци со примена на принципот SHA (поделени трошоци).
Услугата е наменета и за граѓани и за компании кои вршат плаќања во евра кон странство, при што овозможува поефикасен платен промет, подобра контрола и следење на трансакциите, како и усогласеност со европските платни стандарди.
SEPA кредитните трансфери во ALTA Банка се извршуваат во согласност со регулативата на Народната банка на Република Северна Македонија, правилата за девизно работење, како и прописите за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Со воведувањето на SEPA плаќањата, АЛТА Банка продолжува со унапредување на своите платежни услуги, нудејќи современи, сигурни и економични решенија во корист на своите клиенти и нивното деловно работење.
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | СИЛВАНА МИЛЕНКОВА И РАДИСАВ БУЛАТОВИЌ: Најважни се добрата комуникација, емоционалната интелигенција, искреноста и создавање на долгорочни односи на доверба со клиентите
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Продуктипред 2 месециПразничен промо депозит од ПроКредит Банка – Повеќе добивка за одличен старт на 2026
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка а.д. Битола од денес и официјално е АЛТА банка АД Битола
-
Интервјуапред 2 месециИднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво



