Connect with us
no baners

Банки

Добра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година

Објавено

на

Врз основа на остварениот финансиски резултат за 2025 година и усвоената Програма на мерки и активности на деловната политика и Финансискиот план за 2026 година, Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје донесе одлука да предложи исплата на повисока дивиденда за 8 проценти на своите акционери.

Согласно планираното, Управниот одбор ќе достави до Надзорниот одбор, а потоа и до Собранието на акционери, Предлог одлука за распоредување на добивката со која се предвидува исплата на бруто-дивиденда во вкупен износ од 3.076.740 илјади денари. Истовремено, ќе биде предложена и Одлука за определување на износот на дивидендата за 2025 година, според која за една обична акција би се исплатил бруто-износ од 1.350 денари.

Предложената дивиденда за 2025 година е за 8% повисока во однос на исплатената дивиденда за 2024 година, што претставува јасен сигнал за стабилната финансиска позиција на Банката, успешното работење и континуираната ориентација кон создавање вредност за акционерите.

Од Комерцијална банка истакнуваат дека ваквата распределба на добивката е во согласност со долгорочната стратегија на Банката, регулаторните барања и потребата за одржување на силна капитална основа, со цел поддршка на понатамошниот раст, развој и сигурност на работењето.

Конечната одлука за исплата на дивидендата ќе биде донесена од страна на Собранието на акционери.

Банки

Стопанска банка АД – Скопје: Неработен ден по повод државниот празник Ден на трудот

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје ги информира своите почитувани клиенти дека дека по повод престојниот државен празник Ден на трудот, филијалите на Банката нема да работат на 01.05.2026 (петок).

За време на празникот, на располагање ќе бидат сите i-bank дигитални услуги достапни 24/7 на телефон, компјутер, мобилен и банкомат, вклучувајќи ги мобилното и електронското банкарство (m-banking и e-banking), банкоматите на Стопанска банка, како и широката партнерска мрежа на трговци кои прифаќаат картички издадени од Банката.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерот Величковски: Модерна монетарна рамка, адекватни девизни резерви и поевтини и побрзи плаќања како приоритети на Народната банка

Објавено

на

„Народната банка продолжува со унапредување на оперативната поставеност на монетарната политика, заради поефикасен пренос на монетарните сигнали кон финансиските пазари и реалната економија. Нашето внимание и понатаму ќе биде насочено кон унапредувањето на оперативната рамка во согласност со најдобрите практики на развиените централни банки“, ова го истакна вицегувернерот Игор Величковски на гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“.

Тој нагласи дека со измените воведени во монетарната рамка за пократка рочност на благајничките записи и симетричен распон на каматните стапки, е поставена основата за побрз и поцелосен пренос на монетарните сигнали и поефикасно управување со ликвидноста, дури и во услови на светска неизвесност.

Во однос на девизните резерви, Величковски нагласи дека со нив и натаму се управува исклучиво врз принципите на сигурност, ликвидност и диверзификација. „Во актуелното светско окружување, најважно е внимателно да се балансира меѓу приносот и ризикот, но со јасен приоритет – ликвидноста и зачувувањето на довербата во домашната валута“, изјави тој, нагласувајќи дека стабилноста е во фокусот на политиките на централната банка.

Вицегувернерот се осврна и на платниот систем, најавувајќи значаен исчекор преку воведувањето систем за инстант плаќања и натамошна дигитализација.

„Работиме на систем со кој ќе се овозможат плаќања во реално време, 24 часа секој ден во годината, што ќе донесе нов квалитет кај платежните услуги за граѓаните и за компаниите“, рече Величковски, додавајќи дека интеграцијата со СЕПА веќе дава резултати, што се гледа преку повеќекратното намалување на трошоците за плаќања во евра, како значително олеснување на трансакциите, зголемувајќи ја и конкурентноста на економијата.

Во тој контекст, Величковски посочи дека според последните расположливи податоци за март 2026 година, 55% од вкупниот број одливни прекугранични плаќања во евра и 66% од приливните прекугранични плаќања во евра се извршени преку СЕПА, што укажува на брза и успешна интеграција со СЕПА. Од секторски аспект, граѓаните умерено предничат во однос на компаниите, извршувајќи околу 70% од плаќањата во евра преку СЕПА, што ги потврдува придобивките од зачленувањето во СЕПА.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерката Митреска: Народната банка со сеопфатни пакет-мерки за стабилизирање на инфлацијата

Објавено

на

„Народната банка спроведува сеопфатен и комплементарен сет на мерки насочени кон одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс“, истакна вицегувернерката Ана Митреска на гостувањето во поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“.

Таа нагласи дека монетарната политика и натаму се води претпазливо, при што главните инструменти ќе придонесат за постепено стабилизирање на инфлацијата.

„Монетарната политика и натаму е во зоната на претпазливост. Каматната стапка е на непроменето ниво, а истовремено се применуваат и дополнителни мерки – заострување на задолжителната резерва, повлекување ликвидност од банкарскиот систем, зголемени капитални барања за банките и построги кредитни стандарди. Овој пристап овозможува координирано делување врз инфлациските притисоци и кредитната активност“, посочи Митреска.

Во однос на инфлацијата, таа истакна дека централната банка внимателно ги следи движењата на цените и очекувањата на пазарите.

„Согласно тековните пазарни очекувања, по растот на цените на енергентите и храната во првата половина од годината, се очекува нивно постепено стабилизирање во втората половина, што би придонесло за намалувањето на притисоците врз цените“, нагласи Митреска.

Таа додаде дека Народната банка е подготвена за дополнителни интервенции доколку се зголемат ризиците.

„Доколку се појават знаци на подолготрајни инфлациски притисоци, Народната банка е подготвена да реагира со дополнително затегнување на монетарната политика, користејќи ги каматните стапки и другите расположливи инструменти“, истакна Митреска.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange