Останато
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ДАНСКАТА НАЦИОНАЛНА БАНКА: Економијата на Гренланд се наоѓа под зголемен фискален притисок
Економијата на Гренланд се соочува со забавување на економскиот раст и значително влошување на јавните финансии, предупредува Данската национална банка во најновата анализа на економските трендови во овој автономен регион во рамките на Кралството Данска.
Според извештајот, економскиот раст останува скромен и недоволен за да ги апсорбира тековните фискални предизвици. Истовремено, јавните финансии се наоѓаат под зголемен притисок, делумно поради завршувањето на големите инвестиции во аеродромската инфраструктура, како и поради одложувањето на планираните капитални проекти во енергетскиот и други клучни сектори, кои сè уште не се реализирани.
Централната банка на Данска посочува дека состојбата на јавните финансии на Гренланд значително се влошила во текот на 2025 година. Особено загрижувачки е падот на ликвидноста на државната каса, која достигнала критично ниско ниво во втората половина од годината, што ја ограничува фискалната флексибилност на локалните власти.
Поради ваквиот развој на настаните, Данската национална банка оценува дека ќе биде неопходна примена на мерките за фискална консолидација и штедење предвидени во данскиот буџет за 2026 година, со цел стабилизирање на јавните финансии и обезбедување долгорочна одржливост.
Дополнителен структурен ризик претставуваат и демографските трендови. Банката предупредува дека фискалните притисоци ќе продолжат и во наредните години, имајќи предвид дека населението на Гренланд – кое моментално брои помалку од 57.000 жители – старее и се намалува, што директно влијае врз бројот на лица во работоспособна возраст и врз потенцијалот за економски раст.
Според проекциите на Данската национална банка, населението на Гренланд би можело да се намали за околу 20 проценти до 2050 година, што дополнително ќе ја усложни фискалната позиција и ќе ја зголеми зависноста од трансфери и поддршка од Данска.
Овие фактори, наведува банката, ја нагласуваат потребата од структурни реформи, диверзификација на економијата и внимателно планирање на јавните инвестиции, со цел Гренланд да обезбеди поголема економска отпорност на среден и долг рок.
Останато
Делегација на ФОД учествуваше на годишното собрание и конференција на Европскиот форум на осигурители на депозити
Делегација на Фондот за осигурување на депозити учествуваше на Годишното собрание и Меѓународната конференција на Европскиот форум на осигурители на депозити (EFDI), што се одржа во Букурешт од 9 до 13 јуни 2026 година.
Настанот беше организиран од Романскиот фонд за гаранција на банкарски депозити (FGDB), а ФОД го претставуваа Ирена Митровска, помошник раководител на секторот за обесштетување на депозити, меѓународна соработка, промотивни активности, односи со јавноста и ИКТ, и Антигона Сефери, помошник раководител на секторот за правни работи, општи административни работи и управување со квалитет.
На конференцијата се разговараше за најновите случувања и реформи поврзани со новата рамка за управување со кризи и осигурување на депозити (CMDI), како и за предизвиците што ги носат финансиските иновации и развојот на FinTech-секторот. Дел од дискусиите беа посветени и на прекуграничното управување со ризици во банкарскиот сектор.
Од ФОД посочуваат дека учеството на конференцијата ја потврдува нивната посветеност на понатамошно зајакнување на системот за осигурување на депозити, унапредување на структурните реформи и регулаторната рамка, како и на размена на искуства со европските институции.
Останато
Од јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
Компаниите од приватниот сектор од 1 јули можат да започнат со исплата на регресот за годишен одмор, познат како К-15. Минималниот износ што треба да им биде исплатен на работниците годинава изнесува околу 19.116 денари.
Износот се утврдува според просечната нето-плата за претходните три месеци. За пресметката се земени платите за февруари, март и април 2026 година, кои изнесуваат 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просекот од овие три месеци е околу 47.790 денари, а според колективниот договор, минималниот регрес за годишен одмор изнесува 40 проценти од таа основица.
Право на К-15 имаат вработените во приватниот сектор кои во текот на календарската година имаат најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај истиот работодавач.
Работодавачите имаат можност да исплатат и повисок износ од минималниот, доколку тоа е предвидено со колективен договор, правилник или одлука на самата компанија.
Останато
УЈП: До 30 јуни истекува рокот за првите пријави за минималниот глобален данок
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсети засегнатите даночни обврзници дека на 30 јуни 2026 година истекува рокот за поднесување на првите даночни пријави за 2024 година согласно Законот за минимален глобален данок на добивка и соодветниот правилник за пресметување и наплата на дополнителниот данок на добивка.
Законот предвидува минимално ефективно оданочување на добивката на мултинационални компании и големи домашни групи со минимална даночна стапка од 15 проценти. Обврската се однесува на субјекти со седиште во државата кои се дел од мултинационални или големи домашни групи со консолидиран годишен приход од најмалку 750 милиони евра во најмалку две фискални години во периодот од 2020 до 2023 година.
Според законските решенија, минималното ефективно оданочување се спроведува преку три механизми: квалификуван домашен дополнителен данок, правило за вклучување на добивката и правило за помалку оданочена добивка.
Од УЈП информираат дека најдоцна до 30 јуни засегнатите обврзници треба електронски да достават известување за субјектот назначен за поднесување на Пријавата за информации за дополнителен данок, како и Пријава за квалификуван домашен дополнителен данок (КДДД/П).
Дополнително, до истиот рок треба да се поднесе и Пријавата за информации за дополнителен данок преку системот е-Даночни услуги, во делот „Извештај за глобален данок“.
Пријавата за квалификуван домашен дополнителен данок се поднесува до 30 јуни, додека Пријавата за дополнителен данок (ДДД/П) треба да биде доставена најдоцна до 30 јули 2026 година.
УЈП нагласува дека даночните пријави мора да бидат поднесени и во случаите кога пресметаниот данок за плаќање изнесува нула.
Рокот за плаќање на квалификуваниот домашен дополнителен данок е 30 јули 2026 година, а дополнителниот данок на добивка треба да се плати најдоцна до 30 август 2026 година.
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Бизниспред 2 месеци„МЕПСО“ ја обжали одлуката во спорот со „Енергоинвест“, уверени се во победа на арбитражa
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Останатопред 2 месеци
УЈП испрати над 860.000 даночни пријави, граѓаните имаат рок до 31 мај за потврда
