Останато
Бугарија од денес официјално го прифаќа еврото
Од 1 јануари 2026 година, Бугарија официјално го воведе еврото (€) како своја валута и стана 21-ва земја членка на еврозоната. Овој историски чекор значи дека Бугарија ја заменува својата досегашна национална валута, бугарскиот лев – со единствената европска валута, што е кулминација на долгогодишните напори за интеграција во Европската Унија и зајакнување на економската стабилност.
Во текот на јануари 2026 година, левот ќе продолжи да се прифаќа за плаќања заедно со еврото, но од 1 февруари 2026 евро ќе стане единствено законско средство за плаќање во земјата. Граѓаните ќе можат да ги разменуваат своите левови за евра без надоместок до 30 јуни 2026 година, по фиксниот курс од 1,95583 лева за 1 евро, што е утврден при пристапувањето на еврозоната.
Во рамки на мерките за заштита на потрошувачите, Бугарија влегува и во преоден период до 8 август 2026 година, во кој цените на производите и услугите ќе мора задолжително да бидат истакнати и во левови и во евра. Целта е да се спречат неоправдани поскапувања и да се овозможи полесна адаптација на граѓаните кон новата валута.
Иако приклучувањето кон еврозоната се смета за значаен економски и политички чекор, јавноста во Бугарија е јасно поделена. Дел од граѓаните го поздравуваат воведувањето на еврото како гаранција за поголема финансиска стабилност, пониски трансакциски трошоци и подлабока интеграција во ЕУ, додека други стравуваат од раст на цените, намалување на куповната моќ и губење на националниот валутен идентитет.
Од Европската комисија нагласуваат дека Бугарија ги исполнила сите неопходни критериуми за членство во еврозоната и дека искуствата од другите земји покажуваат дека ефектите врз инфлацијата се ограничени и краткорочни, доколку институциите вршат соодветен надзор.
Со воведувањето на еврото, Бугарија добива и поголемо влијание во европските финансиски институции, вклучително и учество во одлучувањето во рамки на Европската централна банка, што се смета за дополнителен стратешки бенефит.
Останато
Претставник од УЈП учествуваше на ЦЕФ Форумот 2026 во Скопје
Претставник од Управата за јавни приходи учествуваше на ЦЕФ Форумот 2026, кој од 22 до 24 јуни се одржа во Скопје, во организација на Центарот за извонредност на финансиите и Министерството за финансии на Република Словенија.

На форумот се дискутираше за јакнење на институционалната отпорност, дигиталната трансформација, развојот на човечките ресурси и лидерството во јавниот сектор.
Посебен акцент беше ставен на градењето институции подготвени за промени, развојот на современи лидерски и дигитални компетенции, унапредувањето на управувањето со човечките ресурси, како и поттикнувањето култура на учење, соработка и иновации.

Од Управата за јавни приходи посочуваат дека преку учество на вакви меѓународни настани продолжуваат активно да ги следат современите практики и да придонесуваат кон унапредување на институционалните капацитети и јавната администрација.
Останато
Државата на 7 јули ќе понуди државни записи од 29,2 милиони евра
Министерството за финансии на Северна Македонија на 7 јули ќе понуди едногодишни државни записи во вкупна вредност од 1,8 милијарди денари, односно околу 29,2 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка.
Државните записи ќе доспеат на 7 јули 2027 година, а каматната стапка изнесува 4,1 отсто, се наведува во известувањето за аукцијата.
Народната банка ќе ги продава државните хартии од вредност во име на Министерството за финансии, преку тендер со износи, при што цената и купонот се однапред утврдени, а примарните дилери конкурираат само со износи.
Според наведениот курс, едно евро изнесува 61,64 денари.
Останато
За вториот пензиски столб во Буџетот се предвидени 19,6 милијарди денари
За вториот пензиски столб во Буџетот за 2026 година се предвидени 19,6 милијарди денари, информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласувајќи дека официјална одлука за пензиски реформи засега нема.
Таа посочи дека Владата не разговарала официјално за конкретни измени, но дека состојбите во пензискиот систем се анализираат. ММФ и Светска банка, како што рече, ќе изработат анализа за пензискиот фонд и ќе достават препораки, но тоа не значи дека тие автоматски ќе бидат прифатени од Владата.
„За 2026 година целиот износ што треба да се трансферира во вториот столб, од 19,6 милијарди денари, е планиран и предвиден во Буџетот“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Министерката рече дека една од можните препораки би можела да биде зголемување на старосната граница за пензионирање, но нагласи дека Владата допрва ќе одлучува по добивањето на анализите. Според неа, еден од најголемите предизвици за пензискиот систем на долг рок ќе биде демографијата.
Димитриеска-Кочоска лично смета дека старосната граница за пензионирање не треба задолжително да се зголемува, туку треба да се остави можност за избор.
„Треба да останат годините и да се даде можност кој сака да продолжи. Секој треба сам да одлучи што ќе прави понатаму“, истакна министерката.
-
Бизниспред 2 месециОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Бизниспред 2 месеци„МЕПСО“ ја обжали одлуката во спорот со „Енергоинвест“, уверени се во победа на арбитражa
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Банкипред 1 месецНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
