Банки
Славески на средби со ММФ: Мерките на Народната банка придонесува за постепено намалување на инфлацијата и задржување на финансиската стабилност
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ. На средбите присуствуваше и министерската за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Гувернерот Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик, заменик-директорите Марникс ван Рај и Владислав Рашкован и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.
На средбите, високите претставници на ММФ го поздравија приклучувањето и реализацијата на првите трансакции во СЕПА, како и потпишувањето на Писмото на намери со Банката на Италија за развивање на клон на ТИПС системот на ЕЦБ за земјите од Западен Балкан за натамошна модернизација и овозможување инстант плаќања во домашните, меѓусебните прекугранични плаќања и плаќањата со другите земји во СЕПА.
На средбите се разговараше за најновите макроекономски случувања во земјата, како и за очекувањата за идните движења. Гувернерот Славески истакна дека Народната банка е цврсто посветена на одржувањето на ценовната стабилност, за што се осврна на мерките преземени од страна на централната банка во насока на остварувањето на оваа цел. Дополнително, гувернерот ги образложи новите макропрудентни мерки донесени од страна на Народната банка насочени кон понатамошно одржување на финансиската стабилност.
Претставниците на ММФ посочија дека прудентната монетарна политика што ја спроведува Народната банка придонесува за ефективно управување со ризиците и постепено намалување на инфлацијата, при што создава услови за стабилен економски раст, што се потврдува и со најновите проекции на ММФ за македонската економија, со очекуван растот годинава од 3,4%, а за следните години одржување на нивото околу 3%. Истовремено, инфлацијата се очекува во континуитет да продолжи да забавува и да се сведе на историското ниво од околу 2% на среден рок.
Во разговорите беше потврдена и континуираната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ. Во изминатиот период, преку техничките мисии на ММФ беа реализирани повеќе активности за модернизација на монетарните операции, подобрување на проекциите за ликвидноста на банкарскиот систем и зајакнување на супервизорските капацитети на Народната банка. Со тоа се зголеми ефикасноста и предвидливоста во спроведувањето на монетарната политика, како и отпорноста на банкарскиот систем на потенцијални ризици. Соработката со ММФ ќе продолжи и во наредниот период, со цел понатамошно усогласување со меѓународните стандарди и унапредување на аналитичките и оперативните капацитети на Народната банка.
Банки
Стопанска банка финансиски ќе поддржи нови 16 инклузивни проекти како дел од седмото издание на „Сонуваме.Менуваме“
Нови 16 здруженија и асоцијации на лица со попреченост ќе добијат грантови од Стопанска банка АД – Скопје за реализација на проекти кои ја поттикнуваат инклузијата и ги подобруваат условите за нив во заедницата. Стопанска банка ги објави добитниците на грантовите во вкупна вредност од 30.000 евра, како дел од годинешното издание на општествениот проект на Банката, „Сонуваме.Менуваме“ vol.7 кој од 2016 година ја подигнува јавната свест за поголема инклузија на лицата со попреченост и помага во градењето на подобро општество за сите.
Оваа година на јавниот повик на Стопанска банка се пријавија 28 здруженија и асоцијации од земјава кои аплицираа со конкретни проекти. Посебно формирана комисија во Банката ги оценуваше пристигнатите проекти, при што се вреднуваше бројот на лица што ги опфаќа проектот, дали овозможуваат континуирана работа со лицата со попреченост преку нови едукативни, инклузивни или физиотерапевтски методи или пак овозможува нивна поголема слобода при движењето и извршувањето на секојдневните активности. Комисијата селектираше 16 проекти кои ќе добијат финансиска поддршка од Банката за нивна реализација.

„Им благодариме на сите здруженија и асоцијации кои испратија барања и одговорија на повикот. Нѐ радува фактот што со годинешниот буџет достигнуваме 150.000 евра донирани во проекти кои значително го подобруваат секојдневието на лицата со попреченост“ – истакнуваат од Стопанска банка.
Преку платформата „Сонуваме.Менуваме“, во оваа и претходните години, Стопанска банка финансиски има поддржано реализација на околу 80 инклузивни проекти. „Сонуваме.Менуваме“ продолжува да биде платформа преку која Банката промовира инклузија на лицата со попреченост во општеството преку кампања, инклузивни музичко театарски претстави и донации.
Музичко-театарските претстави за деца кои се значаен и видлив дел од оваа општествено-одговорна кампања, покрај во Скопје, се прикажуваат годинава во Велес и во Битола, ширејќи ја на интересен и приемчив начин пораката за значењето на инклузијата.
Банки
Во чест на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Халкбанк со хумана донација: Електрични колички за поголема независност на лицата со попреченост
Во чест на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Халкбанк АД Скопје реализираше значајна општествено одговорна активност, донирајќи електрични инвалидски колички на SOS Vita, здружение кое активно обезбедува поддршка, грижа и подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост.
Со оваа донација, Халкбанк испраќа јасна порака за важноста на инклузијата и еднаквите можности, овозможувајќи им на корисниците поголема самостојност, мобилност и полесно секојдневно функционирање.

Оваа иницијатива претставува дел од континуираните активности на Банката во насока на поддршка на ранливите категории и унапредување на општествената благосостојба.
Халкбанк продолжува да инвестира во заедницата и да создава позитивни промени преку конкретни и долгорочни проекти.
Банки
4 Декември е меѓународен ден на банките: Признание за довербата, стабилноста и развојот
Меѓународниот ден на банките се одбележува секој 4 декември, ден прогласен од Обединетите нации во 2019 година со цел да се препознае клучната улога на банките во економскиот развој, финансиската стабилност и општествениот напредок. Овој ден служи како потсетник за значењето на безбедните, транспарентни и достапни финансиски услуги кои претставуваат темел без кој модерните економии не можат да функционираат.
Како се одбележува во Европа и светот?
Во Европа, одбележувањето на Меѓународниот ден на банките најчесто е фокусирано на финансиска едукација, дигитална трансформација и заштита на потрошувачите. Банкарските здруженија и централните банки организираат панели, конференции и јавни дебати за улогата на банкарскиот сектор во развојот на економијата, како и за новите трендови – инстант плаќањата, дигиталните иновации и сајбер-безбедноста.
Во некои земји се организираат и отворени денови во банките, каде граѓаните имаат можност поблиску да се запознаат со банкарските услуги, да добијат совети за лично финансиско планирање и да се информираат за програмите за поддршка на претприемачите.
На глобално ниво, Обединетите нации и меѓународните финансиски институции ја нагласуваат важноста на финансиската инклузија, со посебен акцент на поддршка на малите бизниси, одржливи проекти и зајакнување на пристапот до финансии во земјите во развој.
Што претставува денот?
Денот е признание за:
Улогата на банките во стабилноста на финансискиот систем;
Поддршката што ја даваат на компаниите, семејствата и инвеститорите;
Инвестициите во дигитализација и иновативни решенија;
Одговорноста што ја имаат кон потрошувачите и заштитата на нивните права.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на банките е можност да се потсетиме дека современата економија се потпира на силен, стабилен и инклузивен банкарски сектор кој создава вредност за целото општество.
-
Осигурувањепред 2 месециДигитализацијата во осигурувањето: SignPlus како пример за модерно и безбедно е-потпишување
-
Продуктипред 2 месециХалкбанк со Промо депозит по повод месецот на штедење
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит
-
Анализипред 2 месециАНАЛИЗА: Кој е кој во финансискиот сектор во Македонија
-
Продуктипред 1 месецШтедливи и еколошки домови преку Зелениот финансиски инструмент, помош со поврат на 30 отсто од средства за заем за физички лица
-
Банкипред 2 месециДенес е клучниот ден за Стопанска банка Битола – ќе успее ли Алта банка да влезе на македонскиот банкарски пазар?
-
Банкипред 2 месециАлта Банка успешно го заврши преземањето на Стопанска Банка а.д. Битола
-
Фондовипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Моќта на долгорочната инвестиција







