Банки
Славески од Глобалниот форум на АФИ: Финансиската вклученост е предуслов за одржлив раст и стабилност
„Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните“ – порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), којшто се одржува во Намибија.
Во своето воведно обраќање пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), гувернерот нагласи дека финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата. „Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем“, рече Славески.
Тој нагласи дека дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата. „Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации“, истакна гувернерот.
Во обраќањето тој се осврна и на активностите на Народната банка во областа на финансиската вклученост. Посочи дека нашата земја оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите. Покрај тоа, се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани. „Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост“, нагласи Славески, додавајќи дека во подготовка е и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
„Да се биде дел од големото семејство на АФИ за нас претставува и чест и обврска за постојана размена на искуства и знаења. Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на овој процес“, истакна гувернерот, изразувајќи благодарност за поддршката и соработката со АФИ и со институциите од регионот. На Глобалниот форум, заедно со гувернерот, учествуваат и главната економистка Анета Крстевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.
Гувернерот Славески учествуваше и во панел-дискусијата на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд. Во своето излагање, Славески нагласи дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности. „Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 г., иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените“, истакна тој, повикувајќи на проактивни светски политики. Воедно, тој ги претстави активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување наКодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.
Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
Банки
РБИ го надмина минималниот праг во понудата за преземање на Addiko Bank
Raiffeisen Bank International, односно РБИ, соопшти дека заклучно со 20 јули добила изјави за прифаќање на понудата за преземање што се однесуваат на вкупно 10.703.509 акции на Addiko Bank.
Ова претставува 55,50 отсто од сите акции опфатени со понудата, со што моментално е надминат минималниот праг на прифаќање од повеќе од 55 отсто.
Во бројката се вклучени и 1.878.167 акции во сопственост на Alta Group, кои претставуваат 9,63 отсто од вкупниот број издадени акции на Addiko Bank.
Акционерите што ја прифатиле понудата пред подобрувањето на конкурентската понуда, објавено на 17 јули, имаат право да се повлечат до 23 јули во 17 часот. Сепак, до 20 јули во 9:30 часот не била примена ниту една изјава за повлекување.
Рокот за прифаќање на доброволната јавна понуда на РБИ завршува на 29 јули 2026 година во 17 часот.
Банки
Халкбанк ја стартува иницијативата „Cashless Bitola“ за дигитализација на локалните бизниси
Халкбанк АД Скопје ја започнува иницијативата „Cashless Bitola“, наменета за поддршка на дигитализацијата на микро, малите и средните компании во Битола.
Преку оваа понуда, локалните трговци ќе можат да прифаќаат плаќања со картички преку услугата Mobi POS, со која мобилниот телефон се претвора во ПОС-терминал, без потреба од дополнителен уред и сложени процедури.
Компаниите што ќе се пријават нема да плаќаат месечен надомест ниту провизија по трансакција во првите три месеци од инсталацијата. Дополнително, тие ќе добијат Visa Business Debit Card без годишна членарина во период од 12 месеци.

Понудата е ограничена на најмногу 50 трговци и ќе се реализира по принципот „прв пријавен, прв услужен“. Пријавувањето трае до 31 август 2026 година или до пополнување на слободните места, во филијалата на Халкбанк во Битола.
Банки
ЕЦБ предупредува: Стејблкоините би можеле да ги одлеат депозитите од банките
Европската централна банка предупредува дека растечката употреба на стејблкоините би можела да ги намали депозитите на граѓаните во комерцијалните банки и со тоа да ја загрози нивната способност за кредитирање.
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, на банкарска конференција во Рим изјави дека европските банки постепено ја губат контролата врз платежните услуги, надоместоците и податоците за трансакциите.
Според него, мобилните плаќања веќе сочинуваат повеќе од една десетина од трансакциите на продажните места во Ирска, Холандија и Финска. Кога клиентите користат вакви услуги, банките најчесто плаќаат повисоки надоместоци отколку кај дебитните картички, а често не добиваат ниту податоци за плаќањата.
„Доколку употребата на стејблкоините во иднина се зголеми, банките ќе ги загубат и депозитите на населението“, предупреди Чиполоне.
Стејблкоините се приватно издадени криптотокени чија вредност најчесто е врзана за американскиот долар. Тие им овозможуваат на корисниците да чуваат и пренесуваат средства преку дигитални паричници, надвор од традиционалниот банкарски систем.
Глобалниот пазар на стејблкоини се проценува на околу 300 милијарди долари и речиси целосно е деноминиран во американска валута.
ЕЦБ предупредува дека евентуалното масовно прифаќање на овие дигитални средства би можело да ја намали депозитната база на банките. Депозитите претставуваат еден од главните извори што банките ги користат за одобрување кредити на компаниите и населението, поради што нивното намалување би можело да доведе и до послаба кредитна активност.
Овој ризик е особено значаен за малите и задружните банки, кои работат со пониски профитни маржи и во голема мера зависат од локалните клиенти. Половина од филијалите на италијанските задружни банки, на пример, опслужуваат населени места со помалку од 10.000 жители.
Како одговор на промените во платежниот сектор, ЕЦБ го предлага дигиталното евро – електронска форма на готовина издадена од централната банка, која би се дистрибуирала преку комерцијалните банки.
Според предложениот модел, банките би ги воделе сметките на клиентите, би добивале приходи од надоместоците и би ги задржале релевантните податоци за трансакциите. ЕЦБ веќе избрала 36 даватели на платежни услуги, меѓу кои „Дојче банк“, „УниКредит“ и „Револут“, за пилот-програма што треба да почне во втората половина на 2027 година.
За да се спречи одлевање на депозитите и кон дигиталното евро, на него нема да се пресметува камата, а ќе бидат воведени и ограничувања за износот што едно лице ќе може да го поседува.
Преговорите за законската рамка на дигиталното евро се во тек, а европските институции настојуваат да постигнат договор до крајот на 2026 година. Првото издавање на дигиталното евро се очекува во 2029 година.
-
Банкипред 2 месециХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Кариерапред 2 месециИуте Македонија отвора клучна лидерска позиција: Раководител на партнерски екосистем за следната фаза на дигитален раст



