Connect with us
no baners

Банки

Стопанска банка а.д. Битола оствари добивка од 22,2 милиони денари во првиот квартал од 2025 година

Објавено

на

Стопанска банка а.д. Битола во првиот квартал од 2025 година оствари позитивен финансиски резултат, завршувајќи го периодот со добивка од 22,2 милиони денари, што претставува значајно остварување и огромен пресврт во споредба со загубата од 51,7 милиони денари остварена во истиот период минатата година.

Главниот двигател на оваа позитивна динамика е засилената наплата на нефункционалните кредити, како и ослободените средства од исправка на вредност за нефункционални пласмани. Овие активности резултираа со подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и зајакнување на ликвидносната позиција на Банката.

И покрај ова, нето-приходите од камати бележат пад од 13,4 милиони денари или 12,4% на годишно ниво, што е последица на намалената кредитна активност во изминатите две години. Исто така, нето-приходите од провизии и надоместоци се намалени за 15,3 милиони денари, главно поради пониски приходи и повисоки трошоци за надворешни банкарски услуги.

Нето-приходите од курсни разлики остануваат стабилни, изнесувајќи 4,6 милиони денари, без значајни годишни промени. Од друга страна, останатите приходи од дејноста се пониски за 2,9 милиони денари во однос на претходната година, кога беа реализирани повисоки капитални добивки од продажба на преземен имот.

Особено значајна е позитивната исправка на вредност на финансиските средства, која во првиот квартал од 2025 година изнесува 6,5 милиони денари, наспроти негативната исправка од 94,4 милиони денари во истиот период лани. Загубите од оштетување на нефинансиски средства достигнаа 8,0 милиони денари, одразувајќи ги издвоените трошоци за преземениот имот во согласност со регулативата на НБРСМ.

На расходната страна, трошоците за вработените се намалени за 6,8 милиони денари или 14,1%, благодарение на намален број вработени и зголемена продуктивност. Активностите за рационализација на работењето придонесоа и за намалување на останатите оперативни трошоци за 4,5 милиони денари или 9,6%. Трошоците за амортизација останаа релативно стабилни.

Во контекст на тековната трансформација, Банката продолжува да работи согласно стратешките приоритети дефинирани во Деловната политика и финансискиот план за 2025–2027 година, со акцент на подобрување на квалитетот на активите, зајакнување на ликвидноста и подобрување на оперативната ефикасност.

Промени во сметководствените политики и методи на вреднување

Со 1.1.2025 година, применета е Одлуката за изменување на Одлуката за методологијата за евидентирање и вреднување на сметководствените ставки и за подготовка на финансиските извештаи со која е опфатен стандардот МСФИ 16, кој се однесува на договорите за наеми давајќи осврт на наемите од аспект на наемодавателот и на наемателот. Со примена на овој стандард се направени признавања на наемите во билансот на состојба како средство и обврска, и соодветно признавање во билансот на успех за амортизирана набавна вредност и трошоците за камата на наемот.

Дивиденди

Предлог-одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2024 година на Стопанска банка а.д. Битола ќе биде предмет на одлучување и усвојување на редовната годишна седница на Собранието на акционери.

Очекувања за претстојниот период

Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде насочена кон прудентно, стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал и кредитната активност, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и контрола на трошоците, понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити и продажба на преземен имот. Воедно Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за профитабилно работење во согласност со планираните цели.

Банки

Потпретседателот на ЕЦБ Борис Вујчиќ: Подлабоката монетарна интеграција може значително да ја намали финансиската ранливост на регионот

Објавено

на

Подлабоката монетарна интеграција може да одигра значајна улога во намалувањето на финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан, особено имајќи ја предвид широко распространетата употреба на еврото во повеќе економии од регионот. Усвојувањето на заедничката валута го намалува ризикот од неусогласеност меѓу приходите во домашна валута и задолжувањето во странска валута, со што се олеснува управувањето со финансиските обврски на домаќинствата, компаниите и државите и се намалува можноста од поширока финансиска нестабилност како резултат на валутните движења. Ова го истакнува потпретседателот на Европската централна банка и поранешен гувернер на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ, во интервјуто дадено за публикацијата на Народната банка под наслов „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“ (80 Years of Central Banking: Global Perspectives, Regional Cooperation and Future Challenges).

Според Вујчиќ, монетарната интеграција придонесува и за зајакнување на довербата кај инвеститорите, намалување на трошоците за финансирање и зголемување на отпорноста на економиите на надворешни шокови. Тој нагласува дека со интеграцијата се продлабочуваат економските врски меѓу земјите преку трговијата, финансиите и заедничките институции, но посочува и дека таа не може да биде замена за стабилни економски политики, одржливи јавни финансии и ефикасни институции.

Осврнувајќи се на искуството на Хрватска со воведувањето на еврото, Вујчиќ оценува дека навременото усогласување со Европската централна банка било од огромна важност за успешниот и непречен премин кон еврозоната. Тој наведува дека со помош на усогласувањето во сферата на монетарната политика и банкарската супервизија, транзицијата се одвивала без нарушувања во финансискиот систем, а придобивките за граѓаните и за компаниите се видливи преку пониските трошоци за задолжување, намалените трансакциски трошоци и елиминирањето на валутниот ризик.

Во интервјуто, Вујчиќ посебно се осврнува и на соработката со Народната банка, оценувајќи ја како силна, конструктивна и заснована на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на јакнењето на централнобанкарските капацитети и финансиската стабилност. Тој потсетува на успешно остварените заеднички проекти, вклучително и два твининг-проекта и три фази од програмата за јакнење на капацитетите на централните банки на Западен Балкан.

„Она што најмногу се издвојува во оваа соработка е професионализмот, посветеноста и експертизата на персоналот на Народната банка. Нивниот силен ангажман, подготвеноста за соработка и постојаната посветеност на квалитетот беа основните фактори за успехот на нашата заедничка работа“, истакнува Вујчиќ, додавајќи дека со нетрпение очекува продолжување на одличната соработка и во иднина.

Интервјуто со Борис Вујчиќ е дел од публикацијата „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, подготвена во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години централно банкарство во земјава. Публикацијата е дел од комуникациски проект што опфаќа серијал тематски интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации. Преку овие интервјуа се овозможува потемелно разгледување на главните прашања од областа на централното банкарство и се создава релевантна експертска содржина со долгорочна институционална вредност.

Целото интервју е достапно на следнава врска: https://www.nbrm.mk/80-godini-centralno-bankarstvo.nspx

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје објави повик за пријавување на летна пракса, нудејќи им можност на студентите и младите лица да стекнат практично работно искуство и подобро да се запознаат со банкарскиот сектор.

Од банката информираат дека програмата е наменета за развој на нови вештини и стекнување знаења преку директно вклучување во работните процеси.

„Стекни практично искуство, развиј нови вештини и запознај го банкарството одблиску“, порачуваат од Халкбанк, повикувајќи ги заинтересираните кандидати да аплицираат преку објавениот линк.

Летната пракса претставува можност за младите да го направат првиот чекор кон својата професионална кариера и да стекнат увид во функционирањето на една од водечките банки во земјата.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка со нови поволности за бизнис-корисниците преку Visa Business картичките

Објавено

на

Комерцијална банка објави нов пакет поволности за компаниите кои користат Visa Business картички, овозможувајќи им пристап до дигитални алатки и услуги по пониски цени.

Преку програмата, деловните корисници ќе можат да добијат попуст од 8 отсто за услугите на Google Cloud, кои вклучуваат алатки за пресметување, складирање податоци, машинско учење и аналитика.

Дополнително, достапен е и попуст од 8 отсто за Google Workspace, пакет што ги опфаќа Gmail, Docs, Drive, Calendar и Meet, со цел да се подобри ефикасноста на деловната комуникација и соработка.

За корисниците на Microsoft 365 е обезбеден попуст од 5 отсто, што покрај Word, Excel и PowerPoint ги вклучува и услугите Teams, OneDrive и SharePoint.

Во рамки на понудата се предвидени и поволности за користење на Amazon Web Services (AWS), насочени кон оптимизирање на трошоците и забрзување на деловните иновации.

Од Комерцијална банка велат дека современиот бизнис бара брзи и паметни решенија, а новите поволности преку Visa Business картичките се наменети за зголемување на продуктивноста и поефикасно управување со деловните процеси.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange