Connect with us
no baners

Банки

Вицегувернерката Нацевска на состанок на вицегувернерите од Западен Балкан за пристапниот процес кон СЕПА

Објавено

на

Вицегувернерката Емилија Нацевска зеде учество на состанокот на вицегувернерите од Западен Балкан, посветен на пристапниот процес кон Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА), којшто се одржа во Будимпешта на покана на Народната банка на Унгарија. Високите претставници на централните банки од регионот имаа можност да се запознаат со унгарското искуство во процесот на пристапување кон СЕПА, како и со унгарската финансиска инфраструктура како можен модел за интегрирање во СЕПА. На средбата беше нагласена важноста од навремена подготовка од оперативен и технички аспект на давателите на платежни услуги од земјите од Западен Балкан за брзо приклучување во платежните шеми (платните системи) во СЕПА. Во тој контекст, беше истакната подготвеноста на Народната банка на Унгарија, во рамките на сегашното претседателство на Унгарија со Советот на Европската Унија, да помогне во соработката со Европската централна банка за да им се обезбеди поедноставен пристап на давателите на платежни услуги од земјите од Западен Балкан до европската платежна инфраструктура.

Вицегувернерите на централните банки од регионот истакнаа дека посветено работат на усогласувањето на правната рамка со европското законодавство и изразија очекување за успешно завршување на формалниот процес за пристапување во СЕПА. Притоа, три централни банки од регионот, вклучувајќи ја и нашата, официјално доставија барања за членство во СЕПА до Европскиот совет за плаќања, додека останатите земји се во процес на подготовка на барањата. Во очекување на позитивна оцена за поднесените барања за членство во СЕПА, вицегувернерите ја нагласија потребата од продолжување на добрата соработка помеѓу централните банки од регионот, како и со институциите на Европската Унија, заради ефикасна подготовка на давателите на платежни услуги во наредниот период за исполнување на барањата за оперативно приклучување во СЕПА, откако ќе заврши формалниот процес на оцена на барањата.

Членството во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија. Давателите на платежни услуги со приклучувањето кон платните системи во СЕПА ќе можат да понудат поевтино и побрзо извршување на плаќањата во евра, што ќе овозможи поголема финансиска интеграција меѓу земјите од регионот, како и со останатите земји од СЕПА. Воедно, со членството во СЕПА би се намалила сивата економија за 2 процентни поена во регионот на Западен Балкан, според процените на Светската банка. 

Покрај вицегувернерката Нацевска, во македонската делегација учествуваше и Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи. На состанокот присуствуваа и вицегувернерите со своите тимови од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

Банки

ММФ ја подобри прогнозата за раст на британската економија, но предупреди на инфлациски ризици

Објавено

на

Меѓународниот монетарен фонд ја зголеми прогнозата за раст на британската економија за оваа година, но истовремено предупреди дека војната во Иран и растот на цените на енергенсите создаваат дополнителен притисок врз монетарната политика на Банката на Англија.

Според најновата проценка, ММФ очекува британската економија во 2026 година да порасне за еден процент, додека претходната прогноза изнесуваше 0,8 проценти. Од Фондот наведуваат дека економијата на Обединетото Кралство покажала отпорност во последните години, иако конфликтот на Блискиот Исток негативно влијае врз краткорочните изгледи.

Поради обновените инфлациски притисоци, финансиските пазари сѐ повеќе очекуваат Банката на Англија да ги задржи каматните стапки на сегашното ниво, а дел од инвеститорите не ја исклучуваат ниту можноста за ново зголемување на каматите.

ММФ смета дека монетарната политика треба да остане рестриктивна за да се спречи повисоките цени на енергијата да се прелеат врз основната инфлација и растот на платите.

Според проценките на Фондот, задржувањето на клучната каматна стапка на сегашните 3,75 проценти до крајот на годината би било доволно за ограничување на секундарните инфлациски ефекти и за стабилизирање на долгорочните инфлациски очекувања.

Сепак, ММФ предупредува дека централната банка мора да остане флексибилна и подготвена да реагира во двата правци, зависно од економските движења. Доколку економијата ослабне повеќе од очекуваното, можно е и намалување на каматните стапки.

Фондот проценува дека повисоките цени на енергенсите привремено ќе ја зголемат инфлацијата и ќе го одложат враќањето кон целта од два проценти за околу една година, односно до крајот на 2027 година.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк АД Скопје со понуда за онлајн штедење и фиксни камати

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје промовира понуда за онлајн депозити, со можност за брзо и едноставно отворање преку електронско банкарство и фиксни каматни стапки за штедење во денари и евра.

Од банката информираат дека корисниците можат целосно онлајн да отворат депозит, без посета на филијала, преку услугите за електронско банкарство.

Понудата опфаќа неколку рокови на орочување и каматни стапки:

  • 3,20 проценти во денари и 2,40 проценти во евра за депозит на 13 месеци
  • 3,40 проценти во денари и 2,60 проценти во евра за депозит на 25 месеци
  • 3,50 проценти во денари и 2,70 проценти во евра за депозит на 36 месеци

Од Халкбанк велат дека услугата е наменета за клиенти кои сакаат едноставно и дигитално управување со своите заштеди.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка го организира десеттото издание на „Вози право, вози здраво“ на 6 јуни во Скопје

Објавено

на

„Вози право, вози здраво“ по десетти пат – настанот ќе се одржи на 6 јуни во Скопје

Традиционалната велосипедска манифестација „Вози право, вози здраво“ годинава ќе го има своето десетто издание, а организаторите најавуваат дружење, рекреација и можност за освојување вредни награди.

Настанот ќе се одржи на 6 јуни 2026 година со почеток во 17 часот, пред Порта Македонија.

Заинтересираните учесници можат да се регистрираат преку платформата на Стопанска банка АД Скопје, каде е објавен и формуларот за пријавување: Регистрација за „Вози право, вози здраво“

Од банката информираат дека и оваа година ќе донираат за развој на урбаниот велосипедизам, а најавена е изградба на детски велопарк во населбата Карпош 4 во Скопје.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange