Банки
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА СО РЕКОРДНА ДОБИВКА ОД БЛИЗУ 72 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ
Во периодот од 01.01-30.09.2024 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 4.422,6 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 3.047,7 милиони денари што претставува зголемување за 45,1%. Планираната бруто-добивка заклучно со третиот квартал од 2024 година е остварена со 139,3%.
Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 36,4% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред
исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето приходи од камата, а во помал обем и поради зголемените нето приходи од провизии и надомести и нето приходи од тргување. Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со истиот период минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот, како и поради зголемениот износ на наплатени претходно отпишани побарувања.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 6.626,4 милиони денари и бележат зголемување од 29,5 % во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2024 година истите бележат зголемување од 16,2% во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е исполнет со 113,4 %.
Приходите по основ на камата се зголемени вкупно за 20,0% како резултат на зголемени пласмани кај клиентите од сите сектори, при што единствено кај нерезидентите отпочна трендот на намалување на каматните стапки споредено со истиот период минатата година заради намалувањето на трите основни каматни стапки од страна на ЕЦБ. Кај останатите сектори сеуште се одржуваат повисоките каматни стапки споредено со истиот период минатата година, во услови на отпочнато релаксирање на монетарната политика од страна на НБРСМ.
Расходите по основ на камaта се зголемени за 58,7% поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. Нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 3,56% заклучно со крајот на третиот квартал од минатата година, на 3,87% со 30.09.2024 година.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2024 година изнесуваат 876,0 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 9,9% во најголем дел како резултат на зголемениот обем на активности, особено во делот на работењето со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 106,2%.
Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2024 година изнесуваат 268,0 милиони денари и бележат мало намалување од 1,2% во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 109,6%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2024 година изнесуваат 987,8 милиони денари и бележат позначително зголемување во однос на истиот период минатата година како резултат на повеќекратното зголемување кај приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот, а во помал обем и поради зголемените наплатени претходно отпишани побарувања. Во рамки на приходите од продажба на преземен имот и опрема најголемо учество имаат приходите од продажба на преземен имот од должниците Еуроникел Индустри ДОО с. Возарци, Кавадарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево евидентирани во месец април 2024 година. Планот е остварен со 176,2%.
Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2024 година изнесуваат 1.722,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 13,3% во најголем дел како резултат на зголемените останати расходи, а во помал обем и поради зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените и зголемената амортизација. Позначителното зголемување на останатите расходи се однесува на расходите за преземени објекти, пред сѐ за преземениот имот од клиентот Еуроникел Индустри Кавадарци, со цел одржување на комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес. Планот е остварен со 103,5%.
Во периодот од 01.01-30.09.2024 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување
на нефинансиските средства на нето основа во износ од 3,1 милион денари, односно
20% од нето вредноста на преземениот имот во согласност со регулативата од НБРСМ.
Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 478,0 милиони денари, наспроти 545,3 милиони денари во истиот период минатата година. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства се должи на ефектот од нето-дополнителната исправка на вредност и извршените отписи во извештајниот период, согласно со регулативата од НБРСМ.
Биланс на состојба
Вкупната актива на Банката на 30.09.2024 година достигна износ од 168.900,9 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележи зголемување од 3,2%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемените кредити на комитенти, а во помал обем и поради зголемените вложувања во хартии од вредност и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 99,2%.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 8,9%, во најголем дел заради помалку пласирани депозити во НБРСМ (преку ноќ и до 7 дена), при што Банката го искористи вишокот ликвидни средства за поддршка на реалниот сектор со цел да ја зголеми профитабилноста и да ја зајакне својата пазарна позиција. Исто така, во извештајниот период Банката изврши пренасочување на краткорочните депозити и средствата на девизните сметки во странство кон пласмани во странски банки со рочност до една година заради остварување повисоки приноси во услови на отпочнат циклус на намалување на основните каматни стапки од страна на ЕЦБ и ФЕД. Планот е остварен со 86,3%.
Средствата за тргување бележат зголемување од 13,7% како резултат на нето ефектот од купени и продадени акции. Планот е остварен со 120,6%.
Финансиски средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 372,5 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 37,4%, кое се должи главно на зголемените девизни депозити во странски банки со рочност од 3 месеци до 1 година во валути USD, AUD и CHF, со цел остварување повисоки приходи во услови на намалување на каматните стапки на странските финансиски пазари. Планот е исполнет со 195,0%.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 14,9% како резултат на зголеменото кредитирање на секторите нефинансиски друштва и домаќинства. Планот е остварен со 110,8 %. Позначителното отстапување во однос на планот делумно се должи на одобрените кредити поврзани со продажбата на преземениот имот од Еуроникел Кавадарци со поврзаните лица кои не беа предвидени во проекциите за 2024 година, а делумно и заради настојувањето Банката да ја задржи својата пазарна позиција во услови на зголемени конкурентски притисоци.
Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 14,2% главно како резултат на зголемен износ на запишани континуирани државни обврзници во денари, а во помал обем и поради запишани државни записи и државни обврзници во денари расположиви за продажба, како и запишани Македонски еврообврзници и државни обврзници од нерезиденти. Планот е остварен со 107,1%.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат позначително намалување по основ на продажби на преземен имот, пред сѐ од должниците Еуроникел Индустри ДОО с. Возарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево и истите имаат минимално учество од 0,02% во вкупната актива.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 145.985,9 милиони денари и бележат зголемување од 2,0%. Планот е остварен со 98,6%.
Обврските по кредити изнесуваат 1.112,2 милиони денари и се зголемени во однос на декември 2023 година за 26,9% како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Истите имаат минимално учество од 0,7% во вкупната пасива на Банката. Во извештајниот период повлечени се средства од кредитните линии: ЕИБ VII преку РБСМ (кредитна линија за трајни обртни средства и инвестиции на МСП, средно-пазарно капитализирани компании и зелена транзиција), ДИГ/ЕЕ/ОИЕ преку РБСМ (кредитна линија за дигитализација, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија), кредитната линија GEFF III на ЕБОР (кредитна линија за енергетска ефикасност на домаќинства) и кредитната линија на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд – ИФАД 2. Планот е остварен со 110,2%.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2024 година достигнаа износ од 20.358,1 милиони денари и во однос на декември 2023 година бележат зголемување од 13,0% како резултат на остварената солидна тековна добивка и заради зголемените останати резерви по основ на прераспределба на дел од добивката за 2023 година во износ од 1.377,4 милиони денари, додека во задржана добивка за инвестициски вложувања се распределени 130 милиони денари согласно Одлука за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери на 27.03.2024 година. Планот е реализиран со 103,7%
Банки
Нефункционалните кредити се намалија на 1,97%: Банките го подобруваат квалитетот на кредитното портфолио
Квалитетот на кредитното портфолио на македонските банки останува на релативно високо ниво, покажуваат податоците за второто тримесечје од 2026 година, објавени во статистичкиот преглед на Македонската банкарска асоцијација.
Стапката на нефункционални кредити на крајот од јуни 2026 година изнесувала 1,97%, во споредба со 2,45% во истиот период минатата година. Намалувањето од 0,48 процентни поени покажува подобрување на квалитетот на кредитното портфолио во услови на зголемена кредитна активност.
Во истиот период, вкупните кредити на банкарскиот систем се зголемиле од 524,19 милијарди на 592,19 милијарди денари, што претставува раст од приближно 13%.
Оваа комбинација е важна бидејќи банките успеале да го зголемат обемот на кредитирањето, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупното портфолио се намалило.
Сепак, намалувањето на процентуалното учество на нефункционалните кредити не мора автоматски да значи еднакво намалување на нивната апсолутна вредност. За подетална оценка потребно е да се следат и износите на проблематичните побарувања, исправките на вредноста, реструктурираните кредити и секторската концентрација на ризиците.
Дополнителен позитивен показател претставува капиталната позиција на банкарскиот систем, со адекватност на капиталот од 19,52% на крајот од второто тримесечје.
За следниот период, особено важно ќе биде дали кредитната експанзија ќе продолжи без значително влошување на квалитетот на новоодобрените кредити.
Редакција Банкарство
Банки
Рајфајзен банка пласираше обврзници вредни 141 милион евра на Берзата во Букурешт
Рајфајзен банка Романија (Raiffeisen Bank Romania) котираше нова емисија корпоративни обврзници во вредност од 750 милиони романски леи, односно околу 141 милион евра, на регулираниот пазар на Букурешката берза (BVB). Станува збор за десеттата емисија обврзници на банката што се тргува на романскиот пазар на капитал.
Новата емисија, која од 16 октомври е достапна за тргување под берзанскиот симбол RBRO33, опфаќа вкупно 1.250 обврзници, со номинална вредност од 600.000 леи по обврзница.
Според податоците објавени од Букурешката берза, обврзниците носат фиксна каматна стапка од 7,538 проценти до 2032 година, по што каматата ќе стане променлива и ќе се пресметува врз основа на тримесечната референтна стапка ROBOR, зголемена за 0,85 процентни поени.
Средствата се обезбедени преку институционални инвеститори
Емисијата беше реализирана на 13 август годинава и беше наменета за институционални инвеститори, како дел од стратегијата на банката за зајакнување на капиталната позиција и диверзификација на изворите на финансирање.
Обврзниците се од категоријата приоритетни необезбедени должнички инструменти и се подобни за исполнување на регулаторните барања за минимално ниво на сопствени средства и прифатливи обврски на кредитните институции.
Десетта емисија обврзници на романскиот пазар
Со новото котирање, Рајфајзен банка продолжува да го користи домашниот пазар на капитал како извор за долгорочно финансирање.
Емисијата е дел од меѓународната програма за финансирање EMTN (Euro Medium Term Notes), која овозможува прибирање средства преку издавање среднорочни должнички хартии од вредност.
Рајфајзен банка е меѓу позначајните банкарски институции во Романија, со приближно 2,4 милиони клиенти од редот на физичките и правните лица. Банката е активна и во финансирањето одржливи проекти и во развојот на пазарот на зелени финансиски инструменти.
Новата емисија претставува дополнително проширување на понудата на корпоративни обврзници на Букурешката берза и ја потврдува улогата на пазарот на капитал како алтернативен канал за финансирање на банкарскиот сектор во Романија.
Банки
Славески: Западен Балкан мора да го промени моделот на економски раст за побрзо приближување кон ЕУ
Зголемувањето на продуктивноста, инвестициите во нови технологии и развојот на човечкиот капитал се клучни за забрзување на економскиот раст и приближување на земјите од Западен Балкан кон животниот стандард во Европската Унија. Ова го порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настан организиран во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка во Бангкок.
Говорејќи на настанот посветен на Регионалниот економски преглед за Европа, Славески нагласи дека постојниот економски модел во регионот, кој во голема мера се потпира на евтина работна сила и акумулација на капитал, повеќе не е доволен за постигнување повисоки стапки на раст.
Според него, неопходно е економиите да се насочат кон создавање производи и услуги со поголема додадена вредност, воведување современи технологии и поттикнување на иновациите.
„Забрзувањето на економската конвергенција не може да се потпира само врз капиталот и зголемувањето на вработеноста, туку бара сеопфатен реформски план насочен кон повисока продуктивност“, истакна гувернерот.
Тој посочи дека реформите треба да опфатат зајакнување на институциите и владеењето на правото, подобрување на деловниот амбиент, модернизација на пазарот на трудот, како и поголеми вложувања во образованието, истражувањето и дигитализацијата.
Продуктивноста во регионот е двојно пониска од европската
Еден од најголемите предизвици за економиите од Западен Балкан останува ниската продуктивност, која, според податоците што ги презентираше Славески, достигнува приближно половина од просекот во Европската Унија.
Ваквата состојба го ограничува потенцијалот за побрз економски развој и намалување на разликите во животниот стандард.
Гувернерот оцени дека значителен простор за напредок постои преку поголема примена на дигитални решенија, нови технологии и иновации, но и преку подобра соработка меѓу приватниот сектор, образовните институции и научноистражувачките центри.
Посебно внимание беше посветено и на странските директни инвестиции. Иако земјите од регионот успеваат да привлечат значителен странски капитал, според Славески, потребно е инвестициите повеќе да се насочуваат кон дејности што создаваат повисока вредност и овозможуваат поголемо вклучување на домашните компании во меѓународните производствени синџири.
Иселувањето и недостигот од квалификувани работници го ограничуваат растот
Покрај продуктивноста и инвестициите, како сериозна пречка за долгорочниот економски развој беа посочени и демографските движења.
Иселувањето на населението, недостигот од квалификувана работна сила и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на компаниите го намалуваат развојниот потенцијал на регионот.
Дополнителен предизвик претставуваат ниското учество на жените на пазарот на трудот и високата невработеност кај младите, што укажува на значителни неискористени човечки ресурси.
Славески нагласи дека поблиската економска интеграција со Европската Унија може да придонесе за надминување на дел од овие ограничувања.
„Подлабоката интеграција со европскиот пазар може да им овозможи на компаниите да го прошират работењето, да ја зголемат специјализацијата, да привлечат инвестиции и да се вклучат во посложени синџири на вредност“, рече гувернерот.
Тој додаде дека Планот за раст на ЕУ и постепеното вклучување на земјите од Западен Балкан во единствениот европски пазар можат да имаат важна улога во забрзувањето на економската конвергенција.
Инфлацијата изнесува 2,6 отсто, но ризиците остануваат
Во своето обраќање, Славески се осврна и на монетарната политика и мерките што Народната банка ги презеде за справување со инфлациските притисоци и енергетските шокови.
Тој посочи дека комбинацијата од монетарни и макропрудентни мерки, заедно со измените во задолжителната резерва, придонела за стабилизирање на девизниот пазар и забавување на инфлацијата.
Според информациите изнесени од гувернерот, инфлацијата во моментов изнесува 2,6 отсто.
Сепак, предупреди дека глобалната економска неизвесност и можноста од нови надворешни шокови бараат претпазливо водење на монетарната политика.
Во таа насока, Народната банка ќе продолжи да ги следи економските показатели и да ги темели своите одлуки врз расположливите податоци и анализи, со цел зачувување на ценовната и финансиската стабилност.
-
Банкипред 2 месециНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Банкипред 2 месеци10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 2 месециМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Колумнипред 2 месециКој ќе биде македонскиот Revolut?
-
Банкипред 2 месециКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува ИТ професионалец – Специјалист за ИТ за независна валидација
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка: Исплатени пензиите за август, средствата се достапни веднаш
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка денеска ги исплаќа августовските пензии





