Connect with us

Банки

Народната банка ја намали основната каматна стапка за 0,25 п.п. – задржан внимателниот карактер на монетарната политика

Објавено

на

На 17 септември 2024 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика. 

На седницата беше оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се почне со постепено претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Следствено, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 п.п., на нивото од 6,05%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Со ваквите промени се задржува внимателноста во монетарната политика имајќи ги предвид ризиците поврзани со надворешното окружување што сè уште постојат, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, вклучувајќи го и постепеното зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките (1% со примена од јули 2024 година), ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Воедно, промените во инструментот задолжителна резерва коишто се применуваат од јули 2024 година, придонесуваат за дополнителна поддршка на поставеноста на монетарната политика.

Одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација во август позначително забави и изнесува 2,2%, при поволни движења кај сите три главни компоненти, односно пад на цените кај прехранбената и енергетската компонента и забавен раст на базичната инфлација. Со оглед на споредбената основа од 2023 година (мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во стапката на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека ќе биде во рамките на проектираната од 3,5%, според априлскиот циклус проекции.  Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе пет месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на  берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со послабите изгледи за раст.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на август изнесува 4.469,8 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јули 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на август се малку повисоки од проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во вториот квартал од 2024 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во септември по вторпат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматната стапка за 0,25 п.п.

Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и е речиси идентичен со проекциите на Народната банка. Реалниот раст на домашната економија изнесува 2,3% на годишна основа (1,2% во претходниот квартал), при натамошен раст и на квартална основа. Така во првата половина од годината е остварен раст од 1,8%, што е блиску до нашата проекција од 1,9%. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов се ограничени. Засега, податоците за јули покажуваат реален годишен раст на прометот во вкупната трговија и на индустриското производство, наспроти нивниот пад во претходниот квартал. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, депозитниот потенцијал на банките е солиден и засега со изгледи за подобри остварувања од очекуваните за третиот квартал. Слични се остварувањата и кај кредитниот раст, којшто се одржува малку над проектираниот.

Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа можност за намалување на основната каматна стапка. Сепак, Народната банка го задржува внимателниот пристап при натамошните одлуки за монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување треба и натаму да се следат, пред сè цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто може да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период, вклучително и политиката на платите. Оттаму водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.

Банки

Пред 59 години беше поставен првиот банкомат: Како започна револуцијата што го промени банкарството?

Објавено

на

Банкоматот, денес едно од најважните и најкористени банкарски решенија, во јуни годинава одбележа 59 години од поставувањето на првиот уред за подигнување готовина.

Првиот банкомат бил инсталиран во јуни 1967 година, во филијала на британската банка „Barclays“ во Северен Лондон. Иако за негов пронаоѓач најчесто се смета Џон Шеперд-Барон, идејата за машина преку која клиентите би можеле да подигнуваат пари датира уште од 1939 година.

Тогаш американскиот иноватор од ерменско потекло Лутер Дорге Симџијан развил уред за автоматско подигнување пари. „Citigroup“ ја тестирала идејата, но по само неколку месеци проектот бил прекинат поради слаб интерес од клиентите.

Речиси три децении подоцна, „Barclays“ повторно ја актуелизирала идејата. Првиот уред користел картички за еднократна употреба, со кои можело да се подигнат 10 фунти.

Следната година, американскиот иноватор Доналд Ветцел придонел за развојот на технологијата, овозможувајќи банкоматите да исплаќаат различни износи, во зависност од расположливите средства на сметката.

Првите банкомати значително се разликувале од денешните. Некои од нив не ја враќале картичката веднаш, па корисниците морале дополнително да ја подигнат од филијалата.

Од едноставна машина за подигнување готовина, банкоматот со текот на годините прерасна во клучна точка на современото банкарство, а неговиот развој го отвори патот кон 24-часовниот пристап до банкарски услуги.

Продолжи со читање

Банки

Маја Михајлова реименувана за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка

Објавено

на

Маја Михајлова ќе продолжи да биде дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје и во следните четири години, информира Банката преку Македонската берза.

Народната банка на Република Северна Македонија на 15 јули 2026 година издала решение со кое се дава претходна согласност за реименување на Михајлова за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, со мандат од четири години.

Со реименувањето на Михајлова, Управниот одбор на ПроКредит Банка продолжува да работи во состав од четири членови:

  • Емилија Спировска
  • Стевче Кузмановски
  • Милан Дамчевски
  • Маја Михајлова

Михајлова е дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка од 2024 година, кога Банката го прошири својот менаџмент со нејзиното именување.

Актуелниот состав на Управниот одбор е наведен и на официјалната веб-страница на ПроКредит Банка.

Продолжи со читање

Банки

4 милиони евра за енергетски поефикасни домови: НЛБ Банка со нова кредитна линија од Европската банка за обнова и развој

Објавено

на

НЛБ Банка преку нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра ја зајакнува поддршката и го проширува пристапот на домаќинствата до зелено финансирање за енергетски поефикасни домови. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката. Наменети се за зелени инвестиции што придонесуваат за енергетски поефикасни, поодржливи и покомфорни домови, овозможувајќи конкретни придобивки за граѓаните – намалени трошоци и подобрен квалитет на живеење.

Во време кога енергетската ефикасност и одговорното користење на ресурсите стануваат сè поважен дел од секојдневието, ваквата финансиска поддршка отвора можност повеќе домаќинства да ги реализираат потребните подобрувања во своите домови – изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија.Сите овие технологии директно придонесуваат за пониски трошоци на домаќинствата, поголема удобност и  порационална потрошувачка.

НЛБ Банка во своето портфолио веќе нуди зелени кредити наменети за поддршка на одржливи и еколошки решенија, а новата кредитна линија од 4 милиони евра од ЕБОР претставува зајакнување на оваа определба.

Дополнителна придобивка на овие кредити е повратот на средства, кофинансиран од Европската Унија, кој може да изнесува и до 20% од вкупната инвестиција. На овој начин, зелените кредити стануваат практичен инструмент преку кој енергетската ефикасност, одржливоста и заштитата на животната средина се претвораат во реални и достижни решенија за секое домаќинство.

Придобивки од „зелените“ инвестиции во домот

Кога домот троши помалку енергија, преку намалените сметки, придобивките се чувствуваат веднаш. Долгорочно, тие имаат и пошироко значење. Секоја инвестиција што ја намалува потребата од енергија придонесува и за помала потрошувачка на ресурси, помал притисок врз енергетскиот систем и помало влијание врз животната средина. Во Македонија, ваквите вложувања се особено значајни имајќи ја предвид потребата од обновување и модернизација на станбениот фонд.

Токму затоа, зеленото финансирање има сè поважна улога во претворањето на одржливоста од концепт во конкретна одлука за секое домаќинство. Со соодветна финансиска поддршка, граѓаните можат полесно да направат чекор кон зелени решенија.

*GEFF програмата на ЕБОР во Западен Балкан е кофинансирана од европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, Австрија, јапонија, данска и швајцарија преку Партнерството со високо влијание врз климатската акција (HIPCA).

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange