Connect with us

Банки

Средба Народна банка − СЗПМ: Платежната сметка со основни функции погодна зa пензионерите

Објавено

на

Пензионерите може да отворат платежна сметка со основни функции кај банките којашто нуди повеќе придобивки, како што се ниски трошоци за одржување, со можност за користење релативно широк сет платежни услуги од банките, за надоместок којшто во моментов не може да надмине 38 денари, што е од големо значење за намалување на финансискиот товар на пензионерите. Ова беше нагласено при средбата на претставниците на Народната банка, предводени од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова и со останатите претставници на Сојузот.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја истакна важноста на поблиската соработка со здруженијата на пензионерите, заради заштита на нивните права како корисници на платежните услуги и нивно информирање за новините и погодностите коишто ги нуди новата законска рамка во оваа сфера. 

Во рамките на посетата на СЗПМ, заменик-директорката на Дирекцијата за платни системи, Биљана Доновска-Гечева, одржа презентација пред претставниците на Сојузот, се осврна на карактеристиките на платежната сметка со основни функции. Таа нагласи дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за првпат во нашата земја се воведе платежна сметка за која законски е ограничена висината на надоместокот. „За услугите коишто се опфатени со платежната сметка со основни функции, банката може да пресмета и да наплати вкупен месечен надоместок до одредена разумна висина којашто не смее да биде повисока од 0,1% од просекот на последните 12 месечни просечни исплатени нето-плати во земјата, според Државниот завод за статистика (или во моментов 38 денари). Овој надоместок вклучува одржување на платежната сметка и дебитната картичка, онлајн користење интернет и мобилна апликација, неограничен број платежни трансакции за уплата или повлекување готовина непосредно на шалтерите во работните простории на банката или преку нејзината мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции во рамките на истата банка“, посочи Доновска-Гечева.

Имајќи го предвид сетот на платежните услуги коишто ги нуди и нискиот месечен надоместок, платежната сметка со основни функции е особено погодна за пензионерите или за учениците и студентите кои користат државна стипендија. За потрошувачите, пак, коишто ѝ припаѓаат на групата корисници на законски права, платежната сметка со основни функции е бесплатна. За отворање платежна сметка со основни функции кај банките се поднесува барање за отворање ваква сметка или за трансформирање на постојната. Прочитајте повеќе на врската:

https://www.nbrm.mk/content/%D0%9F%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B5%D0%B6%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BA%D0%B0_%D1%81%D0%BE_%D0%BE%D1%81%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B8_%D1%84%D1%83%D0%BD%D0%BA%D1%86%D0%B8%D0%B8.pdf

Банки

Славески: Иновациите во кредитирањето мора да одат рака под рака со одговорноста и заштитата на клиентите

Објавено

на

Небанкарското кредитирање во Македонија во последните пет години бележи значително побрз раст од банкарското, но неговиот удел во финансискиот систем и натаму останува релативно мал. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на конференцијата „Микробалканс 2026 – Кредитирањето од нова перспектива“, одржана во Скопје.

Според податоците што ги презентираше Славески, во периодот од 2020 до 2025 година кредитирањето од финансиските друштва и лизинг-компаниите растело со просечна годишна стапка од 22,3 проценти. За споредба, кредитирањето на банките кон компаниите и домаќинствата во истиот период се зголемувало со просечна годишна стапка од 9,6 проценти.

И покрај повисоките стапки на раст, небанкарските финансиски институции учествуваат со околу 2,5 проценти во вкупната актива на финансискиот систем. Македонскиот финансиски сектор и натаму е доминантно банкарски, при што банките располагаат со околу три четвртини од вкупната актива.

Славески оцени дека технолошкиот развој, поголемата достапност на податоци и појавата на нови деловни модели сè повеќе ја менуваат границата меѓу традиционалното банкарство и небанкарските финансиски услуги.

Тој посочи дека слични промени се забележуваат и глобално. Според податоците на Одборот за финансиска стабилност, во 2024 година небанкарскиот финансиски сектор во светот растел двојно побрзо од банкарскиот. Во Европската Унија, пак, небанкарските извори обезбедуваат речиси една четвртина од кредитирањето на нефинансиските компании.

Гувернерот предупреди дека поголемата употреба на технологијата не значи и исчезнување на традиционалните ризици поврзани со кредитирањето.

„Кредитниот ризик останува кредитен ризик, без оглед на тоа дали кредитот се одобрува во филијала или преку дигитална платформа“, рече Славески, нагласувајќи дека иновациите треба да бидат придружени со поголема транспарентност, одговорно кредитирање и соодветна заштита на клиентите.

Како дополнителен предизвик тој ги посочи киберризиците, кои стануваат сè поважни со забрзаната дигитализација на финансиските услуги. Според него, тоа бара постојано унапредување на системите за управување со ризици, како и на регулаторните и супервизорските практики.

Од Народната банка порачуваат дека нивната цел е финансискиот систем да остане стабилен и отпорен, но истовремено да овозможува развој на иновациите, конкуренцијата и новите модели на финансирање.

„Иднината на кредитирањето треба да значи попаметен, поинклузивен и поодговорен пристап кон кредитите“, порача Славески, додавајќи дека технолошкиот развој треба да создава нови економски можности без притоа да се нарушат финансиската стабилност и довербата на граѓаните и компаниите.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк воведе платежна картичка за деца со родителска контрола и дигитално плаќање

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје понуди платежна картичка наменета за деца, со која најмладите можат постепено да се запознаат со управувањето со сопствените финансии, додека родителите или старателите имаат увид и контрола врз користењето на средствата.

Од Банката посочуваат дека картичката е наменета да им помогне на децата да научат како да располагаат со својот џепарлак, да планираат трошоци и да создаваат одговорни финансиски навики уште од најрана возраст.

Сметката се отвора и одржува без надоместок, а бесплатно е и префрлањето средства од родителот на детето. Родителите или старателите можат да добиваат и бесплатни СМС известувања за трансакциите.

Картичката овозможува поставување лимити за трошење, како и можност за нејзино блокирање, што на родителите им дава дополнителна контрола врз користењето на средствата.

Дополнително, картичката може да се користи и за дигитални плаќања преку Apple Pay, Google Pay и Fidesmo Pay.

Со овој производ, Халкбанк го насочува фокусот кон финансиска едукација на најмладите и постепено воведување на децата во секојдневното управување со пари, со истовремена контрола и поддршка од родителите.

Продолжи со читање

Банки

ЕБОР ја зголеми прогнозата за македонската економија: Раст од 3,3 отсто во 2026 година

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја подобри прогнозата за економскиот раст на Северна Македонија и сега очекува бруто-домашниот производ (БДП) во 2026 година да порасне за 3,3 отсто.

Новата проценка е за 0,3 процентни поени повисока во однос на прогнозата на ЕБОР од јуни годинава, кога за македонската економија беше предвиден раст од 3 отсто.

Ревидираната прогноза за земјава доаѓа во период кога ЕБОР, на ниво на сите економии во кои работи, очекува забавување на растот. Според најновиот извештај „Running dry“, Банката прогнозира просечен раст од 2,5 отсто во 2026 година, по што во 2027 година се очекува забрзување на 4 отсто.

Меѓу главните ризици за економските перспективи ЕБОР ги посочува повисоките трошоци за енергија и храна, нарушувањата во трговијата и синџирите на снабдување, сушата, како и построгите услови за финансирање. Инфлацијата во економиите каде што работи Банката и натаму останува над нивоата од периодот пред пандемијата.

Во најновите регионални проценки, ЕБОР очекува економиите од Западен Балкан заедно да остварат раст од околу 3 отсто во 2026 година, а растот да забрза во 2027 година.

Подобрената прогноза за Северна Македонија следува по објавените податоци за растот на домашната економија во текот на годинава, при што очекувањата за 2026 година сега се поповолни од оние што ЕБОР ги имаше на почетокот на летото.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange