Банки
Средба Ангеловска-Бежоска ̶ Ханиг: Народната банка е добар пример за промовирање на финансиската едукација и вклученост
Напорите и залагањата на Народната банка за олеснување на пристапот до финансиските услуги на населението се препознаени и од меѓународните институции како одличен пример на финансиска едукација и вклученост. И натаму треба да се вложуваат напори со цел натамошно зголемување на пристапот до финансии, којшто е предуслов за повисока економска активност и доход. Ова беше истакнато на состанокот помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, и извршниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг и нивните тимови.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска истакна на средбата дека Народната банка од 2013 година постојано придонесува кон јакнење на финансиската писменост во земјава. Потребата за подобар пристап до финансиите особено дојде до израз во изминатите кризни години коишто во глобални рамки повеќе ги погодија жените, младите, другите ранливи групи, микро и малите претпријатија и руралните заедници.
„Во 2021 беше донесена првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, а во 2022 година финансиската писменост беше вклучена во стратегиските цели на Народната банка. Во рамките на централната банка е основана посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, заради поттикнување на вклученоста и заштитата при користењето на финансиските услуги. Преку усвојувањето на новата законодавна рамка во платежната сфера, која стапи во сила од почетокот на минатата година е зацврстена и заштитата на правата на потрошувачите“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска и додаде дека и покрај видливите подобрувања во нашата земја, сѐ уште постои јаз во споредба со развиените економии, како на пример со еврозоната, каде што процентот на возрасните кои користат платежна сметка е речиси 100%. Според последните податоци објавени од базата на Светската банка „Финдекс“, процентот на населението во нашата земја постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка е зголемено од 74% во 2014 година на 85% во 2021 година.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска порача дека еден од приоритетите на централната банка во областа на финансиската едукација и вклученост е обезбедување соодветна заштита на потрошувачите, поголема финансиска вклученост на жените, како и создавање услови за пристап до зелени финансии. Во сите овие области Народната банка интензивно работи и презема соодветни активности. На почетокот на оваа година Народната банка стана членка на АФИ, која веќе започна да обезбедува поддршка во сите овие области, што е од големо значење за нас.
АФИ е мрежа на централни банки и финансиски регулатори, чија цел е да се унапреди финансиската вклученост, а нејзините заложби се преку заеднички напори и размена на искуствата, централните банки и меѓународните чинители да создадат можност за отворено, стратегиско и проактивно делување, за практична јавно-приватна соработка за продлабочување на финансиската вклученост во време на макроекономски и геополитички превирања.
Банки
Во Народната банка се одржа 59. сесија на Клубот на истражувачите
Во Народната банка се одржа 59. сесија на Клубот на истражувачите, платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови на Народната банка, којашто ја поддржува научно-истражувачката дејност во земјава во изминатите тринаесет години.
На оваа сесија беше претставен научниот труд „Дали може институционалната интеграција на берзите од Западен Балкан да ја зајакне монетарната трансмисија?”, (Can Institutional Integration of Western Balkans’ Stock Exchanges Strengthen Monetary Transmission?), од авторот Стефан Таневски. Авторот е добитник на првата награда за млади истражувачи на Народната банка за 2026 година.
Сесијата ја отвори директорката на Дирекцијата за монетарната политика и истражување Билјана Давидовска-Стојанова, којашто истакна дека интеграцијата на берзите не треба да се гледа само како реформа за развој на финансискиот пазар туку и како дел од пошироката макрофинансиска инфраструктура преку која монетарната политика влијае врз економијата. „Поинтегрираните пазари можат да овозможат побрз и поцелосен пренос на монетарните сигнали кон финансиските услови и реалната економија. Оттука, берзанската интеграција e потенцијално важен канал за поефикасно функционирање на монетарната политика. Сепак, самата консолидација на пазарите не е доволна, нејзините придобивки зависат од квалитетното управување, заштитата на инвеститорите и усогласената регулаторна рамка“, истакна Давидовска-Стојанова.
Авторот Таневски во својата презентација посочи дека трудот се фокусира на каналот на цените на средствата, како механизам преку кој се пренесуваат сигналите на монетарната политика во економијата. Во моментов, пазарите од Западен Балкан се фрагментирани и неликвидни, поради што и сигналите на централните банки само делумно и нерамномерно се пренесуваат врз цените на финансиските средства во различни сектори. Во својот труд авторот посочува дека интеграцијата на берзите од Западниот Балкан може значително да ја подобри оваа трансмисија, преку побрза и поефикасна реакција на цените на акциите на промените во каматните стапки и монетарните сигнали, при што се укажува дека структурата на финансискиот систем е директно поврзана со ефективноста на монетарната политика.
Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за презентирање труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели.
Зачленувањето е од отворен карактер и повеќе информации за Клубот може да се најдат на следнава врска: https://www.nbrm.mk/
Следната сесија е планирана за декември оваа година.
Банки
УНИ Банка исплаќа 387 денари дивиденда по акција, исплатата стартува на 26 октомври
Акционерите на УНИ Банка ќе добијат дивиденда во износ од 387 денари по акција, согласно одлуката донесена на Собранието на акционери.
За исплата на дивидендата Банката ќе издвои вкупно 211,3 милиони денари, односно околу 3,4 милиони евра. Средствата се обезбедуваат од акумулираната добивка остварена во периодот од јануари до декември 2025 година.
Исплатата на дивидендата ќе започне на 26 октомври 2026 година.
Според објавениот дивиденден календар, 7 октомври е последниот ден на тргување со акциите на УНИ Банка со право на дивиденда за 2025 година.
Првиот ден на тргување без право на дивиденда е 8 октомври, додека пресекот на акционерската книга ќе биде направен на 9 октомври 2026 година, заклучно со 16:00 часот.
Тоа значи дека право на дивиденда ќе имаат акционерите кои ќе бидат евидентирани во акционерската книга согласно утврдениот пресек.
Одлуката за распределба на добивката и исплатата на дивиденда беше усвоена на акционерското собрание на УНИ Банка одржано минатата недела.
Банки
Нова ера во плаќањата: Европа ја намалува зависноста од Visa и Mastercard
Европа прави нов крупен чекор кон намалување на зависноста од американските платежни гиганти Visa и Mastercard. Неколку големи европски платежни системи се здружуваат во нова мрежа која треба да овозможи прекугранични плаќања и трансфери со европска инфраструктура.
Според Reuters, платежните системи Bizum од Шпанија, Bancomat од Италија, Wero, португалскиот MB WAY и нордискиот Vipps MobilePay се дел од иницијативата за формирање на European Network for Payments – ENP. Новата мрежа треба да поврзе национални платежни системи кои заедно опфаќаат околу 130 милиони корисници во 13 земји, односно повеќе од 70% од населението на Европската Унија и Норвешка.
Дали тоа значи дека ќе ги менуваме Visa и Mastercard картичките?
Не веднаш.
Новата европска иницијатива не значи дека постојните Visa и Mastercard картички преку ноќ ќе исчезнат или дека граѓаните ќе мора задолжително да ги заменат. Наместо тоа, Европа постепено гради сопствен платежен систем кој треба да стане дополнителна опција за плаќање и со текот на времето да понуди посериозна конкуренција на американските платежни мрежи.
Првата фаза е насочена кон директни трансфери на пари меѓу корисниците, а во следните фази системот треба да се прошири и на интернет-купување и плаќање во физички продавници.
Wero веќе ја отвори вратата за европски плаќања
Еден од клучните проекти во оваа насока е Wero, дигиталниот паричник развиен од European Payments Initiative – EPI. Системот користи инстант плаќања директно од банкарска сметка на банкарска сметка и е замислен како единствено европско решение за граѓаните и компаниите.
Wero веќе се користи или се воведува во повеќе европски земји, а неговата функционалност постепено се проширува од трансфери меѓу физички лица кон онлајн и плаќања на продажни места. Во Холандија веќе е започнат и процесот на постепено преминување од популарниот систем iDEAL кон Wero.
Во 2026 година Wero дополнително ја проширува својата мрежа. Кон иницијативата се приклучија и големи финансиски институции како Erste Bank Österreich и Raiffeisen, што треба да овозможи проширување на услугата и на австрискиот пазар.
Зошто Европа сака сопствен систем?
Во основата на проектот е желбата Европа да има поголема финансиска и дигитална независност.
Голем дел од картичните плаќања во Европа денес зависат од инфраструктурата на американските компании Visa и Mastercard. Европските институции и банки веќе подолг период настојуваат да развијат платежни решенија кои би можеле да функционираат на европска инфраструктура и да создадат поголема конкуренција на пазарот.
Европската централна банка исто така укажува дека развојот на европска платежна инфраструктура би им овозможил на приватни европски системи како Wero полесно да работат низ целата еврозона.
Visa и Mastercard засега остануваат
За корисниците најважно е дека засега нема причина за промена на постојните банкарски картички.
Visa и Mastercard и натаму остануваат широко распространети платежни мрежи, додека европските решенија се во процес на проширување и поврзување.
Сепак, создавањето на заедничката European Network for Payments покажува дека Европа сериозно работи на сопствен платежен екосистем. Доколку системот добие широка поддршка од банките, трговците и корисниците, во следните години европските потрошувачи би можеле да добијат уште една голема опција покрај Visa и Mastercard.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 1 месец10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот

