Connect with us
no baners

Банки

Викторија Глигорова од Народната банка: Банкарскиот систем во нашата земја и натаму е сидро на стабилноста

Објавено

на

no baners

И покрај периодот на продолжени последователни шокови од невидени размери, активностите на банкарскиот систем и натаму растат и тој е стабилен и во услови на силна капитална и ликвидносна позиција. Силната капитална позиција на банките, којашто постојано се подобрува, придонесува за највисока стапка на адекватност на капиталот од 2007 година наваму, до нивото од 18,1% на крајот на 2023 година. Нивото на квалитетот на капиталот е највисоко, каде што над една третина од сопствените средства на банките им служат како заштитен слој или се „слободни“ и може да се користат за справување со различни предизвици. Тоа во голема мера е резултат на зајакнувањето на регулаторната и супервизорската рамка и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка, меѓу другото и преку воведување и постепено зголемување на противцикличниот капитален заштитен слој, од 0,5% од август 2023 година до 1,5% од јануари 2025 година“, истакна Викторија Глигорова, директорката на Секторот за супервизија во Народната банка, на втората конференција за управување со ризиците „Ризиците движат – Quo vadis?“, организирана од факултетот Хајделберг во Скопје. 

Глигорова нагласи дека и во услови на затегната монетарна политика, минатата година банките обезбедија солидна кредитна поддршка, со раст од 4,3% на кредитите. Беше забележан и засилен раст на вкупната актива од 9,1% и на депозитите од 9,2%, особено на страната на домаќинствата. Стапката на нефункционалните кредити во вкупното кредитно портфолио е ниска веќе подолг период, а ограничено е и остварувањето на кредитниот ризик поради усогласувањето со регулативите на ЕУ, што доведе до воедначување на пристапот за определување на нефункционалниот статус на кредитите. Глигорова истакна дека поради неизвесноста и предизвиците од глобалното опкружување коишто и натаму постојат, има потреба од внимателно следење на квалитетот на портфолиото на банките, вклучително и на евентуалното остварување на индиректниот кредитен ризик и навременото признавање на кредитните загуби. 

Народната банка постојано презема мерки за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, будно ги следи сите промени и е подготвена да ги преземе сите потребни мерки што се во нејзина надлежност. Еден од новите приоритети и стратегиски определби на централните банки, вклучувајќи ја и нашата централна банка, е ризикот од климатските промени. Оттаму, Народната банка има усвоено Среднорочен план во доменот на управувањето со климатските ризици 2023 − 2025 година, усвоени се Насоките за банките за управување со ризиците поврзани со климатските промени, а од април годинава Народната банка објавува преглед со „зелени“ показатели, чија цел е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики“, истакна Глигорова. Осврнувајќи се на новите технологии во финансиите, Глигорова порача дека паралелно со следењето на светските трендови при воведувањето нови типови дигитални банкарски услуги, неопходно е и воведување соодветни организациски и технички мерки за заштита од нападите од дигиталниот простор. Таа истакна дека управувањето со ризиците од дигиталниот простор од страна на банките ќе биде дел од супервизорските приоритети и за следниот период.

Банки

Добивката на бугарските банки порасна за 8,9 отсто во првите седум месеци од 2026 година

Објавено

на

Вкупната нето-добивка на банките што работат во Бугарија во првите седум месеци од 2026 година се зголемила за 8,9 отсто на годишно ниво и достигнала 1,3 милијарди евра, покажуваат податоците на Бугарската народна банка.

Нето оперативниот приход на банкарскиот сектор на крајот на јули изнесувал околу 2,72 милијарди евра, во споредба со 2,39 милијарди евра во истиот период минатата година.

Бруто-приходите од камати се зголемиле на 2,43 милијарди евра, од 2,02 милијарди евра една година претходно. Приходите од провизии и надоместоци, пак, пораснале на 714 милиони евра, од 670 милиони евра.

На крајот на јули 2026 година, вкупната актива на банките изнесувала 120,5 милијарди евра, што е намалување од 0,5 отсто во однос на претходниот месец. За споредба, во јули 2025 година вкупната актива изнесувала 102,8 милијарди евра.

Бруто-кредитите и авансите во јули достигнале 81,4 милијарди евра, што претставува месечен пад од 2 отсто. Бруто-кредитното портфолио на банкарскиот систем, сепак, на годишно ниво се зголемило на 71,3 милијарди евра, од 60,9 милијарди евра во јули минатата година.

Кредитите за домаќинствата во јули се зголемиле за 625 милиони евра во однос на јуни, додека кредитите за нефинансиските компании пораснале за 375 милиони евра.

Депозитите во банкарскиот систем на крајот на јули изнесувале 100,7 милијарди евра, што е намалување од 0,6 отсто во однос на претходниот месец.

Најголем пад на депозитите е регистриран кај кредитните институции, од 14,3 отсто, по што следуваат другите финансиски компании со намалување од 12 отсто. Депозитите на државниот сектор се намалиле за 3,8 отсто, додека депозитите на нефинансиските компании и на домаќинствата пораснале за 2 отсто, односно за 0,7 отсто.

Извор: Seenews

Продолжи со читање

Банки

Голема промена во плаќањата: Од 1 ноември IBAN стандардот станува задолжителен и за трансакциите во Македонија

Објавено

на

Советот на Народната банка ги разгледа најновите макроекономски показатели, според кои домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување, а најновите показатели за домашната економска активност засега се малку поповолни. 

Расположливите високофреквентни податоци на страната на понудата упатуваат на забрзување на економскиот раст во вториот квартал, при силен раст на градежништвото, раст на индустриското производство и реалниот промет во угостителството и при стабилни движења кај вкупната трговија. Инфлацијата забавува и е во рамките на очекувањата на Народната банка. Ризиците од надворешното окружување и натаму се оценуваат како неповолни.

На крајот на јуни 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 4.936,4 милиони евра и се одржува во сигурната зона. Монетарните податоци покажуваат натамошен солиден раст на депозитите и на кредитната активност, при што кредитната поддршка е посилна од очекувањата.

На седницата, Советот ја донесе Одлуката за водечкиот број на давателите на платежни услуги и стандардите за конструкција на платежните сметки, со која се унапредува постојната регулативна рамка во согласност со развојот на платните системи и примената на меѓународните стандарди и се врши нејзино хармонизирање со стандардите коишто се применуваат во областа на СЕПА.

Важна новина е задолжителната употреба на стандардот ИБАН како единствена идентификациска ознака на платежната сметка при извршувањето на националните платежни трансакции. Од 1 ноември 2026 година, националните платежни трансакции ќе се иницираат, ќе се обработуваат и ќе се извршуваат со користење ИБАН, со што се обезбедува усогласен и стандардизиран начин на идентификација на платежните сметки во националниот и во прекуграничниот платен промет.

Продолжи со читање

Банки

Гувернерот на Банката на Англија предупредува: Новите модели на вештачка интелигенција се ризик за глобалната финансиска стабилност

Објавено

на

Најнапредните модели на вештачка интелигенција би можеле значително да ги зголемат сајбер-ризиците и да предизвикаат нарушувања на глобалните финансиски пазари, предупреди гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли.

Во писмо до министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Г20, Бејли наведува дека таканаречените „frontier AI“ модели покажуваат сè поголема автономија, способност за решавање сложени проблеми и потенцијал за создавање нови закани.

Бејли, кој воедно е претседател на Одборот за финансиска стабилност, оцени дека влијанието на најнапредната вештачка интелигенција врз сајбер-безбедноста е најнепосредниот ризик за финансискиот систем.

Според него, напредната вештачка интелигенција може значително да ги промени брзината, обемот и трошоците за спроведување сајбер-напади, што би можело да ја поткопа довербата во финансиските пазари, особено поради големата зависност од мал број надворешни технолошки провајдери.

Тој предупредува и дека голем број држави сè уште немаат воспоставено соодветни протоколи за развој, објавување и употреба на најмоќните модели на вештачка интелигенција, со што дополнително се зголемуваат ризиците за финансискиот сектор.

Бејли смета дека финансиските институции и технолошките компании ќе мора да ги зајакнат системите за откривање и отстранување на ранливости, како и капацитетите за одговор и закрепнување по евентуални напади.

Според него, компаниите треба да бидат подготвени и за потешки сценарија во кои истовремено би можело да дојде до прекин на работата на повеќе финансиски институции или заеднички технолошки системи.

Покрај ризиците поврзани со вештачката интелигенција, Бејли посочи и на слабостите на пазарите на државен долг, зголеменото задолжување на инвеститорите на берзите и високите вреднувања на финансиските средства, особено на инвестициите поврзани со вештачката интелигенција.

Предупредувањето доаѓа во пресрет на состанокот на Г20 во Северна Каролина, каде министри за финансии, гувернери на централни банки и други високи претставници ќе разговараат за клучните глобални економски предизвици.

Извор: CNBC

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange