Connect with us

Останато

Почнува исплатата на К-15: Минимум 19.116 денари во приватниот сектор, 13.670 денари во јавниот

Објавено

на

Работодавачите од приватниот сектор од денеска можат да започнат со исплата на регресот за годишен одмор, познат како К-15. Законскиот рок за исплата трае до 31 декември годинава.

Износот на К-15 во приватниот сектор не е однапред фиксиран, туку зависи од периодот во кој работодавачот ќе донесе одлука за исплата. Основицата за пресметка е просечната месечна нето-плата по работник во земјава, исплатена во последните три месеци пред денот на исплатата.

Според правилата, регресот за годишен одмор може да изнесува најмалку 40 проценти, а најмногу 100 проценти од просечната исплатена нето-плата во државата, со можност за одредени исклучоци.

Доколку работодавач од приватниот сектор овој месец одлучи да исплати К-15, минималниот износ би бил 19.116 денари, додека највисокиот износ би достигнал 47.790 денари.

Оваа сума е пресметана врз основа на просечните нето-плати за февруари, март и април 2026 година. Во февруари просечната нето-плата изнесувала 46.159 денари, во март 48.433 денари, а во април 48.779 денари. Просекот од овие три месеци е околу 47.790 денари, па минималниот К-15 изнесува 40 проценти од таа основица.

За разлика од приватниот сектор, во јавниот сектор износот на К-15 е фиксен. Тој изнесува 30 проценти од просечната плата во претходната година. Бидејќи просечната плата за 2025 година изнесувала 45.566 денари, регресот за годишен одмор во јавниот сектор за годинава изнесува 13.670 денари.

Право на К-15 имаат вработените кои имаат најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај истиот работодавач во текот на календарската година.

Работодавачите може да исплатат и повисок износ, доколку тоа е предвидено со колективен договор или со внатрешна одлука на компанијата.

Сепак, постојат и исклучоци. Компаниите кои работат со загуба или се соочуваат со финансиски потешкотии може, согласно законските и колективните одредби, да исплатат понизок износ или во одредени случаи да бидат ослободени од обврската. За тоа е потребна соодветна документација и одлуки усогласени со синдикатите.

Работодавачите од приватниот сектор кои нема да исплатат регрес за годишен одмор може да се соочат со казни до 4.000 евра. За правното лице е предвидена глоба од 2.000 до 3.000 евра, додека одговорното лице кај работодавачот може да плати казна од 500 до 1.000 евра.

Останато

НЛБ предупредува на лажни СМС пораки: Не отворајте сомнителни линкови

Објавено

на

НЛБ ги предупредува граѓаните на појава на лажни СМС пораки во кои се злоупотребуваат името и брендот на банката, со цел од корисниците да се приберат лични и банкарски податоци.

Во пораките, примателите се повикуваат да отворат линк и да внесат или потврдат лични податоци, информации од платежни картички или податоци поврзани со електронското и мобилното банкарство.

Од НЛБ апелираат корисниците да не кликаат на непознати и сомнителни линкови и да не внесуваат доверливи информации преку нив.

„НЛБ никогаш нема да побара од вас лозинка, ПИН или други доверливи податоци преку СМС линк“, посочуваат од банката.

Граѓаните се советуваат внимателно да ја проверат секоја порака и нејзиниот извор пред да споделат какви било податоци.

Ваквите пораки се форма на т.н. „smishing“ измама, односно обид преку СМС и лажен линк да се дојде до чувствителни податоци кои подоцна можат да бидат злоупотребени.

Од НЛБ порачуваат корисниците да бидат внимателни и навремено да ги заштитат своите лични податоци и финансиски средства.

Продолжи со читање

Останато

КБ Прво пензиско друштво со промени во Надзорниот одбор

Објавено

на

КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ја извести Македонската берза за промени во составот на Надзорниот одбор на Друштвото.

Согласно одлуките донесени од Собранието на акционери, за членови на Надзорниот одбор повторно се избрани Аленка Жнидаршич Крањц, Јанез Крањц и Анита Бислимовска, додека Кирил Јовановски е избран за нов независен член на Надзорниот одбор.

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС донела решенија со кои се одобрува изборот и реизборот на членовите, а нивниот мандат започнал на 4 август 2026 година.

Истовремено, на независниот член на Надзорниот одбор Душица Стевчевска-Србиноска ѝ престанал мандатот заклучно со 3 август 2026 година.

Согласно Решението на Централниот регистар од 6 август 2026 година, Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво сега го сочинуваат:

  1. Аленка Жнидаршич Крањц – член
  2. Маја Стевкова Штериева – член
  3. Јанез Крањц – член
  4. Анита Бислимовска – член
  5. Рок Папич – независен член
  6. Кирил Јовановски – независен член

Информацијата е објавена преку Македонската берза, согласно обврските за известување утврдени со Законот за хартии од вредност.

Продолжи со читање

Останато

Над 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји доаѓаат во Скопје на третото издание на MicroBalkans 2026

Објавено

на

Под мотото „Lending Reimagined“, на 24 и 25 септември Скопје ќе биде регионална точка за разговор за иднината на микрофинансирањето, кредитирањето, вештачката интелигенција и новите модели на финансирање. Како може да се продлабочи соработката меѓу банките, штедилниците и небанкарските финансиски институции? Зошто небанкарското микрофинансирање е важно за финансиската инклузија и економскиот развој? На кој начин дигитализацијата и вештачката интелигенција го трансформираат кредитирањето?

Ова се дел од клучните прашања што ќе бидат во фокусот на третото издание на меѓународната конференција MicroBalkans 2026, која на 24 и 25 септември во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје ќе собере повеќе од 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји.

Под мотото „Lending Reimagined “, конференцијата ќе ги обедини финансиските институции, регулаторите, експертите, инвеститорите, компаниите и иноваторите во разговор за промените што веќе ја обликуваат финансиската индустрија – од дигитализацијата на кредитирањето и примената на вештачката интелигенција, до пристапот до капитал, европската регулатива и развојот на одговорни, одржливи и поинклузивни финансиски решенија.

Свои воведни обраќања на конференцијата ќе имаат гувернерот на Народната банка на Северна Македонија и министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, а се очекува учество и на други истакнати претставници и реномирани експерти од финансискиот сектор од регионот и Европа.

Активно учество ќе земат и небанкарските и микрокредитните институции од земјите на Западен Балкан, членки на Алијансата, со што дополнително се потврдува регионалниот карактер и значењето на MicroBalkans 2026 како платформа за размена на искуства, регионална соработка и развој на финансискиот сектор.

Конференцијата ја организираат Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и штедилниците, во партнерство со Western Balkans Alliance и European Microfinance Network.

„Финансискиот сектор веќе не разговара дали ќе се трансформира, туку колку брзо и одговорно ќе го направи тоа. MicroBalkans сака Скопје да биде едно од местата каде што ќе се води тој разговор – меѓу банките, штедилниците, небанкарските финансиски институции, микрокредитните институции, регулаторите, инвеститорите и останатите чинители кои можат заеднички да создаваат подобар пристап до финансии и поконкурентен финансиски сектор“, истакнуваат организаторите.

Од вештачка интелигенција до нови модели на финансирање

Во текот на дводневната програма, преку панел-дискусии, работилници и експертски сесии, MicroBalkans 2026 ќе отвори дел од најактуелните прашања што ја определуваат иднината на финансискиот сектор.

Во фокусот ќе бидат дигитализацијата на кредитирањето, примената на вештачката интелигенција и новите технологии, пристапот до капитал, новите модели на финансирање за микро, мали и средни претпријатија, регулаторните промени на европско ниво и одговорното дигитално задолжување.

Еден од важните фокуси ќе биде финансиската инклузија – како финансиските услуги да станат подостапни и како микрофинансирањето, во соработка со банкарскиот сектор, може да придонесе за развојот на претприемништвото, малите бизниси и локалните економии.

Скопје како точка на регионалниот финансиски дијалог

MicroBalkans 2026 има амбиција да биде простор на кој регионалното искуство ќе се сретне со европските финансиски трендови и во кој различните делови од финансискиот екосистем ќе можат директно да разговараат за конкретни решенија, партнерства и идни модели на соработка.

Конференцијата е наменета за претставници на небанкарските финансиски институции, микроекредитните институции, штедилниците, банките, микро, мали и средни претпријатија, финтек и ИТ компании, инвеститори, развојни финансиски институции, регулатори и други релевантни чинители.

MicroBalkans 2026 не е само конференција за финансискиот сектор. Тоа е регионална платформа за креирање на иднината на кредитирањето – поинклузивна, подигитална, поодржлива и подобро поврзана со европскиот финансиски пазар.

Пријавувањето за учество е отворено. За повеќе информации, програмата и регистрација, заинтересираните можат да ја посетат официјалната веб-страница на MicroBalkans 2026 и официјалните профили на конференцијата на социјалните мрежи.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange