Connect with us

Останато

ЕУ го одобри почетокот на преговорите за укинување на роаминг трошоците со земјите од Западен Балкан

Објавено

на

Советот на Европската Унија денеска го одобри отворањето на преговорите за укинување на дополнителните роаминг надоместоци меѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

По оваа одлука, Европската комисија ќе започне разговори за посебни секторски договори со секоја од земјите од регионот, со цел нивно приклучување кон европската зона „Роам како дома“ (Roam Like at Home – RLAH).

Овој систем им овозможува на корисниците да телефонираат, испраќаат пораки и користат мобилен интернет додека патуваат во странство без дополнителни роаминг трошоци, под исти услови како во својата матична земја. Во моментов, зоната ги опфаќа земјите-членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Молдавија и Украина.

Пред да станат дел од оваа зона, земјите од Западен Балкан ќе треба целосно да ги усогласат и применат правилата на ЕУ во областа на роамингот. Европската комисија ќе ја оценува усогласеноста и, доколку условите се исполнети, ќе потврди дека земјата е подготвена за приклучување.

Со овој процес ќе се формализираат и постојните доброволни договори меѓу дел од мобилните оператори од ЕУ и Западен Балкан, кои веќе нудат намалени роаминг цени за патувања меѓу двата региона.

Инаку, граѓаните на земјите од Западен Балкан веќе користат пониски тарифи за мобилни услуги во рамките на регионот благодарение на регионалниот роаминг-договор, кој стапи во сила во 2019 година.

Останато

МФ: За првпат национална сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор

Објавено

на

Министерството за финансии за првпат ќе организира национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со што се воведува и национална сертификација за оваа професионална функција.

Од Министерството оценуваат дека ова е важен чекор во зајакнувањето на системот на внатрешна финансиска контрола и во професионализацијата на ревизорските единици во јавните институции.

Спроведувањето на испитот, како што посочуваат, треба да придонесе за поголеми капацитети на единиците за внатрешна ревизија, но и за поодговорно, законско и транспарентно работење на институциите.

Од Министерството нагласуваат дека националната сертификација е дел и од активностите за зајакнување на механизмите за спречување на корупцијата и подобрување на контролата во јавниот сектор.

Воведувањето на националниот испит е значајно и во контекст на евроинтегративниот процес. Со неговото организирање се исполнува дел од препораките на Европската Унија во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а истовремено се придонесува и кон реализација на обврските од Реформската агенда.

Материјалите за подготовка, како и испитните прашања, веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.

Тие се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.

Министерството најавува дека во следниот период дополнително ќе информира за роковите и останатите чекори поврзани со организирањето и спроведувањето на испитот.

Продолжи со читање

Останато

Привремено недостапни телефонските линии на Контакт центарот на УЈП

Објавено

на

Управата за јавни приходи информира дека телефонските линии на Контакт центарот се привремено недостапни, а во тек се активности за отстранување на причините за прекинот.

Од УЈП посочуваат дека во моментов не се во функција телефонските броеви 198, 02/3253-200 и 0800 33 000, при што последниот број е достапен само од фиксни оператори.

До повторното воспоставување на телефонските линии, граѓаните и даночните обврзници се упатуваат да ги користат останатите канали за комуникација.

Физичките лица можат да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП според адресата, додека правните лица според седиштето на компанијата. За информации е достапна и електронската адреса [email protected].

Од Управата за јавни приходи им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и најавуваат дека се преземаат активности за нормализирање на работата на Контакт центарот.

Продолжи со читање

Останато

Министерството за финансии и ДЗР ја зајакнуваат соработката за контрола на јавните средства

Објавено

на

Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија ќе ја продлабочат меѓусебната соработка со цел поефикасна контрола, поголема транспарентност и подобра заштита на јавните средства. Меморандум за соработка потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Со договорот се воспоставува рамка за поинтензивна размена на знаења, податоци и искуства меѓу двете институции, како и за унапредување на професионалните капацитети и примената на европските стандарди во управувањето и контролата на јавните финансии.

Димитриеска-Кочоска оцени дека соработката ќе создаде поцврста институционална основа за спречување и откривање неправилности, измами и коруптивни дејствија.

Според неа, целта е секој денар од домашниот буџет и секое евро од европските фондови да бидат користени законски, наменски и одговорно, во интерес на граѓаните.

Ацевски, пак, истакна дека Меморандумот треба да придонесе за подобра институционална координација, примена на меѓународните ревизорски стандарди и поефикасно функционирање на АФКОС-мрежата за заштита на финансиските интереси.

Соработката ќе опфати организирање работни средби, конференции, семинари и обуки. Вработени од ДЗР ќе можат да учествуваат како предавачи на обуките во Академијата за јавни финансии, додека експерти од Министерството за финансии ќе бидат вклучени во програмите за стручно усовршување на ревизорите.

Предвидена е и размена на стручна литература, сметководствени и ревизорски стандарди, методолошки прирачници, програми за ревизија, конечни ревизорски извештаи и акциски планови.

Од Министерството информираат дека иницијативата е заснована на практиките во земјите-членки на Европската унија, а дел од активностите ќе бидат насочени и кон подигнување на јавната свест за препознавање и спречување неправилности и измами.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange