Анализи
Горивата во ЕУ и натаму поскапи од лани, најголем раст во Бугарија
Цените на горивата за личен превоз во Европската Унија во јуни 2026 година биле за 13,7 отсто повисоки во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Евростат.
Иако цените продолжиле да растат на годишно ниво, поскапувањето било значително побавно отколку во претходните месеци. Во април годишниот раст изнесувал 20,8 отсто, а во мај 20,7 отсто.
Најголемо годишно зголемување на цените на горивата во јуни било регистрирано во Бугарија, каде што тие поскапеле за 26 отсто. Следуваат Литванија со 23,5 отсто, Романија со 23,1 отсто, Финска со 22 отсто и Луксембург со 20,7 отсто.
Најмал раст е забележан во Унгарија, од 2,3 отсто, и во Полска, од 5,8 отсто. Во останатите земји членки поскапувањето се движело од 7,9 отсто во Шпанија до 18,6 отсто во Кипар.
Сепак, на месечно ниво е забележано намалување на цените. Во јуни дизелот во ЕУ поевтинил во просек за 6,4 отсто во споредба со мај, додека цената на бензинот се намалила за 4,2 отсто.
Цените на дизелот паднале во сите земји членки. Најголемо намалување било регистрирано во Чешка, од 11,3 отсто, потоа во Полска од 9,7 отсто и во Бугарија од 9,4 отсто.
Најмало намалување на дизелот имало во Унгарија, од 0,6 отсто, Италија од 1,4 отсто и Словенија од 1,6 отсто.
Кај бензинот, Кипар и Италија биле единствените земји во кои цените се зголемиле меѓу мај и јуни, за 0,7, односно 0,5 отсто. Во сите други земји бил забележан пад, а најголем во Шведска од 7,8 отсто, Белгија од седум отсто и Полска од 6,6 отсто.
Месечното поевтинување на бензинот и дизелот во најголем дел од земјите членки укажува на постепено стабилизирање на пазарот по периодот на силен раст на цените. Натамошните движења, сепак, ќе зависат од глобалните енергетски и геополитички околности.
Анализи
Златото се повлекува по силниот раст, но техничките изгледи остануваат позитивни
Цената на златото забележа пад во последното тргување, поттикнат од вообичаено прибирање на добивката по претходниот силен раст, покажува техничката анализа на Economies.com.
Со актуелното повлекување, златото се обидува да ги ублажи условите на прекумерна купеност на индексите на релативна сила. Овие показатели почнаа да испраќаат негативни сигнали, што би можело краткорочно да го ограничи нагорниот моментум.
Сепак, техничките изгледи и натаму остануваат позитивни, откако цената во претходното тргување ја проби главната надолна тренд-линија.
Златото продолжува да се движи и над 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, кој во моментов претставува динамично ниво на поддршка.
Според анализата, можноста за продолжување на нагорниот тренд останува присутна по завршувањето на тековниот корективен бран и повторното зајакнување на куповниот интерес.
Анализи
Јавниот долг на еврозоната порасна на 88,9 отсто од БДП, долгот на ЕУ надмина 15.700 милијарди евра
Јавниот долг на еврозоната на крајот од првиот квартал од 2026 година се зголемил на 88,9 отсто од бруто-домашниот производ, во споредба со 87,7 отсто на крајот од претходното тримесечје, покажуваат прелиминарните податоци на Евростат.
Раст на задолженоста е забележан и на ниво на целата Европска Унија, каде што учеството на јавниот долг во БДП се зголемило од 81,8 на 82,9 отсто.
Вкупниот јавен долг на земјите членки на ЕУ на крајот од март достигнал приближно 15.704,6 милијарди евра, додека долгот на земјите од еврозоната изнесувал околу 14.243,5 милијарди евра.
Во споредба со истиот период минатата година, долгот на еврозоната е зголемен за 1,7 процентни поени, од 87,2 отсто од БДП во првиот квартал од 2025 година. На ниво на ЕУ, зголемувањето изнесува 1,5 процентни поени, од 81,4 на 82,9 отсто од БДП.
Грција и натаму е најзадолжена земја членка, со јавен долг од 143,5 отсто од БДП. Следуваат Италија со 138,9 отсто, Франција со 117,6 отсто, Белгија со 109,1 отсто и Шпанија со 101,6 отсто. Тоа се единствените членки на ЕУ чиј јавен долг ја надминува вредноста на нивниот годишен БДП.
Најниско ниво на задолженост е регистрирано во Естонија, со 25,2 отсто од БДП, пред Данска со 26,8 отсто, Бугарија со 28,5 отсто и Луксембург со 29,2 отсто.
Во однос на крајот од 2025 година, јавниот долг е зголемен во 17 членки на ЕУ, намален во осум, додека во Летонија и Чешка останал непроменет.
Најголем квартален раст е забележан во Унгарија, од 3,1 процентен поен, по што следуваат Литванија со 2,9, Луксембург со 2,8, Ирска со 2,2 и Хрватска со 2,1 процентен поен.
Најголемо намалување остварила Грција, за 2,6 процентни поени, иако останала најзадолжената членка на Унијата. На годишно ниво, долгот е зголемен во 19, а намален во осум земји. Најголем раст е регистриран во Финска, за 5,5 процентни поени, додека Грција го намалила долгот за 9,4 процентни поени.
Најголемиот дел од јавниот долг на еврозоната, односно 84,3 отсто, се однесувал на должнички хартии од вредност. Кредитите учествувале со 13,2 отсто, а готовината и депозитите со 2,5 отсто.
Извор: Bankar.me
Анализи
Дали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
Замислете дека 20 години уплаќате дел од платата во приватен пензиски фонд, со ветување дека тоа ќе ви донесе поголема пензија. А потоа, слушате дека системот ќе се реформира, а вие може да останете без пензија или со многу мала пензија. Тоа не е хипотетичко сценарио, тоа веќе се случи во Унгарија, се случува во Полска, а од 2026 година почнува и во Литванија.
Прашањето сега тропа и на вратата на Македонија: Дали и ние сме пред нова пензиска реформа која би можела да го укине или суштински да го намали вториот пензиски столб? Дебатата веќе е отворена. Но пред да прашаме „дали да се укине”, треба да прашаме нешто потешко: кој всушност е виновен што системот стигна до оваа точка, дали самата идеја за втор столб или начинот на кој со неа се управувало последните 20 години?
Вториот пензиски столб влезе во Македонија во 2006 година, како дел од реформа поддржана од Светската банка. Логиката звучеше убедливо: наместо целиот придонес да оди во државниот пензиски фонд, дел од него се пренасочува кон индивидуална сметка која се инвестира преку приватни фондови. Со текот на годините, тие инвестиции требаше да „пораснат” и да донесат повисока пензија.
На хартија, елегантно решение. Во пракса приказната се покажа далеку покомплицирана.
Најконтроверзен пример во Европа за тоа колку бурна може да биде ваквата реформа е Унгарија. По финансиската криза во 2008 година, буџетот на Виктор Орбан пукаше по шевовите – висок дефицит, растечки јавен долг. Владата пресуди дека вториот столб е дел од проблемот, односно дека секој денар префрлен во приватен фонд е денар помалку во државната каса за исплата на тековните пензии.
Решението беше драстично. Во 2010–2011 година, граѓаните се најдоа пред избор да се вратат се во државниот систем или да останат приватно, но со ризик да изгубат дел од правата на државна пензија. Резултатот? Над 95% од луѓето се вратија. Државата, во суштина, го поврати системот преку задната врата.
Мислењата и денес се поделени. Критичарите велат дека тоа била прикриена национализација на приватна заштеда, спроведена набрзина, без вистинска јавна расправа. Поддржувачите тврдат дека вториот столб никогаш не ги исполнил ветените приноси, а транзициските трошоци за државата биле преголеми за да се игнорираат. Заедничко за двете страни е фактот што никој не тврди дека Унгарија денес има совршен систем. Само дека буџетскиот притисок веднаш попуштил без гаранција дека проблемот е трајно решен.
Унгарија не е осамен случај, само е најгласниот. Полска во 2013–2014 година префрли голем дел од средствата во државни обврзници, суштински намалувајќи го значењето на вториот столб. Владата рече дека системот вештачки го надувува јавниот долг, додека опозицијата возврати дека станува збор за козметичко чистење на буџетската статистика. Спорот дури заврши и пред Уставниот суд.
Естонија тргна по поинаков пат – не укинување, туку слобода на избор. Секој граѓанин сега може сам да одлучи дали сака да штеди преку пензиски фонд или на свој начин.
Литванија, почнувајќи од 2026 година, го укинува автоматското запишување во системот. Проблемот таму не биле приносите, туку самиот принцип – луѓето биле вклучувани без реален избор.
Хрватска нуди нешто поразлично, а тоа е право на пензионерите да изберат меѓу комбиниран модел и целосно враќање во првиот столб, откако се покажа дека многумина всушност добиваат пониска комбинирана пензија отколку што би имале само во јавниот систем.
Различни земји, различни лекови, но иста дијагноза! Приватните пензиски фондови отвораат дупка во јавниот пензиски систем, бидејќи парите што одат кон нив недостасуваат таму каде што веднаш се потребни, за исплата на сегашните пензионери.
Истата дупка постои и во ПИОМ. Но, важно е да се биде чесен и да се признае дека таа дупка не е предизвикана само од вториот столб. Таа расте и поради зголемувањето на пензиите, стареењето на населението, сѐ помалиот број вработени на еден пензионер и подолгиот животен век. Со други зборови, вториот столб е дел од сметката, но не е целата сметка.
Не постои едноставен одговор и секој што ќе понуди готово решение веројатно поедноставува. Задолжителните пензиски фондови денес управуваат со милијарди евра што се лична, индивидуална сопственост на осигурениците. Нагло укинување не е техничко прашање и носи сериозни правни, финансиски и политички последици, слично на она што го виде Унгарија.
Вистинското прашање пред Македонија не смее да биде само „Да се укине или не”. Прашањето мора да гласи: “Што точно ќе се случи со идните пензии, со буџетот и со правата на осигурениците ако до реформа сепак дојде?”
(Продолжува…)
Автор: Филип Чижбановски.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
-
Банкипред 2 месециХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 1 месецФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?



