Connect with us
no baners

Останато

УЈП ја објави новата листа на должници: Над 5.000 фирми и граѓани должат речиси 12 милијарди денари

Објавено

на

Управа за јавни приходи ја објави најновата листа на должници, која ги опфаќа долговите доспеани заклучно со 31 јануари 2026 година, а неплатени до 30 април 2026 година.

Според објавените податоци, на листата се наоѓаат вкупно 5.018 должници, а вкупниот нето-долг за даноци и придонеси изнесува 11,938 милијарди денари.

Од претходната листа повторно се појавуваат 4.811 должници. Кај 3.091 од нив долгот е зголемен за дополнителни 177 милиони денари, додека 262 должници успеале да го намалат долгот за вкупно 207 милиони денари. Кај 1.458 должници состојбата останала непроменета.

На новата листа се најдоа и 207 нови должници, со вкупен долг од 418 милиони денари. Од УЈП најавуваат дека во следната објава ќе бидат доставени информации и за преземените мерки за наплата кон овие субјекти.

Во меѓувреме, 165 должници од претходната листа повеќе не се дел од новата објава, а нивниот вкупен долг изнесувал 257 милиони денари.

УЈП информира дека на листата се објавени и информации за преземени мерки за наплата кај 421 даночен должник, нагласувајќи дека тоа не претставува даночна тајна согласно Законот за даночна постапка и има цел да обезбеди поголема транспарентност.

Целата листа на должници е достапна на веб-страницата на УЈП.

Бизнис

Иуте Македонија партнер на Generalka Weekend: финансискиот тим во акција за почиста животна средина

Објавено

на

Иуте Македонија активно се вклучи во националната еколошка акција Generalka Weekend, каде компанијата го предводеше тимот за финансии и заедно со бројни волонтери придонесе кон почиста и поздрава животна средина.

Од компанијата истакнуваат дека акцијата не значела само расчистување на јавни површини, туку и поттикнување на тимски дух, заедништво и општествена одговорност. Во активностите учествувале вработени од различни градови, млади волонтери, институции, компании и организации, обединети околу заедничка цел – создавање подобра иднина.

„Заедно со нашите пријатели од Man And Mountain, колеги од различни градови, илјадници волонтери, институции, компании, училишта и луѓе со иста визија, уште еднаш си потврдивме дека најубавите промени се случуваат кога добрата енергија се споделува и кога сите придонесуваат со мал дел од себе“, велат од Иуте Македонија.

Посебен акцент беше ставен на вклучувањето на младите и средношколците, кои, според Иуте Македонија, се двигатели на идните позитивни промени и носители на еколошката свест.

„Посебно нè радува што нѝ се приклучија многу средношколци и млади луѓе, затоа што токму таму почнуваат најважните промени, а тие се генерацијата која ќе ја наследи иднината што денес ја создаваме“, додаваат од Иуте Македонија.

Од Иуте посочуваат дека преку иницијативата „Растеме заедно“, започната пред две години, компанијата продолжува да ја развива својата стратегија за општествена одговорност и поддршка на проекти поврзани со заштита на животната средина и локалната заедница.

„Приказната што ја започнавме пред две години со „Растеме заедно“ денес добива нова сила, нова димензија и уште поголемо значење“, заклучи за крај компанијата.

Продолжи со читање

Останато

УЈП испрати над 860.000 даночни пријави, граѓаните имаат рок до 31 мај за потврда

Објавено

на

Управа за јавни приходи информира дека за 2025 година се изготвени вкупно 862.896 однапред пополнети годишни даночни пријави (ДЛД-ГДП), во законскиот рок до 30 април 2026 година.

Институцијата соопшти дека граѓаните ќе добијат известување преку профилот на системот „МојДДВ“ или на електронската пошта што ја имаат регистрирано.

Секое физичко лице кое остварило приход во 2025 година има обврска да ја провери, потврди или коригира пријавата најдоцна до 31 мај 2026 година. Увидот во податоците се врши преку платформата „е-Даночни услуги“, додека лицата кои сè уште не се регистрирани треба да го сторат тоа во најкраток можен рок.

Од УЈП појаснуваат дека по истекот на рокот, непотврдените пријави ќе се сметаат за конечни, а коригираните ќе бидат предмет на одобрување од службено лице.

Воедно, граѓаните кои имаат повеќе платен данок имаат можност да побараат поврат преку самата пријава.

Од институцијата апелираат навремено да се проверат внесените податоци, бидејќи тие се користат и при издавање уверенија и за остварување права пред други институции.

Продолжи со читање

Останато

Димитриеска Кочоска: Баланс меѓу штедење и раст – клучен предизвик за фискалната политика

Објавено

на

Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со предизвик да го усогласи намалувањето на буџетскиот дефицит со потребата од економски раст, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Говорејќи на стручната расправа „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија“, организирана од Фискален совет во Македонска академија на науките и уметностите, таа нагласи дека за стабилна економска политика се неопходни внимателно управување, силни институции и доследно почитување на фискалните правила.

Во пресрет на новата Фискална стратегија за периодот 2027–2031 година, министерката истакна дека документот има за цел да обезбеди стабилен и предвидлив фискален курс, без да се нарушат економската активност и социјалната сигурност.

Според проекциите, буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува – од 3,5 проценти од БДП во 2027 година, на 3 проценти во 2028 година, а потоа на 2,8 проценти во 2029 година, ниво кое ќе се задржи до 2031 година.

Димитриеска Кочоска посочи дека Владата ќе спроведува мерки и на приходната и на расходната страна, со фокус на подобрување на наплатата, намалување на сивата економија и рационализација на трошоците. Паралелно, ќе се работи на поголема транспарентност, подобра контрола на јавните набавки и приоритизација на капиталните инвестиции.

Таа нагласи дека фискалните правила се клучен инструмент за одржување стабилност и доверба во економијата, а улогата на Фискалниот совет е значајна за следење на ризиците и зајакнување на фискалната дисциплина.

Во рамки на расправата беа отворени и теми поврзани со ефикасноста на јавната потрошувачка, одржливоста на јавниот долг и влијанието на фискалните правила врз економските резултати.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange