Connect with us

Банки

Сите банки во земјава приклучени на СЕПА: полесни и поевтини трансфери во евра

Објавено

на

Народна банка на Република Северна Македонија информира дека целиот банкарски сектор во земјава е целосно вклучен во шемата за кредитни трансфери на Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, откако и последната банка се приклучи на системот.

Со ова, како што наведуваат од централната банка, се заокружува процесот на интеграција на домашниот платен систем во европскиот платен простор. Очекувањата се дека тоа ќе придонесе за побрзи, поефикасни и потранспарентни прекугранични плаќања за граѓаните и компаниите.

Целосното приклучување на банките значи и поширока достапност на услугите поврзани со СЕПА, како и зголемена конкуренција на пазарот на платежни услуги. Според Народната банка, тоа треба да доведе до намалување на трошоците за трансакции и подобрување на условите за компаниите, особено за оние што активно соработуваат со земјите од Европската Унија и другите членки на СЕПА.

Од институцијата посочуваат дека во соработка со банките и другите чинители ќе продолжат активностите за модернизација на платежната инфраструктура и усогласување со европските стандарди. Во наредниот период се најавува и дополнително проширување на учеството на домашните институции во останатите шеми на СЕПА, со цел обезбедување современи и сигурни платежни услуги.

Банки

Народната банка и Хрватската народна банка разменуваа искуства за надзорот на платежните услуги

Објавено

на

Во Народната банка од 21 до 24 септември се одржа четиридневна работилница посветена на супервизијата над платежните услуги, на која експерти од Хрватската народна банка и претставници на домашната централна банка разменуваа искуства и практики од оваа област.

Работилницата се одржа во рамки на билатералната мерка „Payment Services Supervision“, како дел од Програмата за зајакнување на капацитетите на централните банки во Западен Балкан.

Главниот фокус беше ставен на супервизијата и надзорот над давателите на платежни услуги и издавачите на електронски пари, како и на практичната примена на европската регулаторна рамка.

Меѓу темите за кои се разговарало биле теренската и вонтеренската супервизија, засилената автентикација на корисниците, заштитата на средствата на корисниците, информирањето на корисниците на платежни услуги, како и актуелните регулаторни и супервизорски прашања.

Според Народната банка, размената на конкретни примери и искуства од супервизорската работа треба да придонесе за натамошно унапредување на домашните практики за надзор, особено во услови на брз развој на платежниот сектор и појава на нови платежни услуги и деловни модели.

Соработката со Хрватската народна банка ќе продолжи и во наредниот период преку дополнителни активности за размена на практични знаења и зајакнување на капацитетите во областа на супервизијата над платежните услуги.

Продолжи со читање

Банки

Британските банки првпат префрлија токенизирани депозити меѓу различни банки

Објавено

на

Водечките британски банки ги реализираа првите трансакции со клиенти во кои токенизирани депозити биле префрлени меѓу различни финансиски институции преку заедничка дигитална инфраструктура. Станува збор за значаен чекор во примената на блокчејн и програмски платежни технологии во секојдневното банкарство.

Трансакциите се спроведени во рамки на иницијативата „Great British Tokenised Deposit“, координирана од UK Finance, во која учествуваат Barclays, HSBC UK, Lloyds Banking Group, Monzo, Nationwide, NatWest и Santander. Платформата е развиена од технолошката компанија Quant.

Во првата фаза биле реализирани две трансакции поврзани со рефинансирање станбени кредити. Средствата биле привремено „заклучени“ на сметките на клиентите и автоматски ослободени по исполнување на условите за завршување на трансакцијата, со што се намалуваат рачните проверки и можните доцнења при порамнувањето.

Технологијата овозможува средствата да останат на сметката на клиентот сè до моментот на реализација на трансакцијата, што значи дека клиентот може да продолжи да добива камата додека парите чекаат пренос.

Во рамки на проектот бил тестиран и модел за плаќање при купопродажба преку онлајн платформи. Парите на купувачот се задржуваат на неговата сметка и се префрлаат на продавачот дури откако ќе биде потврдено дека производот е предаден, што може да го намали ризикот од измама.

Токенизираните депозити не се криптовалута, туку дигитална форма на класичните банкарски депозити. Тие ги задржуваат правната и регулаторната заштита на традиционалните депозити, но овозможуваат плаќањата да бидат програмирани и автоматски да се извршат кога ќе се исполнат однапред утврдени услови.

Според UK Finance, пошироката примена на ваквиот модел би можела да донесе побрзи и поефикасни плаќања, поголема контрола на клиентите врз средствата и намален ризик од измами. Сепак, станува збор за пилот-проект, а услугата засега не е достапна за сите корисници.

Во следната фаза се планира тестирање на порамнување дигитални средства, при што банките ќе испробаат и издавање дигитални должнички инструменти што ќе се тргуваат и порамнуваат со користење токенизирани депозити.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка нуди кредит за млади на возраст од 18 до 35 години

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје ја промовира својата кредитна понуда наменета за млади лица на возраст од 18 до 35 години.

Станува збор за „Кредит за млади со обезбедување“, производ наменет за корисници кои сакаат финансиска поддршка за нови планови, вложувања или други лични потреби.

Од Банката посочуваат дека кредитот е осмислен како можност за младите полесно да направат следен чекор кон реализација на своите цели, стекнување нови искуства и создавање нови можности.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Стопанска банка.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange