Банки
Миловиќ на MicroBalkans 2026: Квалитетната ИТ-архитектура е основа за успешно дигитално банкарство
Никола Миловиќ, советник на Управниот одбор на АЛТА банка АД Битола, учествуваше на регионалната конференција „MicroBalkans 2026 – Lending Reimagined“, која се одржува во Скопје и обединува претставници на финансискиот сектор од земјите од Западен Балкан и пошироко.
Миловиќ беше дел од панел-дискусијата „Digital Lending in Practice: What Actually Works in Our Markets“, посветена на практичната примена на дигитализацијата во финансискиот сектор и на решенијата што даваат конкретни резултати на регионалните пазари.
Во своето излагање тој посочи дека успешната дигитализација започнува со квалитетна ИТ-архитектура, која претставува основа за развој на современи банкарски производи и услуги.
Според Миловиќ, дигитално достапните производи и автоматизираните процеси овозможуваат побрза обработка на барањата и поефикасно обезбедување услуги, истовремено создавајќи можност понудата подобро да се приспособи на индивидуалните потреби на клиентите.
Посебен акцент беше ставен и на таканаречениот „среден пат“ меѓу традиционалното и целосно дигиталното банкарство. Станува збор за пристап кој ги комбинира современите технологии со непосредната поддршка од банкарските вработени, со цел клиентите полесно да ги прифатат и користат дигиталните услуги.
Ваквиот модел, како што беше истакнато на панелот, може да има значајна улога во градењето доверба во новите технологии, особено кај корисниците на кои им е потребна дополнителна поддршка при преминот кон дигитално банкарство.

Миловиќ неодамна се приклучи на тимот на АЛТА банка, носејќи повеќе од две децении искуство во банкарството, дигиталната трансформација и стратешкиот развој. Од Банката очекуваат неговото искуство да придонесе кон понатамошниот развој и позиционирање на АЛТА банка на македонскиот пазар.
Банки
Британските банки првпат префрлија токенизирани депозити меѓу различни банки
Водечките британски банки ги реализираа првите трансакции со клиенти во кои токенизирани депозити биле префрлени меѓу различни финансиски институции преку заедничка дигитална инфраструктура. Станува збор за значаен чекор во примената на блокчејн и програмски платежни технологии во секојдневното банкарство.
Трансакциите се спроведени во рамки на иницијативата „Great British Tokenised Deposit“, координирана од UK Finance, во која учествуваат Barclays, HSBC UK, Lloyds Banking Group, Monzo, Nationwide, NatWest и Santander. Платформата е развиена од технолошката компанија Quant.
Во првата фаза биле реализирани две трансакции поврзани со рефинансирање станбени кредити. Средствата биле привремено „заклучени“ на сметките на клиентите и автоматски ослободени по исполнување на условите за завршување на трансакцијата, со што се намалуваат рачните проверки и можните доцнења при порамнувањето.
Технологијата овозможува средствата да останат на сметката на клиентот сè до моментот на реализација на трансакцијата, што значи дека клиентот може да продолжи да добива камата додека парите чекаат пренос.
Во рамки на проектот бил тестиран и модел за плаќање при купопродажба преку онлајн платформи. Парите на купувачот се задржуваат на неговата сметка и се префрлаат на продавачот дури откако ќе биде потврдено дека производот е предаден, што може да го намали ризикот од измама.
Токенизираните депозити не се криптовалута, туку дигитална форма на класичните банкарски депозити. Тие ги задржуваат правната и регулаторната заштита на традиционалните депозити, но овозможуваат плаќањата да бидат програмирани и автоматски да се извршат кога ќе се исполнат однапред утврдени услови.
Според UK Finance, пошироката примена на ваквиот модел би можела да донесе побрзи и поефикасни плаќања, поголема контрола на клиентите врз средствата и намален ризик од измами. Сепак, станува збор за пилот-проект, а услугата засега не е достапна за сите корисници.
Во следната фаза се планира тестирање на порамнување дигитални средства, при што банките ќе испробаат и издавање дигитални должнички инструменти што ќе се тргуваат и порамнуваат со користење токенизирани депозити.
Банки
Стопанска банка нуди кредит за млади на возраст од 18 до 35 години
Стопанска банка АД – Скопје ја промовира својата кредитна понуда наменета за млади лица на возраст од 18 до 35 години.
Станува збор за „Кредит за млади со обезбедување“, производ наменет за корисници кои сакаат финансиска поддршка за нови планови, вложувања или други лични потреби.
Од Банката посочуваат дека кредитот е осмислен како можност за младите полесно да направат следен чекор кон реализација на своите цели, стекнување нови искуства и создавање нови можности.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Стопанска банка.
Банки
Славески: Иновациите во кредитирањето мора да одат рака под рака со одговорноста и заштитата на клиентите
Небанкарското кредитирање во Македонија во последните пет години бележи значително побрз раст од банкарското, но неговиот удел во финансискиот систем и натаму останува релативно мал. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на конференцијата „Микробалканс 2026 – Кредитирањето од нова перспектива“, одржана во Скопје.
Според податоците што ги презентираше Славески, во периодот од 2020 до 2025 година кредитирањето од финансиските друштва и лизинг-компаниите растело со просечна годишна стапка од 22,3 проценти. За споредба, кредитирањето на банките кон компаниите и домаќинствата во истиот период се зголемувало со просечна годишна стапка од 9,6 проценти.
И покрај повисоките стапки на раст, небанкарските финансиски институции учествуваат со околу 2,5 проценти во вкупната актива на финансискиот систем. Македонскиот финансиски сектор и натаму е доминантно банкарски, при што банките располагаат со околу три четвртини од вкупната актива.
Славески оцени дека технолошкиот развој, поголемата достапност на податоци и појавата на нови деловни модели сè повеќе ја менуваат границата меѓу традиционалното банкарство и небанкарските финансиски услуги.
Тој посочи дека слични промени се забележуваат и глобално. Според податоците на Одборот за финансиска стабилност, во 2024 година небанкарскиот финансиски сектор во светот растел двојно побрзо од банкарскиот. Во Европската Унија, пак, небанкарските извори обезбедуваат речиси една четвртина од кредитирањето на нефинансиските компании.
Гувернерот предупреди дека поголемата употреба на технологијата не значи и исчезнување на традиционалните ризици поврзани со кредитирањето.
„Кредитниот ризик останува кредитен ризик, без оглед на тоа дали кредитот се одобрува во филијала или преку дигитална платформа“, рече Славески, нагласувајќи дека иновациите треба да бидат придружени со поголема транспарентност, одговорно кредитирање и соодветна заштита на клиентите.
Како дополнителен предизвик тој ги посочи киберризиците, кои стануваат сè поважни со забрзаната дигитализација на финансиските услуги. Според него, тоа бара постојано унапредување на системите за управување со ризици, како и на регулаторните и супервизорските практики.

Од Народната банка порачуваат дека нивната цел е финансискиот систем да остане стабилен и отпорен, но истовремено да овозможува развој на иновациите, конкуренцијата и новите модели на финансирање.
„Иднината на кредитирањето треба да значи попаметен, поинклузивен и поодговорен пристап кон кредитите“, порача Славески, додавајќи дека технолошкиот развој треба да создава нови економски можности без притоа да се нарушат финансиската стабилност и довербата на граѓаните и компаниите.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





