Connect with us

Останато

Дигиталното евро влегува во завршната фаза од преговорите во ЕУ

Објавено

на

Европскиот парламент и владите на земјите членки на Европската Унија влегуваат во завршната фаза од преговорите за воведување на дигиталното евро, при што меѓу најчувствителните прашања се распределбата на надоместоците и компензацијата за банките и давателите на платежни услуги.

Европскиот парламент во четвртокот во Стразбур ја потврди својата преговарачка позиција, со што европратениците добија зелено светло да ги започнат разговорите со земјите членки за начинот на кој ќе функционира дигиталното евро.

Дигиталното евро ќе претставува електронска форма на пари на централната банка, издадена и гарантирана од Европската централна банка. Неговата цел е да ги надополни готовината и постојните банкарски услуги, а не целосно да ги замени.

Корисниците ќе можат да чуваат дигитални евра во посебен електронски паричник, со ограничување на максималниот износ, кое допрва треба да биде утврдено.

Системот е предвидено да овозможува плаќања преку интернет, но и плаќања без интернет-врска. Се најавува и високо ниво на приватност, при што Европската централна банка нема да може директно да ги идентификува корисниците преку податоците од нивните трансакции.

ЕЦБ ќе ја обезбедува основната инфраструктура, додека комерцијалните банки и давателите на платежни услуги ќе им ги нудат услугите со дигитално евро на граѓаните.

Според извори вклучени во преговорите, најсложено ќе биде усогласувањето на моделот за компензација, односно кои финансиски институции ќе добиваат надомест, во колкав износ и на кој начин.

Преговорите ќе се водат и за распределбата на надоместоците во платежниот синџир. Се очекува трговците да плаќаат пониски провизии од оние што моментално ги плаќаат при трансакции со платежни картички.

Најинтензивниот дел од преговорите се очекува во текот на есента, а конечното одобрување на регулативата се предвидува до крајот на годината.

Според сегашните планови, пилот-програмата треба да започне во 2027 година, додека дигиталното евро би можело да стане достапно за секојдневни плаќања од 2029 година.

Бизнис

Германската индустрија се враќа во игра: Производството повторно расте и ги надмина очекувањата на пазарот

Објавено

на

Германската индустрија забележа подобри резултати од очекувањата во јуни, што претставува дополнителен сигнал за стабилизирање на најголемата европска економија во вториот квартал од годинава.

Според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, индустриското производство во јуни пораснало за 0,2% на месечно ниво, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од 0,1%. Истовремено, индустриските нарачки се зголемиле за 3,1%, иако растот главно се должи на неколку големи поединечни нарачки.

Позитивни сигнали пристигнаа и од надворешната трговија. Германскиот извоз во јуни се зголемил за 0,9% во однос на претходниот месец, значително над очекувањата од 0,2%, додека увозот пораснал за 4,4%.

Во првата половина од 2026 година, Германија извезувала 3,7% повеќе стоки во споредба со истиот период лани, а увозот е повисок за 4,4%. Извозот кон земјите членки на Европската Унија пораснал за 1,3%, додека испораките кон земјите надвор од ЕУ се зголемиле за 0,3%. Наспроти тоа, извозот кон САД бележи значителен пад од 14,2% на месечно ниво.

Податоците укажуваат дека германската индустрија постепено закрепнува, иако аналитичарите предупредуваат дека одржливоста на растот ќе зависи од идната побарувачка и глобалните економски услови.

Продолжи со читање

Анализи

Европјаните сè помалку трошат: ЕЦБ откри што најсилно ја погоди економијата

Објавено

на

Војната на Блискиот Исток значително ја намали довербата на потрошувачите во еврозоната и го забави економското закрепнување, предупредува Европската централна банка (ЕЦБ) во најновата анализа.

Според извештајот, индексот на доверба на потрошувачите во периодот од февруари до април се намалил за околу 12 поени, пад речиси споредлив со оној по почетокот на војната во Украина. Истовремено, годишниот раст на номиналната потрошувачка на домаќинствата се забавил од 3–4 проценти на околу 2,5 проценти во април 2026 година.

Најголемото намалување е забележано кај дискреционите трошоци, при што домаќинствата ги одложуваат купувањата на луксузна облека, обувки, спортска опрема, патувања и рекреативни услуги. Домаќинствата со повисоки приходи најмногу ја намалиле ваквата потрошувачка поради зголемената неизвесност, додека оние со пониски примања ги крателе трошоците за трајни добра, ресторани и кафулиња.

Единствената категорија со раст на трошоците останува енергијата, како резултат на повисоките цени на горивата и транспортот.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што околу 40 проценти од анкетираните граѓани сметаат дека нивните приходи нема целосно да ја надоместат изгубената куповна моќ поради инфлацијата. Според ЕЦБ, доколку овие очекувања се задржат, домаќинствата би можеле да продолжат да штедат наместо да трошат, што дополнително би го забавило економскиот раст во еврозоната.

Продолжи со читање

Бизнис

Трамп повторно под правен удар: 25 американски држави бараат укинување на новите царини

Објавено

на

Група од 25 американски сојузни држави, предводени од демократските гувернери, поднесе тужба против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, оспорувајќи ја законитоста на најновиот пакет царини воведен за увоз од 60 трговски партнери.

Тужбата е поднесена до Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк, при што државите тврдат дека претседателот ги надминал своите законски овластувања со воведувањето на широки увозни царини. Според нив, мерките претставуваат незаконско проширување на претседателските ингеренции во областа на трговската политика.

Спорните царини, кои изнесуваат 10 и 12,5 проценти, стапија во сила на 24 јули и се однесуваат на увоз од 60 трговски партнери, меѓу кои е и Европската Унија. Администрацијата на Трамп ги оправдува мерките со тврдењето дека засегнатите земји не преземаат доволно активности за спречување на увоз на производи изработени со принудна работа.

Ова е најновото во низата правни оспорувања на трговската политика на Трамп. Претходно, повеќе американски компании успеаја да издејствуваат судски одлуки против дел од неговите царински мерки, но администрацијата продолжи со воведување нови ограничувања.

Подносителите на тужбата наведуваат дека, иако американскиот закон дозволува воведување царини во одредени случаи, историски тие биле насочени кон конкретни земји или индустрии. Според нив, сегашниот широк пристап, кој опфаќа речиси целокупниот американски увоз, нема преседан и ги надминува законските рамки.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange