Connect with us

Анализи

Волстрит поделен: Dow Jones порасна, Apple го повлече Nasdaq надолу

Објавено

на

Nasdaq Composite забележа пад во четвртокот, и покрај силните квартални резултати на Micron Technology, откако инвеститорите се повлекоа од дел од водечките технолошки акции. Пазарот беше поделен, бидејќи компаниите надвор од секторот на вештачката интелигенција му дадоа поддршка на Dow Jones Industrial Average, кој во текот на тргувањето достигна нов историски рекорд.

Nasdaq ослабе за 0,6 отсто, додека S&P 500 се движеше околу нулата. Dow Jones, кој опфаќа 30 големи компании, порасна за 80 поени, односно за 0,2 отсто. Најголем придонес за растот на индексот дадоа акциите од здравствениот, финансискиот и индустрискиот сектор. Акциите на Johnson & Johnson и JPMorgan Chase пораснаа за повеќе од еден, односно два отсто, додека Caterpillar скокна за пет отсто.

Падот на Nasdaq го предводеше Apple, чии акции ослабеа за пет отсто, откако компанијата најави зголемување на цените на MacBook и iPad уредите. Од Apple посочија дека причината е растот на цените на компонентите, меѓу кои и чиповите. Акциите на Microsoft, пак, паднаа за речиси четири отсто, откако компанијата објави дека ги зголемува цените на конзолите Xbox.

Под притисок беа и други големи технолошки компании што користат полупроводници. Alphabet и Meta Platforms ослабеа за околу еден отсто. Дел од инвеститорите стравуваат дека повисоките цени на чиповите би можеле да ги намалат профитните маржи на големите технолошки компании.

Со растот на цените на мемориските чипови, Џед Елербрук од Argent Capital Management оцени дека „сè што купуваме, а е електронско и содржи полупроводници“, како телевизори и автомобили, би можело да поскапи.

„Мислам дека има прилично големи ефекти на прелевање од силната инфлација и од технолошките синџири на снабдување“, изјави портфолио-менаџерот. Сепак, според него, потрошувачите во моментов се доволно силни за да ги апсорбираат овие поскапувања.

Податоците за мајскиот индекс на цените на личната потрошувачка, кој е омилен показател за инфлацијата на американските Федерални резерви, покажаа дека главниот индекс пораснал за 0,4 отсто на месечно ниво, нешто помалку од очекуваните 0,5 отсто. На годишно ниво, индексот пораснал за 4,1 отсто, во согласност со очекувањата.

Кога ќе се исклучат променливите цени на храната и енергијата, базичниот PCE пораснал за 0,3 отсто на месечно и за 3,4 отсто на годишно ниво. И двата податока беа во согласност со прогнозите на економистите. Иако базичната инфлација достигна највисоко ниво од октомври 2023 година, инвеститорите реагираа со олеснување бидејќи бројките не беа повисоки, особено по растот на цените на енергијата предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток.

Приносите на американските државни обврзници благо се намалија. Приносот на референтната десетгодишна обврзница падна за повеќе од еден базичен поен, на 4,384 отсто.

„Инфлацијата е превисока, но не е надвор од контрола“, оцени Елербрук.

Поголем пад на пазарот спречи Micron, чии акции скокнаа за 14 отсто, откако производителот на чипови објави резултати за третиот фискален квартал што ги надминаа очекувањата на аналитичарите. Qualcomm, исто така од секторот на полупроводници, порасна за шест отсто, откако ги зголеми проекциите за приходите што не се поврзани со мобилните уреди за фискалната 2029 година.

Раст забележаа и други компании од секторот на чипови, меѓу кои Sandisk, Western Digital, KLA и Applied Materials, следејќи го позитивниот тренд во индустријата.

Анализи

Берзанските индекси на Волстрит без поголеми промени, Nasdaq повторно во плус

Објавено

на

Берзанските индекси на Волстрит во четвртокот завршија со мали промени, додека инвеститорите останаа внимателни поради растот на цените на нафтата и приносите на американските државни обврзници.

Dow Jones ослабе за 0,3 проценти, на 51.349,98 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет на 7.704,13 поени. Nasdaq Composite, исто така, заврши речиси без промена, на 26.939,37 поени.

Притисок врз пазарите создадоа повисоките приноси на обврзниците и поскапувањето на нафтата, кои повторно ги засилија стравувањата од подолготрајни инфлаторни притисоци и построга монетарна политика на американската централна банка. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници се искачи на околу 5,22 проценти.

Тргувањето во Азија во петокот исто така беше претпазливо, по мешаната сесија на Волстрит и продолжената неизвесност околу движењето на енергентите и каматните стапки.

Продолжи со читање

Анализи

Албанија подготвува станбен кредити со 0% камата и 100% финансирање

Објавено

на

Албанија подготвува нов модел за поддршка при купување стан, кој предвидува станбени кредити со субвенционирана камата, а за одредени категории и можност за целосно банкарско финансирање на вредноста на недвижноста.

Според најавите на албанската министерка за економија и иновации Делина Ибрахимај, една од предложените шеми предвидува купувачите на станови во вредност до 60.000 евра да можат да добијат кредит со каматна стапка од 0%. За станови поскапи од 60.000 евра, корисникот би плаќал камата до 3%, а државата би го субвенционирала делот над ова ниво.

За недвижностите над 60.000 евра се разгледува и можност банките да финансираат до 100% од вредноста на станот, односно купувачот да не мора да обезбеди сопствено учество. Максималната вредност на недвижностите што би биле опфатени со оваа мерка сè уште се разгледува, а како ориентир се споменува износ од околу 200.000 евра. Програмата треба да биде насочена кон млади лица на почетокот на кариерата, млади двојки и семејства.

Новите мерки сè уште се во подготовка. Албанските власти работат на законската рамка, а дел од новите шеми би можеле да започнат уште во ноември. Планирана е и поддршка за изнајмување станови, при што државата би покривала половина од киријата до одреден лимит.

Албанија веќе спроведува и конкретни програми со нулта камата. Во август беше отворен повик за 300 станбени кредити со 0% камата за вработени во јавната администрација кои ги исполнуваат условите за програмата.

Може ли ваков модел и во Македонија?

Албанскиот пример го отвора прашањето дали слична шема би можела да се примени и во Македонија, особено во услови на растечка побарувачка за станбени кредити.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во август станбените кредити во Македонија биле за 16,2% повисоки во споредба со истиот месец минатата година, додека на месечно ниво пораснале за 0,6%.

Сепак, евентуалното субвенционирање на станбените кредити отвора и друго важно прашање – дали дополнителното поттикнување на побарувачката, доколку понудата на нови станови не расте со исто темпо, би можело дополнително да влијае врз цените на недвижностите.

Во поширок економски контекст, S&P Global Ratings во септември го потврди суверениот кредитен рејтинг на Албанија на „BB“ со стабилен изглед. Агенцијата очекува раст на албанската економија од 3,4% во 2026 година и просечно околу 3% годишно во периодот 2027–2029.

За споредба, Северна Македонија кај S&P има рејтинг „BB-“ со стабилен изглед, односно едно ниво под Албанија.

Продолжи со читање

Анализи

Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари

Објавено

на

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули годинава изнесувала 48.499 денари, што претставува раст од 7,1 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, позначителен раст на платите е забележан во финансиските дејности и осигурувањето, каде зголемувањето изнесува 10,7 отсто. Кај снабдувањето со вода, управувањето со отпад и санацијата на околината растот е 10,4 отсто, додека кај дејностите со недвижен имот платите се зголемиле за 9,6 отсто.

Во споредба со јуни, просечната нето-плата во јули е повисока за 0,2 отсто. Најголемо месечно зголемување е забележано кај стручните, научните и техничките дејности од 4,3 отсто, потоа во трговијата и поправката на моторни возила од 3,2 отсто и во градежништвото од 2,3 отсто.

Највисока просечна нето-плата во јули е исплатена во секторот информации и комуникации и изнесувала 89.532 денари.

Следуваат финансиските дејности и осигурувањето со просечна плата од 69.191 денар, додека во рударството и вадењето камен просечната нето-плата изнесувала 59.258 денари.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange