Connect with us
no baners

Анализи

Раст на цените на горивата во ЕУ: дизелот поскапе до 19,8 отсто

Објавено

на

Цените на горивата во Европската унија бележат значителен раст во март, по неколкумесечен пад во повеќето земји членки, покажуваат податоците на Евростат.

Според статистиката, горивото и мазивата за личен транспорт на годишно ниво поскапеле за 12,9 отсто, при што речиси сите земји од ЕУ регистрирале зголемување на цените во споредба со истиот месец лани.

Најголем раст е забележан во Германија со 19,8 отсто, а следуваат Романија (19,6%), Холандија (18,8%), Летонија (18,5%) и Австрија (17,2%).

Од друга страна, пад на цените е забележан во Унгарија и Словенија, каде горивата поевтиниле за 2,7, односно 5,9 отсто на годишно ниво.

Кога станува збор за поединечните деривати, цената на дизелот во ЕУ пораснала за 19,8 отсто на годишно ниво, додека бензинот поскапел за 9,4 отсто. На месечно ниво, дизелот бележи раст од 19,1 отсто, а бензинот од 10,6 отсто.

Најголемо зголемување на цената на дизелот е регистрирано во Чешка и Шведска (27,6%), додека најмал раст има во Словенија (2,9%), како и во Словачка и Унгарија (по околу 7%).

Кај бензинот, највисоки поскапувања се забележани во Белгија (15,1%), Шведска (15%), Австрија (14,8%) и Чешка (14,6%).

Во меѓувреме, дел од земјите преземаат мерки за контрола на цените. Во Словенија, по укинувањето на дел од регулациите во март, цените пораснале, додека во некои случаи биле воведени и ограничувања за точење гориво поради таканаречениот „бензински туризам“.

И покрај растот на цените на европско ниво, во Хрватска владата одлучи привремено да ги намали малопродажните цени на горивата во наредниот период, со цел да го ублажи притисокот врз граѓаните.

Анализи

Најновите податоци од Народна банка покажуваат дека паричната маса расте, а кредитирањето се забрзува

Објавено

на

Паричната маса во земјава продолжува да расте, додека кредитната активност на банките бележи стабилно зголемување, покажуваат најновите податоци на Народна банка за март 2026 година.

Според соопштението, монетарниот агрегат М3 е зголемен за 1,7 проценти на месечно ниво, пред сè поради растот на краткорочните депозити. На годишна основа, пак, е забележан раст од 11,6 проценти, што главно се должи на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити.

Вкупните депозити во март се зголемени за 1,8 проценти во однос на претходниот месец, при што растот доаѓа исклучиво од корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата бележат благ пад. На годишно ниво, депозитите пораснале за 11,3 проценти, со поголем придонес од домаќинствата.

Кредитната активност исто така бележи раст. Вкупните кредити се зголемени за 1,4 проценти на месечно и за 13,1 проценти на годишно ниво, при што поголем дел од растот се должи на кредитирањето на корпоративниот сектор.

Кај компаниите, депозитите во март пораснале за 7,5 проценти на месечно ниво, додека кредитите бележат раст од 1,5 проценти. На годишна основа, кредитирањето на корпоративниот сектор е зголемено за 15 проценти.

Кај домаќинствата, депозитите се намалени за 0,4 проценти на месечно ниво, но на годишна основа и натаму растат со стапка од 11 проценти. Кредитите за домаќинствата бележат раст од 1,3 проценти месечно и 11,5 проценти на годишно ниво.

Анализирано според намената, потрошувачките и станбените кредити остануваат најзастапени и во март бележат раст од 1,2 и 1,5 проценти на месечно ниво, со годишен раст од 10,9 и 15,9 проценти.

Овие податоци укажуваат на стабилна банкарска активност и континуирано зголемување на штедењето и кредитирањето, што е значаен сигнал за движењата во домашната економија.

Продолжи со читање

Анализи

Волстрит во пад, неизвесноста околу Иран ги потресе пазарите

Објавено

на

Американските берзи забележаа пад во вторникот, додека инвеститорите стануваат сè попретпазливи поради неизвесноста околу можниот мировен договор меѓу САД и Иран, чија реализација е доведена во прашање пред истекот на примирјето.

Индексот S&P 500 се намали за 0,63 отсто, затворајќи на 7.064,01 поен, додека Nasdaq Composite ослабе за 0,59 отсто на 24.259,96 поени. Dow Jones Industrial Average изгуби 293,18 поени, односно 0,59 отсто, завршувајќи на 49.149,38 поени.

Зголемената загриженост дополнително ја поттикнаа извештаите на The New York Times и Axios, според кои патувањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на преговори со Иран било одложено поради недостиг на подготвеност на Техеран за компромис.

Ситуацијата дополнително ја искомплицира претседателот Доналд Трамп, кој најави можност за продолжување на примирјето, но и порача дека американската војска е подготвена за воена акција доколку не се постигне договор. Претходно во текот на денот, тој го обвини Иран дека повеќепати го прекршил прекинот на огнот.

На стоковите пазари, цените на нафтата го променија трендот по повеќедневниот пад. Американската нафта (WTI) порасна за 2,81 отсто на 92,13 долари за барел, додека Brent crude зајакна за 3,14 отсто на 98,48 долари.

Според Брајан Малбери од Zacks Investment Management, пазарот се соочува со длабока недоверба во однос на долгорочната одржливост на евентуален договор со Иран, имајќи ги предвид сложените политички и воени структури во земјата.

И покрај краткорочните потреси, дел од аналитичарите остануваат оптимисти. Силните квартални резултати на компаниите и очекуваниот двоцифрен раст на заработката и натаму обезбедуваат поддршка за пазарот, што укажува дека актуелниот пад би можел да биде привремен.

Потсетување дека во претходната недела S&P 500 и Nasdaq Composite достигнаа рекордни нивоа, поттикнати од надежите дека конфликтот на Блискиот Исток наскоро би можел да заврши. Воедно, Nasdaq ја прекина серијата од 13 последователни дена раст, најдолга од 1992 година.

Продолжи со читање

Анализи

Цените на нафтата паѓаат поради очекувања за продолжување на разговорите меѓу САД и Иран

Објавено

на

Цените на нафтата забележаа пад во вторникот, откако претходно пораснаа, поради очекувањата дека разговорите меѓу САД и Иран ќе продолжат оваа недела и ќе овозможат зголемен проток на нафта од клучниот регион на западна Азија.

Суровата нафта „Брент“ поевтини за 0,9 проценти и достигна цена од 94,62 долари за барел, додека американската нафта West Texas Intermediate (WTI) за мај падна за 1,2 проценти, на 86,36 долари.

Инвеститорите внимателно ја следат можноста разговорите да доведат до продолжување на постојното примирје или постигнување конечен договор, иако ризикот од нови судири и прекини во снабдувањето останува. Аналитичарите на ING посочуваат дека пазарите покажуваат одреден оптимизам во однос на исходот од преговорите.

Минатата недела вниманието беше насочено кон најавата на Техеран за отворање на Ормутскиот теснец, една од најважните рути за транспорт на нафта во светот. Според иранските власти, комерцијалните бродови добиле дозвола за слободен премин во рамки на договореното примирје, со координирани рути под надзор на морнарицата.

Примирјето, кое вклучува и деескалација на конфликтот меѓу Израел и Либан, беше најавено од американскиот претседател Доналд Трамп и првично е договорено за период од 10 дена со цел да се создадат услови за мировни разговори.

Сепак, тензиите повторно се зголемија откако САД најавија продолжување на поморската блокада, на што Иран одговори со повторно затворање на Oрмутскиот теснец. Инцидентите на море, вклучително и пресретнување на ирански брод, дополнително ја усложнуваат ситуацијата.

Аналитичарите предупредуваат дека неизвесноста останува висока, особено со приближувањето на истекот на примирјето, што може да доведе до нов бран конфликти во Персискиот Залив и дополнителни ценовни осцилации на нафтените пазари. Дополнителни податоци од OPEC покажуваат дека цената на кошничката нафта на земјите членки во петокот изнесувала 99,60 долари за барел, што е намалување од 5,19 долари.

Извор: Финансије.хр

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange